Ново

Мимоза Ристова: Во романот „Варшавската срна“ ги реанимирам трите љубови на Марија Склодовска Кири

15.06.2023.
Мимоза Ристова: Во романот „Варшавската срна“ ги реанимирам трите љубови на Марија Склодовска Кири

Трите љубови на двојната добитничка на Нобеловата награда, Марија Склодовска Кири, се во срцевината на новиот роман „Варшавската срна“ од Мимоза Ристова. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана вчеравечер (14.06), во Музејот на Град Скопје. Романот се темели на некои општопознати факти и настани врзани со животот и делото на сопружниците Марија Склодовска Кири и Пјер Кири. Поврзувањето на фрагментираните фактографски сознанија во едно единствено живо и интегрално ткиво Ристова го извела преку креативно пополнување на празнините со колоритна мрежа од имагинарни детали за нивните приватни животи. Таа направила книжевна реанимација на тие совршени ликови преку неиспишаните биографски елементи врзани со љубовта, страста, неправдата, шовинизмот, смртта и духовите на протагонистите.

– Романот „Варшавската срна“ го зафаќа проблемот на женскиот успех. Но, она што е возбудливо во романот е што нобеловката Марија Кири е претставена (сосе својот интелектуален и образовен габарит) низ призмата на љубовта, слободата, страста. Оваа одбрана позиција на Ристова не е никаков ризик за сентиментализам, напротив, ја осветлува Марија Кири од еден агол што не ни е толку непознат, туку по малку е невообичаен за нејзиниот лик – таков каков што ни го нуди фактографијата, историјата и вистината. Поднасловот на романот е „Трите љубови на Марија Склодовска Кири“, но ова не е љубовен роман. Љубовта е формат за предавање на универзалната позиција на жената во светот, во постоењето – потенцира уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска.

– Од неколку познати фактографски податоци за личната историја на Марија Кири, Мимоза Ристова има исткаено една романескна таписерија пред којашто стоите со широко отворени очи, љубопитно, по своја волја, и со уживање го следите текот на настаните. Романот е читлив, не затоа што допушта површен тривијален пристап, туку затоа што го задржува вниманието со својата раскажувачка хармонија, последователност, живописност и драматичност. Приказната се одвива хронолошки, линеарно, нејзината историско-биографска предлошка е познато, би се рекло, општо место во светската култура, а сепак романот е единствен, интересен, возбудлив, впечатлив.

Романот е поделен на три целини: крајот на првата љубов на Марија Кири со полскиот математичар Казимир Жоравски, бракот со Пјер Кири и страсната авантура со француски математичар Пол Ланжвен.

– Неслучајно ја почнувам приказната со крајот на љубовта со Казимир Жоравски, токму поради коинциденцијата и кулминацијата на шовинистичкиот историски контекст и интимната дискриминирачка врска, кои ја градат фрустрацијата во психата на Марија Склодовска до ниво на издигнување над сите бариери и правење на огромен, со јазикот на физиката би рекла, квантен скок, на самодокажување. Токму овој настан го прави позитивниот преврат во нејзиниот живот. Тој момент, кој не ѝ дава мир, всушност го дава отскочниот камен преку кој таа се претвора во икона на борбата за еднаквост на жената во високото образование и науката во светски размери. На крајот од временската оска е нејзината смрт. Таа умира предвреме остарена како жртва на науката за радијацијата. Морав некако читателот да го внесам да се соживее со грандиозноста на нејзиното дело преку нејзината тешка и агонична смрт од радијациска болест – изјави Ристова.

Во романот, науката и знаењето се многу прецизно дозирани во епруветата или во коблата (кажано со еден многу фреквентен збор во вашиот роман) на книжевниот текст. На прашањето, во каква релација биле уметничката (книжевна) и научна страна на Ристова додека ја пишувала книгата, таа рече:

– Ова прашање е врзано токму со најголемата внатрешна борба во мене додека го градев делото. Од една страна – бура од емоции причинети од мојата емпатија со сите нејзини несреќи, препреки, дискриминации по многубројни основи. Од друга страна – планина од информации и биографски податоци врзани за научните факти, од трета страна – историско-социолошки и културолошки контекст што треба да се структурира над серијата од драматичните настани. Едноставно речено, додека творев, често се борев со научникот во мене за да не надвладее над фабулата, да не го спушта емотивното ниво на читателот… Колку во приказната се открива Марија како личност, наместо како (научна) икона, тоа треба да го кажат критичарите и читателите. Во книгата ја отворив, а некаде можеби и ја пренагласив нејзината темна и тажна страна, кои, убедена сум, биле и двигателот на нејзиниот успех. Сепак, таа е обична жена со потреба за љубов и внимание, кои ѝ биле ускратувани од најраното детство, колку како виша сила, толку и од луѓето во тој историски контекст… Но, Марија Склодовска Кири е необична и единствена во тоа што ги надминала сите препреки како беспоштеден борец во машката гладијаторска арена. Почнала да жнее необични успеси – била најдобар постдипломец на физика на Сорбона. Потоа била најдобар постдипломец и на математика. Прва жена-доктор на науки по физика на Сорбона. Најпрвин ги кршела сите бариери под закрила на прекрасниот и генијалниот Пјер, но потоа и самата. Прва жена-професор на Сорбона. Прва жена-нобеловец. Втор пат нобеловец. Прва жена-нобеловец која е и мајка и жена на нобеловци. И конечно, не само жива туку таа и мртва ги победила сите стеги на шовинизмот. Замислете, нејзините мошти се пренесени во Пантеон заедно со Пјер. Не како сопруга, туку по свои заслуги е закопана како прва жена во Пантеон. Обичната жена е необично моќна како икона која дејствува и крева верба во родовата еднаквост во науката речиси цел век потоа – рече Ристова.

Проф. д-р Мимоза Ристова е универзитетски професор, научник, колумнист, романописец, драмски писател и борец за човекови права. Предава повеќе предмети на Природно-математичкиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, од областа на физиката и од повеќе мултидисциплинарни области. Ристова е автор на универзитетски учебници по електромагнетизам и електроника. Коавторка е на повеќе учебници по физика за основно и за средно училиште. Има објавено повеќе од сто научни публикации, од кои над 80 во списанија со импакт-фактор. Во 2017 година Ристова регистрирала USA-патент на изумот на уредот за спонтано цепење на водата. Во пролетта 2017 година Ристова била прогласена за Научник на годината на УКИМ.

Ристова има реализирано и неколку литературни остварувања, романи, збирка кратки раскази и драми од кои најпознати се насловите „Оскар за статуетката Мочко“, „Рашо го спасува светот“, „Серија од мајки“ и други.

Романот „Варшавската срна“ е достапен во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

19.
Dec.
Ново
По сликовницата „Рокчето“ и поетската збирка „Шестарот на времето“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави првата есеист...
17.
Dec.
Ново
Секој писател постојано бара инспирација. Алекс Мајклидис, авторот на интернационалниот бестселер „Немата пациентка“, се потпрел на три познати и...
29.
Nov.
Ново
„Арс Ламина“ со задоволство ја претставува новата едиција Shelf Help – со куси и практични водичи за самопомош, кои ќе ви помогнат да го по...
29.
Nov.
Ново
Понекогаш малите уши на децата не ги собираат големите зборови на возрасните. Всушност, тие не ги разбираат. Со цел да им помогне на децата да ги разберат, а...
22.
Nov.
Акции
Во рамките на големиот шопинг-настан Black Friday (Блек фрајдеј), од денеска (22 ноември), па сѐ до 1 декември, во „Литература.мк“ ќе има сериозн...
21.
Nov.
Ново
„Градоначалник“ е првата книга од новата едиција за деца „Големи зборови за мали уши“, издание на „Либи“, дел од „А...
19.
Nov.
Ново
Подгответе се за нови книжевни патувања со „Арс Ламина“! Откријте кои интернационални книжевни хитови наскоро ќе излезат од печат на македон...
15.
Nov.
Ново
„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете... книга што никог...
14.
Nov.
Ново
Во публикацијата се  обработува еден од најгорливите проблеми поврзани со изговорот на македонскиот јазик - колоквијалниот изговор во Скопје и неговото ...
12.
Nov.
Ново
Книжевниот класик во македонската литература „Книга на небото“, од еден од најзначајните наши постмодернистички писатели Крсте Чачански, излезе о...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.84 MB