Ново

Катерина Серафимовска: Што би правеле сите ние без сонот за љубовта?

06.06.2021.
Катерина Серафимовска: Што би правеле сите ние без сонот за љубовта?

Катерина Серафимовска (1972) веќе три децении е присутна на македонската книжевна сцена. Член е на ДПМ од 2001 година и е автор на десет објавени книги, меѓу кои и романите: „Забранет поглед“ (1999); „Насмевка со цимет“ (2016); „Поглед полн синило“ (2017); „Небото над реката Чарлс“ (2018); „Блесок на пролетта“ (2019). „Брезите што шумеа крај Темза“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е нејзиното најново остварување и е слоевит роман во кој се испреплетуваат љубовта, страста, амбициите, себепронаоѓањето, простувањето...

Дејството на Вашиот последен роман е сместено во Лондон, несомнено најпознатиот град покрај Темза. Што Ве поттикна на една ваква локализација?

Катерина: Всушност, дејството на книгата почнува во крајбрежна вила во Брајтон, источен Сасекс, и првично нуди визуелна контемплација кон Ламанш и кон француското копно, што само се наѕира низ маглата отспротива. Карактеристично за мојот начин на творење е што јас случајно поаѓам од една одредена точка (идеја) за романот и еднаш кога „ќе се родат“ ликовите, подоцна тие самите се вплеткуваат себеси во заемни корелации, настани и дијалози.

Така беше и во овој конкретен случај, мојот главен машки лик – зрелиот професор по книжевност Е. Л. Адамски во мислите ќе се наврати на своето минато (во времето кога тој бил младо и неискусно момче во Лондон) и спонтано ќе почне да ја раскажува приказната за својот (не)обичен живот. Во меѓувреме, низ водите на легендарната Темза – полека, но сигурно, ќе истечат цели четири децении – а сосема на крајот, нараторот ќе ги врати читателите назад на појдовната точка од романот. Инаку, некако ми стана навика да ги врзувам романите за одредени познати реки во светот. Во „Забранет поглед“ (1999) и во „Насмевка со цимет“ (2016) тоа беше топлата и интимна прегратка на париската Сена, додека во романот „Небото над реката Чарлс“ (2018), водите на истоимената бостонска река.

Гласот на нараторот е машки, на главниот протагонист Еди Ли (Едвард Лијам Адамски). Поради што се одлучивте во ова дело да говорите низ призмата на „машки“ лик?

Катерина: Па, не ми е првпат како автор да говорам во улогата на личност од машки пол, и тоа во прво лице еднина. Веројатно го сметам тоа за посебен личен предизвик, затоа што тогаш морам и одблизу да ги доловам – пред сè, начинот на размислување, како и начинот на дејствување и говорење на еден маж... Затоа што секој книжевен лик е самиот по себе автентичен, се обидувам тој/таа да бидат препознатливи не само според своите надворешни карактеристики туку и по своите особености како личности со сложен и повеќеслоен психолошки идентитет.

Сметам дека мојата мисија како автор е коректно исполнета доколку успешно сум ги доловила личностите во целата своја уникатност, но и слоевитоста. Во принцип, во моите книги се наидува на мошне интересни машки херои, и тоа претежно од светот на уметноста. Тие се таинствени сликари или славни филмски режисери, понекогаш дури и надарени џез-музичари од маргините на општествената сцена. Во некои книги ја плетам приказната преку надополнување на паралелните искази и на видувањата на секој од главните актери.

Во овој случај, целата приказна ја раскажува токму човекот кој – иако навидум го следи голема среќа во животот, во еден момент, ќе стане кармичка жртва на своите дамнешни пориви за личен успех и за благосостојба. Несудениот писател и универзитетски професор Еди Ли, вљубеникот во жените и во поезијата, впрочем, овде е прикажан како (не)наивен опортунист кој ја следи исклучиво нишката на амбицијата.

Емили и Беверли Стоунбриџ, две сестри на спротивниот крај на спектарот на сензибилитетот како метафори за два светогледа, две различни поимања на животот и неговите вредности. Што ве поттикна на една ваква дихотомија?

Катерина: Мислам дека тоа што сакав да го постигнам – спротивставувајќи ги нив двете во тонот, манирите и во изгледот – е да му понудам колку што е можно поголем предизвик на Е. Л. Адамски, околу изборот на животна партнерка. Притоа, главниот акцент е ставен токму на хероината Емили Стоунбриџ. Таа е девојка од високата средна класа во Англија, боемски архетип со раскошна „уметничка душа“, која поради својата своеглавост и автентичноста најчесто отскокнува од средината. Понекогаш е дури и „црна овца“ во семејството. Меѓутоа, тоа што вистински ја отсликува е нејзиниот уникатен талент, а потоа и вродената женственост, мудроста и таинственоста...

