Ново

Стефановска: Четирите интерактивни психолошки прирачници ќе помогнат во емоционално описменување на децата

29.05.2021.
Стефановска: Четирите интерактивни психолошки прирачници ќе помогнат во емоционално описменување на децата

Вчеравечер, 28 мај, на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“, се одржа промотивен разговор по повод објавувањето на четири интерактивни психолошки прирачници за деца посветени на емоциите лутина, страв, среќа и тага, од авторката и психолог Христина Стефановска. Серијалот за справувањето со четирите основни емоции кај децата, како дел од едицијата „Железница на чувствата“, е плод на соработката со редакцијата „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, со намера да се развива и да се збогатува со содржини што во фокусот ќе ги имаат овие клучни теми за правилен психолошки развој кај децата.

Во разговорот помеѓу уредничката на изданијата Бисера Бендевска и авторката Христина Стефановска беа посочени придобивките и важноста од тоа да се зборува отворено за емоциите кај децата и да се дејствува рационално во насока на нивно канализирање во нешто позитивно и корисно.

Па, така, на прашањето која е потребата од вакви книги за деца, Стефановска потенцираше дека емоционалното описменување на децата е императив и е од исклучителна важност за градење на здрав и психолошки зрел менталитет. Четирите интерактивни прирачници се голем исчекор во развивањето на емоционалната писменост што ќе ги зацврсти психолошките капацитети на личноста и на таков начин би се постигнале психосоцијална рамнотежа и благосостојба. Таа направи споредба помеѓу македонскиот образовен систем и образовните системи во скандинавските земји, каде што се обрнува многу поголемо внимание на стекнувањето емоционална интелигенција кај децата уште од најрана возраст, лоцирајќи го системскиот проблем по однос на ова прашање.

− Во нашето образование многу поголем акцент се става на когнитивната функција, за сметка на емоционалното описменување на децата. Мојата цел беше да ги поместиме границите на нашето поднебје во однос на оваа тематика, што е од исклучителна важност, и да им ги пренесеме на возрасните потребните алатки со коишто можат да работат, за да го постигнеме она што го постигнуваат други поразвиени општества – посочи Стефановска.

Стефановска истакна дека емоцијата што ја манифестира детето не е секогаш тоа што го чувствува длабоко во себе, а четирите интерактивни прирачници треба да им помогнат на возрасните да стигнат до изворот на емоцијата што ја изразува детето во одредени животни ситуации.

− Возрасните треба да се приспособат на децата, затоа што децата не се раѓаат со емоционални вештини и имаат потреба да ги научат. Затоа, возрасните имаат клучна улога во овој процес. Канализирањето на емоциите е насочување кон позитивни мотиватори. Емоциите праќаат амбивалентна порака, па стекнувањето на емоционални вештини ќе го научат детето да разликува што е добро, а што е лошо. На тој начин детето се доведува во добра психофизичка состојба.

Според Стефановска, емоциите не смеат да се табуизираат, да се потиснуваат и да не се прифаќаат како такви, затоа е многу важен воспитниот процес. Нерегулирањето и неканализирањето на емоциите доведува до инхибирање на психолошките сили и моќи што ги има детето, а кои треба да ги гради и да ги интегрира во својот профил на личноста. Ако не ги регулираме, ако не ги третираме емоциите или ги третираме на погрешен начин уште во детството, тоа може да создаде анксиозна возрасна личност, агресивна, конфликтна, насилна, депресивна личност.

Меѓу трите непријатни емоции се најде и емоцијата среќа, персонифицирана преку среќната срна Сончка. Стефановска смета дека среќата некогаш е неоправдана во средината, па оттука среќното дете може да се праша дали е во ред да биде среќно и дали среќата може да трае подолго од моментот што ја предизвикал. Среќата ја има насекаде, а книшката за среќната срна Сончка е патоказ што води до местата каде што може да се најде среќата.

− Мојата цел е да ги научам децата дека сите четири емоции се многу природни, биолошки и се составен дел од секој човек. Важно е децата да другаруваат со емоциите, затоа што и лутината и стравот и тагата и среќата им се пријатели што секогаш имаат што да им пренесат и да ги посоветуваат. На некој начин, емоциите се поддршка во развојот на децата и треба да ги прифатиме како такви – заклучува Стефановска.

Целиот разговор со психологот Христина Стефановска можете да го погледнете на следниот линк, а прирачниците „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“ веќе се во продажба во книжарниците на „Литература.мк“, со можност да се нарачаат и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

31.
Mar.
Ново
Четвртиот роман на Моџо Килингтон – „СФ-СН“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публи...
30.
Mar.
Ново
Долгоочекуваната книга посветена на Ѓорѓе Балашевиќ, „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ, излезе од печат во издание на „Арс Либрис&ldqu...
29.
Mar.
Ново
Инстант-бестселерот број 1 на „Њујорк тајмс“ - „Изградете живот каков што сакате“ од Артур Ч. Брукс и познатата ТВ-водителка Опра Вин...
26.
Mar.
Ново
Новиот роман-басма на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ла...
26.
Mar.
Ново
Светскиот бестселер „Најсреќниот човек на светот“ од Еди Јаку – човекот што го преживеа Аушвиц, излезе од печат на македонски јазик во изда...
25.
Mar.
Ново
Првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, е отворен и ќе трае до 11 јуни 2025 година.
13.
Mar.
Најнови изданија
Новиот интернационален бестселер „Полноќна гозба“ од британската авторка Луси Фоли излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од...
09.
Mar.
Вести
Седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, организирана од издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и про...
04.
Mar.
Ново
За сите кои сакаат да се хранат здраво или постат, излезе од печат уникатниот посен готвач „Ајде да јадеме“ од нутриционистот Антонио Велковски.
24.
Feb.
Ново
Пет книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.79 MB