Промоции

Стефан Тиќми: Јас сум Акико е поетски роман за осаменоста

12.09.2021.
Стефан Тиќми: Јас сум Акико е поетски роман за осаменоста

Неговото пишување е опојно како стиховите на Миќа Антиќ, бајковито мудро како во „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, а духовито и топло како текстовите на Игор Коларов. Познат е по тоа што во населбата Анчики, блиску до неговиот роден град Лесковац, во напуштена куќа направил мала бесплатна библиотека со 5.000 книги. Воедно, пошироката јавност го знае и како преведувач на поезија на знаковен јазик. Овој сестран вљубеник во пишаниот збор важи за еден од најпочитуваните и најчитани млади автори во регионот. Младиот српски автор Стефан Тиќми се стекна со голема почит и популарност со неговиот дебитантски роман, „Јас сум Акико“.

Книгата досега има добиено голем број награди, меѓу кои и за најдобра книга за деца од „Политикин забавник“ за 2018 година, а истото признание го освои и на Саемот на книгата во Херцег Нови. Книгата има тираж од преку 22.000 во Србија, девет изданија, а за само неколку месеци тоа е една од најбараните книги за деца и кај нас. Корицата на македонското издание на „Јас сум Акико“ ја изработи нашиот илустратор и автор Ване Костуранов, а преводот е на Елена Пренџова во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Тиќми деновиве гостуваше во Скопје, по повод промоцијата на македонската верзија на „Јас сум Акико“, кога паралелно беше претставен и романот „Црната птица“ од Александра Јовановиќ – исто така добитник на наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца и млади во Србија, но за 2020 година. Во разговорот со уредничката Оливера Ќорвезироска, Тиќми откри дека романот го напишал за седум дена, но и дека ова не било првичната верзија...

– Кога некој ќе го купи романот „Јас сум Акико“, мисли дека купил една книга. Но, за тие пари ќе добие уште една, која е невидлива. Таа книга е всушност романот што заврши во канта за отпадоци. Тоа беше мојата подлога за да ја напишам книгата „Јас сум Акико“... Всушност, сите необјасниви и необични ситуации во романот, на пример дека кожата на Акико мириса на хартија, беа објаснети во тој „невидлив“ роман. Сите тие податоци ги имам во своето сеќавање и потсвест, но читателот нема поим за нив. Во објавената книга тие се нафрлени поетски слики. Па, на режисерите (театарски и филмски) сега им е полесно од тие слики да создадат некои свои слики. Книгата, ако може да се објасни со едноставни зборови, ја замислив како патот до средбата на две личности, во случајов главниот лик (Акико) се среќава со својот прв пријател (Марсело). Во потсвеста го имав Кафка, кој кажал дека книгата мора да биде секира за замрзнатото море во нас. Таа негова секира ја искористив трипати. Книгата има буквално три краја, односно ја завршувам трипати – рече Тиќми.

Врз основа на приказната за Акико, во Србија веќе има театарска претстава, а наскоро ќе се сними долгометражен цртан филм, со поддршка на Филмскиот центар на Србија. Тиќми работи на сценариото. За овој трансфер во жанрот од роман во филм и од сценарио за филм во роман, за време на престојот во Скопје, Тиќми и Александра Јовановиќ одржаа предавања за студентите од Факултетот за драмски уметности.

Ова е книга за деца, но и за возрасни. „Јас сум Акико“ е кус, лирски, поетски роман за осаменоста на едно девојче кое живее само со својот татко, нема пријатели и е сосем различно и поинакво од сето она што се подразбира под девојче во пониските одделенија на училиште.

– Акико е девојче со пеги кое не ги сака границите. Го сака својот татко, кожата ѝ мириса на стара хартија и често е осамена. Вратите (на световите) ги отвора со виолински клуч, носи чевли број А4, вози срце со помошни тркала наместо велосипед. На другите им изгледа необично, но животот ќе ѝ се смени благодарение на Баобаб и Марсело. Пешкирот и Баобабот се скалила кои ја носат Акико до Марсело, нејзиниот прв вистински пријател... – објаснува авторот.

Ова е мудра книга и многу ставови што ги истакнува Акико за родителската љубов, за внатрешниот свет, за извртената стварност, за пријателството и за многу други сфери, добро е да допре и до возрасните.

Романот е пишуван во прво лице еднина и е богат со типографски додатоци, кои ја дополнуваат нарацијата и се замена за илустрациите. Фуснотите исто така имаат интересна функција во текстот, тие се прибежиште за авторот кој е шмугнат некаде низ гласот на јас-раскажувачот Акико.

Тој најави дека неговиот нов роман „Капут од мов“ ќе биде во издание на „Арс Ламина“. Уредничката Ќорвезироска откри дека, иако новиот роман е сосема различен од приказната за Акико, сепак има нишка во која се надополнуваат двете книги. Имено, во новата книга приказната почнува на таван, се случува на таван, а во претходната книга, Акико никогаш не се качува на таван. Интересен детаљ, кој ќе им се допадне на вистинските љубители на делата на Тиќми.

Книгата „Јас сум Акико“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.89 MB