Настани

„Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Никола Маџиров, во својот јазик

21.02.2025.
„Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Никола Маџиров, во својот јазик
„Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Никола Маџиров, во својот јазик

„Речиси сè во врска со Никола Маџиров е поезија. Така тој се однесува и кон пишувањето есеи. За него, пишувањето есеи е само една нова форма на пишување поезија.“

Поетична е секоја средба со него, секој разговор... а во тој ритам беше и промоцијата на првата есеистичка книга на еден од најпознатите и најпреведувани македонски писатели во светот, Никола Маџиров – „Дом во тишина“, што се одржа вчеравечер (20 февруари) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.

Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ѝ припаѓа на едицијата македонски книжевни класици, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Маџиров, во својот јазик.
Книгата ја промовираа уредничката Оливера Ќорвезироска и авторот на поговорот – Владимир Јанковски.
Ќорвезироска истакна дека „Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Таа, како и претходната книга на Маџиров во „Арс Ламина“ – „Шестарот на времето“, го собира на едно место распрсканото од Маџиров. „Шестарот на времето“ ги собра сите негови песни, а во „Дом во тишина“ се најдоа сите негови есеи претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосема нови.

Маџиров се заблагодари на сите што присутвуваа на промоцијата, на која се зборуваше за тишината, за сенките, за домовите... Сосема случајно, или можеби не, беше совпаѓањето на денот на промоцијата на оваа книга (20 февруари) со 25 години од заминувањето на Игор Маџиров (познатиот актер и братучед на Никола Маџиров, н.з.).
-Ова е и книга за отсуствата, а неговото привидно отсуство припаѓа на еден дом кој нема димензии. Да се зборува за сенката, всушност, прво се поставува прашањето што како деца сме си го поставувале: дали сонцето постои кога е ноќ? Потврдено е... Одредени стихови тоа го потврдуваат, бидејќи сè е кражба, па и месечината навечер краде од сонцето... Затоа сметам дека и сенката постои во темнината. Темнината понекогаш ни помага точно да знаеме каде стојат предметите во домот, бидејќи кога е светло, не ги забележуваме. Кога е темно, точно знаеме каде се, внимавајќи да не се удриме од нив. Стравот од нашето физичко присуство и ранливост ни помага во темнината да ги видиме сите сенки, а секоја сенка е тишината на зборовите. Секој обид да се напише нешто е само парче, дел од обидот да се улови нешто, како некој пасиониран ловец на пеперуги кој по цел ден е во потрага по нив. Ова е книга за детството во кое се чувствувавме толку сигурни. Сè всушност е потрага по минливоста на земјата; сите предмети се посилни од сите религии. Прагот е простор на сигурност, поинакво живеење, избегнување на класични дефиниции и класифицирања. Затоа, детството, од комфорот на повторливоста, е она што ме натера да пишувам – рече Маџиров.

На прашањето дали есејот е сенка на песната или обратно, тој рече:
- Во прашање е просторот. Есејот е како поле за фудбалска игра со избришани линии. Трчаш и не правиш прекршок. Секогаш кога пишувам есеј, го доживувам како трчање во недоглед. Поезијата, пак, е нешто подлабоко, трчање во длабочина. Во поезијата ме привлекува поливалентноста или повеќето вистини. Овде (во есејот), ме привлекува сомневањето во потрагата по вистините, и затоа сметам дека ако не постои сомневање, тогаш самата литература е сомнителна. Пишувањето е потрага – да се најдат границите на јазикот и на тишината. Тишината не е отсуство на звук. Тоа го имам согледано слушајќи музика. Исто така, молкот не е неможност да се каже нешто без зборови. Есејот ме враќа на она отуѓување од веќе дефинираното, ме враќа да ја преиспитам секоја официјална вистина. Ова е и книга на благодарности, свесноста дека не почнало сè од нас и дека треба да бидеме благодарни на другите. „Дом во тишина“ е книга што немаше да постои ако не беше гласноста на светот. Ако не беше идејата, поддршката и силата на Оливера Ќорвезироска, расфрлените зборови да се соберат во дом, кој, сигурно, пак ќе го напуштам. Оваа книга немаше да биде ако не беа разговорите за домовите и невдоменоста со Елизабета Шелева, ако не беа мислите и тишините на драгите пријатели при сите прошетки и битки... Оваа книга немаше да постои ако не беа стиховите на моите драги учители на отсуствата и на сочувствата со раните на светот, ако не беа прогоните, клучевите и враќањата. Оваа книга немаше да постои без јазикот на тивкото детство, без заборавот и без кревката архитектура на осаменоста, без слободата на сомневањето кон секоја лесно понудена слобода. Оваа книга немаше да постои ако не беа мртвите што ми доаѓаат во сонот и живите што сонуваат за мирно будење – истакна тој.

Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Севремени и Епистоларни . Тоа што ја нема именката есеј во именувањето на циклусите е само уште една потврда за високо поетизираниот стил на Маџиров кога пишува и други нешта, не само поезија. Бездомни, Севремени и Епистоларни во конкретниот случај се однесуваат на есеи, но можат имплицитно да се однесуваат и на песни, животи, идеи, чувства, мисли итн... 
„Дом во тишина“ содржи и поговор од Владимир Јанковски во кој на мошне прецизен, широк и високо компетентен начин се коментира неговото есеистичко писмо. Според него есеите на Маџиров се  песни во есеи, есеизирана поезија. Поетиката на Маџиров е база, темел и на неговите есеи. Дали пишува за јазикот, за поезијата или за конкретен автор, поет... Маџиров никогаш не се одлепува од стихот како метафора за неговиот творечки хабитус. Темите  за кои ги има напишано своите најубави песни, Маџиров не ги напушта ни тогаш кога ќе ја напушти песната. Ги носи со себе и во друг жанр, овој пат (во „Дом во тишина“) ги носи во есеистиката. Домот, детството, пишувањето, смртта, тишината... се стожерите околу кои се врти и забрзува ова исклучително творештво создадено на македонски јазик. 

Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено дузина книги на македонски јазик, вклучувајќи ги и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Литричр енд арт нетворк“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ и уште две поетски награди со национален предзнак: „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“.
Покрај „Дом во тишина“, издавачката куќа „Арс Ламина“ минатата година ги објави и неговата прва книга за деца „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска (импринт „Либи“) и „Шестарот на времето“ („Арс Либрис“), со неговото целокупно поетско творештво. 


Книгата „Дом во тишина“  е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
250 МКД
4,05 EUR
Заштеда 17%
300 МКД

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

19.
Feb.
Настани
Познатата анегдота поврзана со славниот писател Франц Кафка и девојчето кое тагува по изгубената кукла е инспирација за новата уникатна сликовница „Дев...
13.
Feb.
Настани
„Неочекувано“ е насловот на дебитантскиот роман на авторката Ана Мовска, кој беше промовиран вчеравечер (12 февруари) во „Литература.мк&ldq...
12.
Feb.
Настани
Во присуство на хероини од сите генерации и претставници од семејствата на силните жени што веќе не се меѓу нас, вчеравечер (11 февруари) во „Литератур...
08.
Feb.
Настани
Во присуство на многубројни гости во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, вчеравечер (7 февруари) беа промовирани  кни...
04.
Feb.
Настани
Петтото издание на „Денови на литературата“ ќе се одржи од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“.
05.
Dec.
Настани
Новата биографска книга „Јован Спасеновски-Џагула - херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“, од авторот Васко Марковски ќе биде промов...
21.
Nov.
Настани
Во присуство на многубројни гости, професори по македонски јазик, книжевници и ученици, вчеравечер (20 ноември), во „Литература.мк“ во „Дај...
04.
Nov.
Настани
Сликовницата „Шила“ е инспирација за работилница за деца, која ќе се одржи на 10 ноември (недела), во 12 часот, во „Литература.мк“ во...
01.
Nov.
Настани
По романтичната фаза и популарните романи „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“ и  тин-серијалот „Јас сум Миа“, по...
19.
Oct.
Настани
Со силен аплауз, многу емоции, солзи и смеа, во носталгичен и топол амбиент, вчеравечер (18 октомври) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол&ld...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.75 MB