Емили љуби страсно и безрезервно, а притоа не верува во никакви конвенции. Таа е храбра жена полна со внатрешна сила и со јасна интуиција, па точно знае да насети кога е поразена и тогаш само тивко се повлекува. Овие квалитети ќе ја изградат во одлична мајка, но и во писателка со меѓународно признаена кариера. Од друга страна – Беверли Стоунбриџ е мошне привлечна, можеби посупериорна гледано од аспект на својата бујна плотна убавина, а воедно, себична и прагматична личност која секогаш размислува со студена глава.

Времето, со неминовните промени што ги носи со себе во поглед на разбирањата и недоразбирањата, како и на спојувањата, раздвојувањата и обединувањата, во Вашиот роман, како и во животот, секогаш е воедно и пријател и непријател...

Катерина: Да, така е... Мошне убаво кажано. Временската рамка (како на рингишпил) неочекувано ќе го издигнува и ќе го спушта Е. Л. Адамски во улогата на победник и на губитник. Низ сите блескави подеми, но и сурови падови од хоризонтот на неговиот живот, тој ќе бара да се препознае и да се пронајде себеси. Во неговиот случај, главната оска и мисла-водилка ќе биде токму тајната и треперлива емоција што ја чувствува исклучиво кон Емили. Овде се работи за специфична семејна драма, како и за една незаменлива и катарзична љубовна врска, што на крајот сепак носи просветлување. Токму таа ќе му помогне да ги исправи своите гревови од младоста и да стане подобар човек, во секоја смисла на зборот.

На крајот, всушност, победува љубовта, некогаш изгубена во младоста поради самата нејзина лекоумност, но, во Вашата приказна, не и неповратно. Колку ни е денес потребна оваа верба во неможноста за исчезнување на вистинската љубов?

Катерина: Верувам дека животот секојдневно ни нуди разни примери за такви уникатни и незаменливи љубовни релации. Во оваа топла и трогателна приказна сместена крај бреговите на Темза – таму каде што бурно треперат и нежно шумат крошните на сребрените брези, мошне ненаметливо се распливнува и дискретно ни се наметнува и идејата за проштевањето. Но, длабоко сум уверена дека на секој човек, во текот на животниот пат, му е интимно потребна двигателна внатрешна сила. Навистина ни се потребни верата, надежта и љубовта.

Бидејќи што би правеле сите ние, без Сонот за Љубовта?... Романот „Брезите што шумеа крај Темза“ можете да го нарачате на следниов линк.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

19.
Dec.
Ново
По сликовницата „Рокчето“ и поетската збирка „Шестарот на времето“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави првата есеист...
17.
Dec.
Ново
Секој писател постојано бара инспирација. Алекс Мајклидис, авторот на интернационалниот бестселер „Немата пациентка“, се потпрел на три познати и...
29.
Nov.
Ново
„Арс Ламина“ со задоволство ја претставува новата едиција Shelf Help – со куси и практични водичи за самопомош, кои ќе ви помогнат да го по...
29.
Nov.
Ново
Понекогаш малите уши на децата не ги собираат големите зборови на возрасните. Всушност, тие не ги разбираат. Со цел да им помогне на децата да ги разберат, а...
22.
Nov.
Акции
Во рамките на големиот шопинг-настан Black Friday (Блек фрајдеј), од денеска (22 ноември), па сѐ до 1 декември, во „Литература.мк“ ќе има сериозн...
21.
Nov.
Ново
„Градоначалник“ е првата книга од новата едиција за деца „Големи зборови за мали уши“, издание на „Либи“, дел од „А...
19.
Nov.
Ново
Подгответе се за нови книжевни патувања со „Арс Ламина“! Откријте кои интернационални книжевни хитови наскоро ќе излезат од печат на македон...
15.
Nov.
Ново
„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете... книга што никог...
14.
Nov.
Ново
Во публикацијата се  обработува еден од најгорливите проблеми поврзани со изговорот на македонскиот јазик - колоквијалниот изговор во Скопје и неговото ...
12.
Nov.
Ново
Книжевниот класик во македонската литература „Книга на небото“, од еден од најзначајните наши постмодернистички писатели Крсте Чачански, излезе о...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.85 MB