Промоции

Александра Јовановиќ: Црната птица порачува дека сте похрабри одошто мислите

12.09.2021.
Александра Јовановиќ: Црната птица порачува дека сте похрабри одошто мислите

Животот никогаш нема да биде ист каков што бил пред загубата на родител. Но, најстрашните загуби што се ненадоместливи можат да бидат премостени… Ова е главната порака на романот за деца „Црната птица“ од младата српска авторка Александра Јовановиќ, кој на македонски јазик деновиве излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Авторката Јовановиќ, која, иако е позитивна и динамична девојка, полна со живот, ведрина и љубопитство, напишала многу длабока и сериозна приказна, опфаќајќи тешка тема – загуба на родителот.

Романот „Црната птица“ на Александра Јовановиќ (1996) е добитник на наградата на „Политикин забавник“ – најдобра книга за деца и млади напишана на српски јазик за 2020 година. Ова е прв роман на најмладата добитничка досега на оваа престижна награда што се доделува од 1979 година, на секој 25 јануари, и претставува вистински книжевен бренд не само во Србија туку и пошироко во регионот.

Насловот на романот – „Црната птица“, иако можеби на прв впечаток асоцира на несреќа, во суштината е одлично извлечен од самата приказна, каде што црната птица е еден вид лик, лик во ликот, книжевен „жител“ во песната на таткото на Желба и, сосем спротивно од првиот впечаток, симболизира надеж и истрајност. Верба. Починатиот татко на главниот лик, девојчето Желба, чиешто име е необично и менливо/преводливо од јазик во јазик, е клучниот лик во овој роман... Целта на овој роман е да не нè залажува дека сè ќе биде исто, оти тоа е неможно, туку да покаже дека и најстрашните загуби што се ненадоместливи, можат да бидат премостени. Крајот на романот не е и не може да биде класичен „хепиенд“, зашто загубата на татко никогаш не се надоместува, ниту, пак, се заборава. А сепак е оптимистичен, разумно среќен, зашто болката успева да се премости, со помош на пријателството...

Македонската верзија на „Црната птица“ беше претставена деновиве, во рамките на Саемот на книгата. Преводот е Бисера Бендевска, а уредничка е Оливера Ќорвезироска. На саемот, Јовановиќ зборуваше за значењето на наградата на „Политикин забавник“, за тоа како настанало делото, за инспирацијата и за пораката.

– Искрено, не ја очекував наградата на „Политикин забавник“, бидејќи, пред сѐ, не ни знаев дека мојот српски издавач конкурирал со книгата за оваа награда. Дознав дури кога книгата влегла во потесниот избор. Тогаш почнав да се надевам, мислејќи колку би било убаво да ја добијам награда... Еден ден, додека миев садови и извршував некои домашни обврски, добив телефонски повик од непознат број. Е, тогаш си помислив дека можеби се јавуваат поврзано со наградата... Кога ми соопштија викав и скокав од радост. За мене е огромна чест што ја добив оваа престижна награда за најдобра книга за деца и млади на „Политикин забавник“. Не можев да поверувам и не ми беше јасно како... Дури и кога разговарав со жирито на наградата и кога тие ми ја образложија својата одлука, пак не ми беше јасно... Еве, поминаа повеќе месеци и сѐ уште не ми се верува дека ја добив наградата – рече авторката.

Книгата првично ја напишала како филмско сценарио во четврта година, на студиите по драматургија, кај проф. Срѓан Кољевиќ.

– Професорот Кољевиќ ми предложи да пробам текстот да го преработам во роман. Тоа го направив без некои големи очекувања. Ракописот стоеше долго време, сè додека еден ден не одлучив да го испратам кај некоја издавачка куќа, надевајќи се дека ќе биде објавен, што всушност се случи. Оттогаш „Црната птица“, симболички кажано, доби крилја, полета и еве сега слета и во Македонија. Ова е прв превод на книгата надвор од Србија – рече Јовановиќ, која пред присутните прочита и извадок од книгата на македонски јазик.

Уредничката на книгата, Ќорвезироска, ќе забележи: „И кога не се знае дека романот ’Црната птица‘ првин бил сценарио за филм, а потоа се ’пренел/конвертирал‘ во друг творечки жанр, читајќи го, лесно се препознава неговото драматуршко лице. Низ сцените, но и низ впечатливите дијалози. Авторката е драматург што сака и поезија, така што сите овие нешта се јасно отсликани во романот. Испреплетеноста со фантастиката, со опасниот свет од другата страна на гробиштата, со ефектно употребениот рингишпил со прецизна наративна, антиципативна и структурна улога во текстот, гласно зборува за умешностa на младата авторка. Романот почнува со рингишпилот и со неговиот чкрипеж како фон на приказната, а дури подоцна во текстот доаѓа и смртта на Вук, мртвото-живо дете од гробиштата, која се случила на истиот тој рингишпил. Сè му се дозира на читателот во мали ’лажички‘ со цврста пишувачка рака, во точно одбрани мигови“.

Иако книгата е богата со фантастични моменти, сепак не е фикција сè, во приказната има и вистинита подлошка.

– Сметам дека во литературата нема чиста фикција, мора да има некоја нишка инспирација од животот. Така, и оваа приказна има сегмент од мојот живот. Имено, мојот татко загинал додека сум била бебе и никогаш не успеав да го запознам. Значи, исто како Желба, и јас го имам изгубено својот татко, со таа разлика што нејзиниот починува на нејзини 11-12 години... Цел живот се соочувам со оваа загуба. Во детството не наидов на некоја книга, филм, серија или музика што би ме утешила на начин на кој јас верувам дека оваа книга може да ги утеши, не само децата туку и родителите и било кој возрасен кој се соочува со загуба, особено во ова денешно време... Ми недостигаше некој или нешто што ќе ми каже, „во ред е Александра, ти си храбра, ти можеш да го пребродиш тоа“ – рече Јовановиќ.

Токму во таа насока е и главната идеја на книгата да им помогне на читателите да се соочат со болката, порачувајќи им дека големите загуби во животот не можат никогаш да се надополнат, но можат да се пребродат.

– Загубата на родител никогаш не може да се надополни. Ваква загуба ништо не може да ја пополни, ама не е и ненадминлива. Може да се премости, да се преброди и да се продолжи понатаму со животот. Тоа го кажува и таткото на Желба во книгата, кој, иако физички е отсутен (е починат), тој е постојано присутен во романот. Тој ѝ вели: „похрабра си одошто мислиш“. Оваа реченица го обединува цел роман... Желба ќе ја преброди оваа загуба и свесна е дека и понатаму ќе биде и тажна и нештата ќе ѝ се чинат црни (мрачни), но ќе сфати дека има причина за живот, дека има луѓе околу неа што ја сакаат. Тоа е порака што сакам да им ја пренесам на децата и на сите на кои им е неопходно, дека сте похрабри од што мислите – рече таа.

Промоцијата на „Црната птица“ се одржа истовремено со претставувањето и на уште една книга-добитник на престижната наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца и млади во Србија (за 2018 година), „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми. За време на својот престој во Скопје, Јовановиќ и Тиќми одржаа предавања за студентите од Факултетот за драмски уметности и за учениците од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“.

Книгата „Црната птица“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.91 MB