Ново

Топ 5 препораки за читање од уредникот во Арс Ламина, Ведран Диздаревиќ

17.03.2021.
Топ 5 препораки за читање од уредникот во Арс Ламина, Ведран Диздаревиќ

Кои книги препорачуваат да ги прочитате уредниците во издавачката куќа „Арс Ламина“? Овој серијал ќе можете да го проследите на нашиот блог, а почнуваме со топ книгите според нашиот уредник Ведран Диздаревиќ.

Ведран Диздаревиќ

Најстари приказни: Митови од мугрите на западната цивилизација“ од Томислав Османли

Во оваа книга македонскиот автор Томислав Османли – кој е веќе познат како романсиер, раскажувач, драматург и есеист − го насочува своето творечко перо кон помладата публика и митовите од Медитеранот. Османли ги раскажува митовите на едноставен и допадлив начин, но без притоа во ниеден момент претерано да ги поедностави, ниту, пак, да го искриви или да го промени нивното значење. Изборот на митови е навистина вешто направен и му овозможува на младиот читател да добие вистинска слика за најстарите приказни и јунаците во нив, почнувајќи од Прометеј и титаните, преку Херакле и неговите подвизи, па сè до Јасон и Аргонаутите. Според мене, оваа книга е одличен влез на помладата публика во бескрајниот свет на митологијата. Лично јас го засакав тој свет (што директно доведе до тоа да ја уредувам оваа книга) токму поради една ваква книга, но на српски јазик. Сега имав шанса да ја уредувам книгата што требаше да ја читам како дете, но не можев да ја најдам, бидејќи не постоеше на македонски јазик.

Автобиографија“ од Марко Цепенков

Уште во основно училиште ги читав приказните на Марко Цепенков, но тогаш не ми оставија посебен впечаток. Како поминуваа годините, сè повеќе и повеќе ми се допаѓаа; особено откако го разбрав нивното значење за македонската литература. Многу години подоцна ја открив неговата „Автобиографија“, која во Македонија не е испечатена многу долго време и поради тоа голем дел од публиката не ни знае дека постои овој текст. Иако ова издание е наменето за деца, јазикот е осовременет и има речник на непознати зборови и активности за работа на час, сепак им ја предложувам на сите – и на возрасните и на децата. Цепенков е многу интересна и важна личност за македонската (книжевна) историја и во оваа книга можеме да прочитаме каква била нашата земја во XIX век; исто така, Цепенков е многу смешен и самата книга е многу интересна и забавна за читање.

Поларна светлина“ од Филип Пулман

Оваа книга им ја препорачувам на сите љубители на серијалот за Хари Потер и на „Господар на прстените“. Светот на Пулман е неверојатен, приказната е интересна и возбудлива, а пораката на трилогијата „Темната граѓа“ од која „Поларна светлина“ е првиот дел, е многу важна. Книгата веќе со децении е бестселер и добитник на многу награди и конечно доби и своја адаптација на Ејч-би-о, но кај нас, за жал, остана непозната. Јазикот на Пулман е многу едноставен и разбирлив за помладата публика; сепак таа е интересна и за поискусните читатели, особено за оние што се вљубеници во англиската литература, кои со љубов ги читаат поетите Џон Милтон, Вилијам Блејк и Џон Китс. Ја препорачувам за сите, и за помладите и за возрасните, бидејќи сите читатели ќе се пронајдат во оваа книга и гарантирам дека секој што ќе ја прочита „Поларна светлина“ ќе ги прочита и вториот и третиот дел, „Суптилниот нож“ и „Килибарниот дурбин“.

Истанбул: Сеќавањата и градот“ од Орхан Памук

„Истанбул“ е двојна биографија: (авто)биографија на турскиот нобеловец во која раскажува за своето детство, семејството, образованието, првите љубови и првите допири со уметноста; но и биографија − на моменти историска, на моменти сентиментална и многу лична − на Истанбул, во која Памук ја раскажува богатата и комплицирана историја на еден од најпознатите градови во светот. Книгата, исто така, е богата со фотографии и слики во кои Памук го заробува своето минато и низ кои ги осветлува минатото и сегашноста на Истанбул. Искрено му завидувам на читателот кој ќе ја чита по првпат, но уште повеќе му завидувам на тој што ќе ја чита, па потоа ќе отпатува во Истанбул. По Орхан Памук, Истанбул веќе не е ист.

Ветрот во врбите“ од Кенет Греам

„Ветрот во врбите“ спаѓа во онаа категорија на книги што ги сакаме како деца, но ги обожаваме како возрасни. За детските очи, оваа книга за интересните авантури на Кртот, Стаорецот, Јазовецот, Жабецот и Видрата; за возрасните, ова е книга за мистериите на човековата состојба. И покрај тоа што тематиката е многу различна, „Ветрот во врбите“ е многу слична книга на „Алиса во Земјата на чудата“. Но, таму каде што Луис Керол се занимава со логички игри и парадокси, Кенет Греам зборува за неисцрпниот копнеж по недофатливото впишан во нашите души. Накратко кажано, станува збор за книга со две лица. Едно лице насмеано и приемчиво, наменето за безгрижни детски очи; друго лице, наменето за возрасни со суптилен поетски вкус, на кои меланхолијата не им е непозната состојба. Им ја препорачувам „Ветрот во врбите“ на сите родители, но под еден услов: да ја прочитате, откако ќе им ја прочитате на вашите деца.

Сите книги може да се најдат во книжарниците „Литература.мк“ или онлајн да се нарачаат преку веб-сајтот www.literatura.mk

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

19.
Dec.
Ново
По сликовницата „Рокчето“ и поетската збирка „Шестарот на времето“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави првата есеист...
17.
Dec.
Ново
Секој писател постојано бара инспирација. Алекс Мајклидис, авторот на интернационалниот бестселер „Немата пациентка“, се потпрел на три познати и...
29.
Nov.
Ново
„Арс Ламина“ со задоволство ја претставува новата едиција Shelf Help – со куси и практични водичи за самопомош, кои ќе ви помогнат да го по...
29.
Nov.
Ново
Понекогаш малите уши на децата не ги собираат големите зборови на возрасните. Всушност, тие не ги разбираат. Со цел да им помогне на децата да ги разберат, а...
22.
Nov.
Акции
Во рамките на големиот шопинг-настан Black Friday (Блек фрајдеј), од денеска (22 ноември), па сѐ до 1 декември, во „Литература.мк“ ќе има сериозн...
21.
Nov.
Ново
„Градоначалник“ е првата книга од новата едиција за деца „Големи зборови за мали уши“, издание на „Либи“, дел од „А...
19.
Nov.
Ново
Подгответе се за нови книжевни патувања со „Арс Ламина“! Откријте кои интернационални книжевни хитови наскоро ќе излезат од печат на македон...
15.
Nov.
Ново
„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете... книга што никог...
14.
Nov.
Ново
Во публикацијата се  обработува еден од најгорливите проблеми поврзани со изговорот на македонскиот јазик - колоквијалниот изговор во Скопје и неговото ...
12.
Nov.
Ново
Книжевниот класик во македонската литература „Книга на небото“, од еден од најзначајните наши постмодернистички писатели Крсте Чачански, излезе о...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.84 MB