Со сценска актерска изведба на дел од „Веќе не сум истиот“, вчеравечер на главната саемска бина беше промовиран дебитантскиот роман на познатиот пантомимичар и режисер Војо Цветановски, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Со ова претставување почна програмата на издавачката куќа „Арс Ламина“ во рамките на Саемот на книгата 2021, што ќе се одржува до 14 септември, во близина на Аква паркот, кај „А1 Арена“ – СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје.
„Веќе не сум истиот“ е напишан во манир на искусен писател, кој вешто си игра со жанровите, создавајќи хибриден роман во кој има и раскажувачки и драмски и епистоларен дискурс, а сето тоа е вкомпонирано во една цврста и стабилна структура. Станува збор за две навидум независни приказни, кои се преплетуваат на крајно неочекуван начин. Во првата приказна – нараторот, уличен артист – презаситен од своето секојдневие, е во потрага по себеси, без да знае дека промената го чека зад аголот. Во втората приказна, една млада писателка во креативна криза, не е свесна дека пред себе има содржаен материјал за роман што може да ја извлече од непријатната ситуација со нејзиниот издавач. Неверојатен тек на настаните, речиси судбински, ќе ги спои овие две приказни во неочекуван епилог. На промоцијата Цветановски зборуваше за инспирацијата, за процесот на творењето и за пораката на книгата.
– Инспирација за пишување црпам од животот, од нештата што ги гледам околу себе. Некогаш тие знаат да бидат поетични, некогаш прозаични, ликовни или драмски… во зависност од тоа како се чувствувам во моментот. Главни теми во романот се љубовта и гладта. И тука не мислам само на љубовта помеѓу двајца партнери туку повеќе мислам на љубовта кон сè што нè опкружува и сè она што го живееме, се разбира. И глад – не како потреба за храна, туку глад за нешто повеќе. Во романот зборувам за презаситеноста на Федор Фрелих – лик инспириран од реална личност, мој драг пријател од Хрватска. Како дојдов со инспирацијата да пишувам? Едно утро на железничката станица во Загреб видов човек за кој си помислив дека не би било лошо да ми пријдам и да го запознам, да си поразговарам со него… На крајот, не му пријдов, ама ми се допадна идејата да се запознам со него и да станеме пријатели допишувајќи се со писма. Тоа ми се виде интересно. Така почнав да ги пишувам писмата (расказите). Набрзо имаше конкурс за драмски текст, така настана „Примитивен циркус“, но никогаш не го доставив – рече тој.
Всушност, романот „Веќе не сум истиот“ е компилација од расказите со писмата меѓу Федор Фрелих и Антун Гргуриќ и дијалозите меѓу Валентин Вапцаров, неговиот пациент Андон Донски и Ангела Вапцарова, внуката на Валентин. Првенствено, бил именуван како „Примитивен циркус“, потоа како „Психоманијак“ и на крајот, кога се вмрежиле расказите и пиесата во едно цело, дошол до насловот „Веќе не сум истиот“.
– Насловот се наметна во периодот на појавувањето на коронавирусот, кога сѐ се смени. Со короната се сменија и многу работи кај мене, а и не само кај мене туку и кај многу други. Верувам дека многу од нас веќе не сме истите по сѐ. Овој ракопис го стокмив за помалку од четири месеци, бидејќи веќе беа напишани делата, само требаше да ги синхронизирам едно со друго, во што и успеав… Инаку, основната порака што ја носи овој роман е дека треба суштински да се погледнеме себеси во огледало и да си признаеме кои сме всушност ние без скриени тајни. Без лаги самите кон себе… Ова е приказна за себеспознавањето и за себеотуѓувањето… Приказна за тоа да се открие кој сум вистинскиот јас, притоа допишувајќи се со писма со еден непознат пријател, што го сретнуваш сосема случајно во некој воз некаде на патот на кој не сакаш да патуваш, но мораш… Ова е приказна за бегството од себеси или, пак, новото откривање за нас, кои можеме да бидеме и колку можеме да се носиме со новиот предизвик наречен продолжување на она што некогаш сме биле, продолжување што не е исто… Секако, ова е приказна и за уличната уметност, за пантомимата, за уличните живи статуи, за кловновите, за голтачите на оган, за жонглерите, воопшто за циркусот, оној циркус што се игра на улица, оној патувачкиот циркус, што е поврзан со безброј фестивали за улична уметност насекаде низ светот. Ова е приказна за патувањето, за истоштеноста, за доаѓањето преку глава од работите од кои мислиме дека сме се презаситиле, а сепак упорно се враќаме кон нив. Трагајќи по подобар уметнички израз, се враќаме во старото тело со новото „јас“ или како што е насловен овој ракопис, а тоа го изговара еден од главните протагонисти, Федор Фрелих: Веќе не сум истиот. Некаде по пат се загубив себеси… веќе не се барам себеси, односно веќе не го барам стариот јас, тој што го загубив некаде доаѓајќи наваму – истакна тој.
По промоцијата на „Веќе не сум истиот“ следуваше претставувањето на книгата „Кинески мозаик“ од проф. Виктор Урумов. Станува збор за првата илустрирана енциклопедија за Кина на македонски јазик, во издание на „Арс Ламина – публикации“. „Кинески мозаик“ е мала книга за голема земја, за нејзиното минато и за тоа што е денес Кина, за најголемиот вкупен придонес во светското културно наследство, за Би Шенг и Матео Ричи, за Опиумските војни и Боксерското востание, за леишу енциклопедиите и нобеловката Ту, за династиите Танг и Минг, за сликарството и поезијата, за го и цуџу, за најголемиот радиотелескоп и најголемата мрежа од брзи возови, за нешта што не сме ги учеле на училиште. На промоцијата авторот презентира повеќе интересни факти за Кина, од нејзиното минато, кои ретко се среќаваат во учебниците по историја. Посочи и актуелни податоци и статистики за напредокот на Кина, за кои малку се зборува во медиумите.