Ново

Српските автори Александра Јовановиќ и Стефан Тиќми – гости на Арс Ламина на Саем на книгата

10.09.2021.
Српските автори Александра Јовановиќ и Стефан Тиќми – гости на Арс Ламина на Саем на книгата

 

Двата романи-добитници на престижната наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца и млади во Србија: „Црната птица“ од Александра Јовановиќ и „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми ќе бидат претставени во рамките на Саемот на книгата 2021. Денеска (10 септември), во 19 часот, на главната саемска бина, ќе се одржи разговор со авторите на книгите, кој ќе го води писателката и уредничка во „Арс Ламина“, Оливера Ќорвезироска. 

Книгите на македонски јазик се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.

За време на својот престој во Скопје, Јовановиќ и Тиќми одржаа предавања за студентите од Факултетот за драмски уметности и за учениците од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“.

Романот „Црната птица“ на Александра Јовановиќ (1996) е добитник на наградата на „Политикин забавник“ – најдобра книга за деца и млади напишана на српски јазик за 2020 година. Ова е прв роман на најмладата добитничка досега на оваа престижна награда што се доделува од 1979 година, на секој 25 јануари, и претставува вистински книжевен бренд не само во Србија туку и пошироко во регионот. Преводот на македонски јазик е на Бисера Бендевска.

Насловот на романот – „Црната птица“, иако можеби на прв впечаток асоцира на несреќа, во суштината е одлично извлечен од самата приказна, каде што црната птица е еден вид лик, лик во ликот, книжевен „жител“ во песната на таткото на Желба и, сосем спротивно од првиот впечаток, симболизира надеж и истрајност. Верба. Починатиот татко на главниот лик, девојчето Желба, чиешто име е необично и менливо/преводливо од јазик во јазик, е клучниот лик во овој роман.

„Животот никогаш нема да биде ист каков што бил пред загубата на родител“, но целта на овој роман е и токму тоа, да не нè залажува дека сè ќе биде исто, оти тоа е неможно, туку да покаже дека и најстрашните загуби што се ненадоместливи, можат да бидат премостени. Крајот на романот не е и не може да биде класичен „хепиенд“, зашто загубата на татко никогаш не се надоместува, ниту, пак, се заборава. А сепак е оптимистичен, разумно среќен, зашто болката успева да се премости, со помош на пријателството...

„Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми е една од најбараните книги за деца кај нас изминатава година. Корицата на македонското издание ја изработи нашиот илустратор и автор Ване Костуранов, а преводот е на Елена Пренџова.

„Јас сум Акико“ говори за едно девојче со пеги кое не ги сака границите. Акико го сака својот татко, кожата ѝ мириса на стара хартија и често е осамена. На другите им изгледа необично, но животот ќе ѝ се смени благодарение на Баобаб и Марсело. Ова е мудра книга и многу ставови што ги истакнува Акико за родителската љубов, за внатрешниот свет, за извртената стварност, за пријателството и за многу други сфери, е добро да допре и до возрасните.

„Јас сум Акико“ досега има добиено голем број награди, меѓу кои и за најдобра книга за деца од „Политикин забавник“ за 2018 година, а исто признание го освои и на Саемот на книга во Херцег Нови. Филмскиот центар на Србија минатата година го поддржа делото да се адаптира во сценарио за долгометражен цртан филм. Воедно, се подготвува и театарска претстава базирана на оваа книга.

Српските медиуми ја опишуваат „Јас сум Акико“ како инспиративна и поетска книга. Таа брзо се чита, но останува во сеќавањата и воедно е соодветна и за повозрасните читатели.

Тиќми е истакнат нов автор во српската книжевност за деца и млади. Неговото пишување е опојно како стиховите на Мика Антиќ, бајковито мудро како во „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, духовито и топло како текстовите на Игор Коларов.  Познат е по тоа што во населбата Анчики, блиску до неговиот роден град Лесковац, во напуштена куќа направил мала бесплатна библиотека со 5.000 книги. Воедно, пошироката јавност го знае и како преведувач на поезија на знаковен јазик.

 Ве очекуваме на Саемот на книгата со одличен избор на нови изданија, интересни промоции и големи попусти.

Каталозите со сите нови изданија и попусти можете да ги погледнете на линковите подолу.

Каталог со книги за возрасни https://bit.ly/38GEt9s

Каталог со книги за деца https://bit.ly/3tl7eSk

Се читаме на саем!

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

30.
Mar.
Ново
Долгоочекуваната книга посветена на Ѓорѓе Балашевиќ, „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ, излезе од печат во издание на „Арс Либрис&ldqu...
26.
Mar.
Ново
Новиот роман-басма на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ла...
26.
Mar.
Ново
Светскиот бестселер „Најсреќниот човек на светот“ од Еди Јаку – човекот што го преживеа Аушвиц, излезе од печат на македонски јазик во изда...
25.
Mar.
Ново
Првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, е отворен и ќе трае до 11 јуни 2025 година.
13.
Mar.
Најнови изданија
Новиот интернационален бестселер „Полноќна гозба“ од британската авторка Луси Фоли излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од...
09.
Mar.
Вести
Седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, организирана од издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и про...
04.
Mar.
Ново
За сите кои сакаат да се хранат здраво или постат, излезе од печат уникатниот посен готвач „Ајде да јадеме“ од нутриционистот Антонио Велковски.
24.
Feb.
Ново
Пет книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година.
24.
Feb.
Ново
Издавачката куќа „Арс Ламина“, преку својот импринт „Либи“, ѝ го носи на македонската читателска публика класикот за деца „Мили...
21.
Feb.
Ново
Остануваат само неколку дена до крајот на продажната акција „Денови на литературата“, која трае до 23 февруари во сите книжарници на „Литер...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.81 MB