Во автентичниот амбиент на Капан ан, со мултимедијален настан што вклучуваше изложба, поетско читање, видеопроекции и музички настап, вчеравечер (3 октомври) беше промовирана новата збирка песни „Карши“ од Маријана Котевска-Георгиева.
Книгата, која е објавена на македонски и на англиски јазик, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Англиската верзија на стихозбирката, со наслов Across from me, е со превод на Никола Гелинчески. Кон делото се осврнаа промоторите Сузана В. Спасовска и Иван Додовски, а модераторка на настанот беше Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“. За англискиот препев и соработката со авторката зборуваше Гелинчески.
За време на промоцијата присутните можеа да ја погледнатизложбата на академската сликарка и магистер по ликовна уметност Сандра Котевска. Таа се претстави со делата што се најдоа на корицата и на внатрешните страници на книгата. Посебен белег на настанот остави специјалниот гостин Бранислав Николов, познат како вокалист на групата „Фолтин“, кој интерпретираше две песни од стихозбирката на Котевска-Георгиева.
Во своето обраќање, Котевска-Георгиева се задржа на две суштини што поезијата ги носи со себе. Првата суштина е онаа личната, која се остварува на релација автор-дело и дело-читател, а втората е адаптирачката или наследената суштина што е неизбежна во секоја форма на книжевност.
– Кога зборувам за првата суштина, зборувам за поезијата како жив организам. Релацијата што се остварува меѓу авторот и стихот е многу лична. Поезијата за поетот е скривалиште. Тука тој бега од она што е стандардно, општо прифатено, нормативно... и тука е на сигурно. Тоа е свет кој е забранет за другиот. Тој свет е толку интимен што во исто време е и ослободувачки. Тука поетот е сам и слободен. И токму заради тој импулс на слобода, што не може да влезе во никаква рамка – нормативна, општествена, социјална, затоа што е чиста форма на имагинација – поезијата има преживувачки или антиутописки карактер… Втората суштина е онаа што неизбежно се наследува. За нејзино дообјаснување би тргнала од палимпсестот. Во своето класично значење тоа е пергамент или хартија на која ѕиркаат сите слоеви на порано напишани ракописи. Со други зборови, ниеден автор, кога ќе седне да пишува, не седнува пред сосема бел и чист лист и никогаш не почнува од нула. Пред него е палимпсестот на севкупното наследено знаење, севкупното искуство за литературата. Предзнаењето на авторот, што е составен дел од неговиот идентитет, исто така е запишано на палимпсестот. Него само му останува да отскокне од морето ракописи – рече таа.
„Карши“ е книга за бескрајот на прапочетокот и на иднината кои дишат одеднаш, во исто време во стравот од крајот на мигот. Кои сме ние наспроти (карши) другите: себеси, светот, животот воопшто? „Јас сум процес, не човек“, вели Котевска-Георгиева во една од песните од кои речиси како да отсуствува допирливата, материјална и практична егзистенција. Во нејзината метафизичка поезија постојано лебди чувството на немоќ да се пронајде и да се живее вистината, ниту во себе, ниту во другиот. Таа лимитираност носи неизвесност и страв од мигот во кој се судираат два бескраја – оној на минатото и оној на иднината. Во овие длабоко чувствени стихови лесно се препознава секој, бидејќи стравот, бегството, треперењето и болката се состојби што читателот го допираат, го болат, го навраќаат, го будат... Преку евоцирање на некои од најдлабоките внатрешни пориви, овие стихови резонираат во нашата утроба, чувствувајќи ги и во грлото и во стомакот.