На мултимедијален настан, со изложба на слики, музички настап и книжевен осврт, на 17 декември (петок), со почеток во 19 часот, во НУ Центар за култура – Битола, ќе биде промовирана стихозбирката „Карши“ од авторката Маријана Котевска-Георгиева. Книгата, која е објавена на македонски и на англиски јазик, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Англиската верзија на стихозбирката, со наслов „Across from me“, е со превод на Никола Гелинчески.
Промотор на книгата ќе биде Иван Додовски, а паралелен осврт и на книгата и на изложбата ќе даде Владо Ѓоревски-Рафокот, историчар на уметност.
За време на промоцијата во НУ Центар за култура – Битола, ќе биде поставена изложба на Сандра Котевска, академска сликарка, магистер по ликовна уметност. Имено, таа е авторка на корицата и на илустрациите на внатрешните страници на книгата.
Специјален гостин на настанот ќе биде Бранислав Николов, вокалистот на групата „Фолтин“, кој ќе има интерактивен настап.
Збирката „Карши“ содржи 40 песни, поделени во шест глави. „Карши“ е книга за бескрајот на прапочетокот и на иднината кои дишат одеднаш, во исто време во стравот од крајот на мигот.
Кои сме ние наспроти (карши) другите: себеси, светот, животот воопшто? „Јас сум процес, не човек“, вели Котевска-Георгиева во една од песните од кои речиси како да отсуствува допирливата, материјална и практична егзистенција. Во нејзината метафизичка поезија постојано лебди чувството на немоќ да се пронајде и да живее вистината, ниту во себе, ниту во другиот. Таа лимитираност носи неизвесност и страв од мигот во кој се судираат два бескраја – оној на минатото и оној на иднината. Во нејзините длабоко чувствени стихови лесно се препознава секој, бидејќи стравот, бегството, треперењето и болката се состојби што читателот го допираат, го болат, го навраќаат, го будат... Преку евоцирање на некои од најдлабоките внатрешни пориви, овие стихови резонираат во нашата утроба, чувствувајќи ги и во грлото и во стомакот.
Книгата претходно беше промовирана и во Скопје, пред два месеца, со мултимедијален настан во Капан ан.
Стихозбирката „Карши“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, а ќе може да се набави и за време на промоцијата во НУ Центар за култура – Битола.