Промоции

Издавачката куќа Арс Ламина повторно со најмногу награди од Македонската асоцијација на издавачи

13.09.2021.
Издавачката куќа Арс Ламина повторно со најмногу награди од Македонската асоцијација на издавачи

Со освоени шест награди, од кои две први, три втори и едно трето место, издавачката куќа „Арс Ламина“ се закити со најмногу признанија на годинашното доделување на престижните книжевни награди на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). „Арс Ламина“ освои две први места: во категоријата за поттикнување на општествена одговорност, за проектот „Марко Цепенков – одбележување на стогодишнината од неговата смрт“, како и во категоријата за иновативност, за едицијата: Македонски книжевни класици.

На листата со признанија се и двете награди во категоријата за најдобра едиција: второ место за едицијата „Читанки“ и трето место за едицијата „Во еден здив“. Основен критериум за оценка во оваа категорија се уредничкиот пристап и унифицираноста на едицијата, но и естетиката.

Сликовницата „Мирко Немирко“, од авторката Ана Ѓокиќ и илустраторот Ване Костуранов, освои второ место во категоријата за најдобро ликовно-графички уредено издание, што се доделува за оригинален дизајн на корица и/или внатрешно уредување.

Интерактивната книга „Мистериозниот град под калето“ од авторката Александра Тодоровиќ, пак, е второ место во изборот за најдобра книга за деца и млади. Ова признание се доделува за оригинални изданија или адаптации, при кои е видлива заслугата на издавачот за нивниот краен изглед и содржина.

– Наградите на МАИ се од големо значење за нас како издавачка куќа, бидејќи се достоен показател за квалитетот и креативноста во објавувањето книги кај нас. Со нив се подигнуваат критериумите и се поставуваат нови, современи стандарди во издаваштвото кај нас. Се гордееме со нашите изданија и автори кои добија признание оваа година, но и со тие што влегоа во конкуренција, но не беа меѓу наградените. Им честитаме на сите писатели, илустратори, дизајнери и уредници, кои беа дел од наградените проекти, и им посакуваме уште многу успешни соработки и дела. Драго ни е што МАИ и оваа година ја препозна и ја вреднува нашата заложба, труд, иновативност, книжевна, но и општествена одговорност како издавач, и ги награди нашите изданија и проекти. Во манир на нашето мото на годинашниот Саем на книгата, „Овде книгата греит душата“, би рекла дека сѐ додека создаваме дела во љубов, сè дотогаш тие ќе ја греат душата на читателите. Ќе продолжиме со нашата заложба, квалитетните изданија да ги правиме подостапни до публиката, притоа задржувајќи ги нашите високи стандарди за содржина, дизајн и мисија на книгите – изјави Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“.

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) доделува признанија за најдобрите изданија, автори и издавачи кои го одбележаа периодот меѓу двата саема на книгата. Во рамките на Саемот на книгата 2021 беа врачени признанија во осум категории. За наградите одлучуваше стручно жири во состав: Елизабета Баковска, писателка и книжевна теоретичарка, Александар Маџаровски, книжевен видеоблогер и Дејан Џолев, графички дизајнер.

Изминативе години „Арс Ламина“ во континуитет добива признанија од МАИ.  Минатата година исто така доби шест награди: првите места во категориите „Најдобра едиција“ и „Најдобро ликовно-графичко уредено издание“ за едицијата „Македонски книжевни класици“, додека кампањата „Читањето е супермоќ“ беше наградена со специјално признание за промоција на читачката култура. Се најде и на второто место за признанијата за општествено-одговорните проекти, како и за иновативност и на третото место во категоријата „Најдобро ликовно-графичко уредено издание“ за сликовницата „Девојчето и градот“ од Ване Костуранов.

Првата награда за поттикнување на општествена одговорност доаѓа заради заложба на издавачот „Арс Ламина“ за доближување на делата на Марко Цепенков до најмладите читатели. Имено, по повод сто години од смртта на Марко Цепенков, нашиот најистакнат собирач на народни умотворби и еден од првите прозаисти и раскажувачи во македонската книжевна историја „Арс Ламина“ објави неколку нови изданија поврзани со неговото творештво: ново издание на автобиографијата на Марко Цепенков, првпат адаптирана на современ македонски јазик, сѐ со цел да им го приближи до најмладата публика и да им даде шанса да се запознаат со неговите дела уште во училишните клупи. Во рамките на одбележувањето на овој јубилеј од печат излегоа и неколку книги од Васил Мукаетов, кои се поттикнати од делото на Цепенков: „Мариовски сказни – Пејови приказни“ , „Ај погоди!“, „Што е, а што не е?“ и „Од згода до згода, заграб бистра вода“. Исто така, објавено е ново издание на „Силјан Штркот“ во рамките на едицијата „Лесно читливи лектири“. Неизбежно е да се споменат и „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, кои се со приказни адаптирани од записите на Марко Цепенков. Во нив се собрани најубавите бајки и басни од македонската народна традиција, собирани и запишувани од Марко Цепенков, адаптирани од Билјана Црвенковска и илустрирани од Катерина Николовска. Изданијата се дел од проектот „Бајки од Македонија“, реализиран во соработка со Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – Браво Сине!

Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, „Арс Ламина“ го почна амбициозниот проект за реобјавување на најзначајните дела од доајените на македонската литература. Покрај веќе објавените книги од творештвото на Петре М. Андреевски, за кои доби награда од МАИ, оваа година беа објавени и дела од Гане Тодоровски, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев и од Димитар Солев. Класиците добија нов изглед, а своевидна ексклузивност е што дел од кориците ги изработија внуците на познатите македонски писатели.

Едицијата „Читанки“ е продолжение на големиот проект на „Арс Ламина“, „Лесно читливи лектири“, каде што сѐ со цел да го олесни читањето кај децата во фаза на описменување, како и кај лицата со дислексија, во изработка на дел од изданијата за деца користи фонтови за дислексија. Преку импринтот „Либи“, во посебната едиција досега се објавено 78 лектири и читанки, на македонски и на албански јазик.

Едицијата „Во еден здив“ содржи романи и новели од македонски автори, кои се за возрасни и се читаат лесно, во еден здив. Во оваа едиција досега се објавени: „Туѓо тело“ од Владимир Плавевски, „Сантос блуз“ од Ненад Алексовски, „И не биди млад мајмун“ и „Песја прељуба“ од Велко Неделковски и „Бричење петли“ од Владо Димовски.

Сликовница „Мирко Немирко“ од наградуваната писателка, книжевна критичарка и драматург, позната и објавувана во регионот, Ана Ѓокиќ, и наградуваниот македонски илустратор и автор Ване Костуранов, на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. „Мирко Немирко“ е приказна за еден мал, палав дете-облак. Мирко, како и сите деца, постојано сака да си игра. Патува по небото во потрага по забава. Сакајќи да се шегува со луѓето, наидува на нивното негодување што го збунува. Со дождовните капки со кои се обидува да ги развесели и да ги насмее луѓето, всушност ги брка од себе и ги затвора во домовите. Се обидува еднаш, уште еднаш... и потоа, тажен, исчезнува. Зад себе остава еден збор што продолжува да патува низ светот, без престан. Тоа е зборот Немирко, симпатичниот прекар на палавото облаче Мирко.

Книгата „Мистериозниот град под калето“од авторката Александра Тодоровиќ, а со илустрации на Марко Јанев, е посветена на Скопје во периодот под османлиска власт. Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. По првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот и друго. „Мистериозниот град под калето“ е првата книга од серијалот книги за деца „Скопје од А до Ш“.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.9 MB