Промоции

Катерина Серафимовска: Брезите што шумеа крај Темза е топла и трогателна приказна за простувањето

24.06.2021.
Катерина Серафимовска: Брезите што шумеа крај Темза е топла и трогателна приказна за простувањето

Новиот роман „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска беше промовиран вчеравечер (23 јуни) на терасата на книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.  Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

- Процесот на издавање на оваа книга се одвиваше со една убава динамика, во беспрекорна хармонија и моето искуство е навистина мошне пријатно. Ја користам оваа прилика најсрдечно  да им се заблагодарам на сите од тимот на „Арс Ламина“, а пред сѐ, на уредниците Татјана Димовска-Атанасова и Томе Сиљаноски. Среќа е да соработуваш со толку фини, културни и компетентни личности и професионалци. Драго ми е што промоцијата во книжарницата „Литература.мк“ помина во мошне срдечна и пријатна атмосфера. Тоа беше убава јунска вечер во која што беше длабоко втиснат и мирисот на липите на Скопје- изјави Катерина Серафимовска.

Дејството  во „Брезите што шумеа крај Темза“  почнува во крајбрежна вила во Брајтон, Источен Сасекс и првично нуди визуелна контемплација кон Ламанш и кон француското копно, кое што само се наѕира низ маглата отспротива.

-Карактеристично за мојот начин на творење е што јас случајно поаѓам од една одредена точка (идеја) за романот и еднаш кога „ќе се родат“ ликовите, подоцна тие самите се вплеткуваат себеси во заемни корелации, настани и дијалози. Така беше и во овој конкретен случај, мојот главен машки лик – зрелиот професор по книжевност Е. Л. Адамски во мислите ќе се наврати на своето минато (во времето кога тој бил младо и неискусно момче во Лондон) и спонтано ќе почне да ја раскажува приказната за својот (не)обичен живот. Во меѓувреме, низ водите на легендарната Темза – полека, но сигурно, ќе истечат цели четири децении – а сосема на крајот, нараторот ќе ги врати читателите назад на појдовната точка од романот. Инспирацијата за приказната ја црпев пред сѐ, од светот што нѐ опкружува и сите нас постојано нѐ подучува на разни искуства и мудрости, но и од својата богата внатрешна „духовна ризница“- рече авторката.

Гласот на нараторот на приказната е машки, на главниот протагонист Еди Ли (Едвард Лијам Адамски). Серафимовска вели дека не е првпат како авторка да говори во улогата на личност од машки пол.

-Тоа го сметам за посебен личен предизвик, зашто тогаш морам и одблизу да ги доловам – пред сè, начинот на размислување, како и начинот на дејствување и говорење на еден маж. Затоа што секој книжевен лик е самиот по себе автентичен, се обидувам тој/таа да бидат препознатливи не само според своите надворешни карактеристики туку и по своите особености како личности со сложен и повеќеслоен психолошки идентитет. Сметам дека мојата мисија како автор е коректно исполнета доколку успешно сум ги доловила личностите во целата своја уникатност, но и слоевитоста. Во принцип, во моите книги се наидува на мошне интересни машки херои, и тоа претежно од светот на уметноста- изјави таа.

Катерина Серафимовска (1972) веќе три децении е присутна на македонската книжевна сцена. Член е на ДПМ од 2001 година и е автор на десет објавени книги, меѓу кои и романите: „Забранет поглед“ (1999); „Насмевка со цимет“ (2016); „Поглед полн синило“ (2017); „Небото над реката Чарлс“ (2018); „Блесок на пролетта“ (2019).  „Брезите што шумеа крај Темза“ е нејзиното најново остварување. Станува збор за слоевит роман во кој се испреплетуваат љубовта, страста, амбициите, себепронаоѓањето и простувањето.

- Во оваа топла и трогателна приказна сместена крај бреговите на Темза – таму каде што бурно треперат и нежно шумат крошните на сребрените брези, мошне ненаметливо се распливнува и дискретно ни се наметнува и идејата за простувањето. Но, длабоко сум уверена дека на секој човек, во текот на животниот пат, му е интимно потребна двигателна внатрешна сила. Навистина ни се потребни верата, надежта и љубовта... А токму љубовта е најубавиот сон што се сонува со затворени, но и со отворени очи. Бидејќи што би правеле сите ние, без сонот за љубовта? – рече Серафимовска.

Сместен во инвалидска количка, седејќи пред прозорецот во својата крајбрежна вила во Брајтон, Англија, 65-годишниот професор по книжевност со полско потекло, Едвард Лијам Адамски, ќе им се наврати на своите стари спомени. Дури четири децении наназад, само за да ни ја раскаже приказната за младиот студент кој една пролетна ноќ, во Лондон, имал среќа да ја запознае жената на својот живот – девојката од високата класа по име Емили Стоунбриџ.
Двајцата млади писатели ќе се впуштат во бурна љубовна врска, исполнета со многу страст и поезија. Но, тој ќе сфати колку многу ја сакал Ема дури откако целосно ќе ја изгуби, а таа ќе отпатува далеку, во Јужна Америка… Следува неговиот брак со нејзината родена сестра Беверли и нивната борба за да добијат деца, но и сите други необични перипетии на неговиот живот, додека времето неповратно тече напред и ги носи водите на реката Темза, некаде далеку. Сепак, без оглед на потребите на своето семејство – сопругата Беверли и посвоените близначки Холи и Фиона, неговата успешна кариера како професор на колеџот „Кингс“ во Лондон, но и сите други настани во животот, тој никако не може да ги заборави уникатните емоции што ги негува исклучиво кон Ема. Сè додека еден ден не открие дека има и возрасен, биолошки син по името Рафаел Паз.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.88 MB