Во присуство на многубројни гости во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, вчеравечер (7 февруари) беа промовирани книгите „73 дена“ од Иво Митев-Жиле и „И“ од Кристина Краличин, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Со овој настан почна програмата на петтото издание на „Денови на литературата“, што се одржува од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“.
Двете книги, кои влегоа во потесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2024 година, ги претстави уредничката Оливера Ќорвезироска.
„73 дена“ е првиот роман на раскажувачот и драмски автор Иво Митев-Жиле. Граден на една мошне чувствителна лична предлошка – дневникот на својот татко, романот ни го претставува, автентично и во прво лице, патувањето на бродот „Галеб“ на Јосип Броз Тито во 1961 година, кое траело 73 дена и е познато во историјата како Патот на мирот. Главниот лик, таткото на нараторот, на 14 години го напушта својот дом и заминува да учи средно техничко училиште во Пула, а потоа како активно воено лице патува на прославениот брод заедно со Маршалот.
- На патувањето од 73 дена, таткото на нараторот водел дневник којшто е искористен како еден вид калап, рамка, порта за книжевен влез во автентичниот допис на нараторот, синот на главниот лик. „73 дена“ е роман со многу впечатлива тема и несекојдневен пристап. Тој лебди помеѓу биографија, патопис, дневник... проширувајќи го и хибридизирајќи го романескниот жанр со многу референции на актуелни филмови, музики и книги од тоа време. Фактот и фикцијата во него постојано пловат заедно - рече уредничката Ќорвезироска.
Иво Митев-Жиле идејата за романот ја имал уште од 2014 година, кога го добил дневникот на неговиот татко.
- За постоењето на тој дневник никој од домашните не знаеше... Ракописот го пишував точно три години, и интензивно размислував за формата и начинот на кој би го реализирал романот, зошто мислев дека никогаш не ќе можам да напишам роман. Ми изгледаше како невозможна мисија. Откако го напишав го дадов на прво читање на неколку блиски луѓе, меѓу кои и мојот читател број 1 - мојата мајка. Од нив добив многу пофални зборови и тогаш едноставно решив да си ги пробам силите да го пратам овој роман на книжевната награда „Пегаз“, за најдобар необјавен роман. Влегувањето во потесниот избор за мене преставуваше огромна радост. Си докажав дека ете можам да напишам и роман. Во приказната главен лик е мојот татко. А, јас како наратор користејќи го како предлошка тој конкретен и толку познат историски настан, го преставувам преку внатрешни дијалози нашиот однос. Ова е книга за една многу лична приказна, која мене многу ми значи, а верувам дека ќе ги заинтересира и читателите, бидејќи односот татко - син е многу специфична тема за обработка и за книжевен изблик... Требаше и добра подготовка за автентично пренесување на тие приказни. Јас за сите земји кои ги посетиле ја истражив нивната историја, легенди, обичаи, фолклорот, музиката, храната и уште многу други нешта така што може многу нешто да се научи за тој свет кој за нас е сѐ уште недоволно познат - рече авторот.
Романот „И“ на Кристина Краличин е исто така базиран на вистинска приказна, со реални настани и случувања, со ликови именувани со вистински имиња. Ваквиот раскажувачки принцип го следи општиот реалистичен концепт на една лична семејна сага со автентични описи на македонските обичаи, традиции, адети, изгледот на македонското село Теово, атарот на селото и областа Азот.
„И“ е четврти роман на Краличин и, како што истакна таа, се разликува од нејзините претходни дела не само поради тоа што станува збор за ликови и дејства кои навистина се случиле во минатото на наша македонска почва во едно македонско село, туку се разликува и според начинот на кој се родила идејата.
- Овој роман како да ми пријде самиот на тој пат, како тој да ме пресретна мене, дури и изненадувачки брзо со брзината на една искра одеднаш го осветли минатото пред моите очи. Тој едноставно излезе од мене како потреба, а не како нешто што се планира и намерува. Ако кажам дека требаше порано да го напишам, ќе згрешам, бидејќи овој роман бараше од мене созревање како автор во домен што сум го имала во себе уште од раното детство. Тој „дојде“ во прав миг, кога можев сериозно и зрело да одговорам на работата околу него. Топонимите и ликовите се вистинити, тоа се луѓе кои живееле во селото Теово во периодот меѓу двете светски војни, а главната хероина на романот е моја прабаба Ицана, оттаму и насловот на романот „И“.
Пораката во романот „И“ е воедно и симболика на оваа буква - наслов на романот, порака дека минатото не смееме да го потиснеме, да го заборавиме, да го зафрлиме во сеќавањата и да не чувствуваме одговорност кон него. И значи дека секогаш треба да има продолжување, да одиме понатаму и да не запираме, затоа што само така ќе можеме да се дефинираме и самите себеси. Само со отворање на затворените страници на животот, со напојување на нашите корени со духовната храна, како дрвото што се храни од коренот за да создаде широка крошна што виши до небото, така и ние секогаш треба да знаеме кои сме и што носиме во себе. Тоа е повеќе, би рекла, себепронаоѓање. Во лавиринтот на животот И секогаш ќе биде потсетник кој е патот што води до излезот од тој лавиринт во кој не смееме како народ и како земја да се изгубиме - рече Краличин.
Во рамките на „Денови на литературата“ понудени се попусти на книги до 70%, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови инспирирана од Хари Потер, Покемон и Исидора Мун, како и дружби со Биби и Боби и Стела и Сани. Во продажната акција има попусти на најбараните книги за возрасни и за деца од 18 македонски издавачки куќи: „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Ид-концепт“, „Или-или“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Светот на Биби“, „Три“ и „Чудна шума“. Попусти до 70% на популарни наслови од нефикција, фикција и книги за деца ќе понуди „Арс Ламина“. На дел од книгите од „Или-или“ ќе има 50% попуст. Преостанатите издавачи ќе понудат 20% попуст на книгите.
Продажната акција „Денови на литературата“ се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“, во: „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, на ул. „Македонија“ во Скопје, во Битола (на „Широк сокак“) и во Струмица, како и на најголемата е-книжарница www.literatura.mk.
„Литература.мк“ подготви и изненадувања за своите посетители - со купени книги во книжарниците во вредност од минимум 1500 денари следува грепка со подарок. Меѓу подароците се: комплети со книги од Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Блаже Конески, Орхан Памук, Милан Кундера, Д-р Неле Карајлиќ, Барак и Мишел Обама, серијалите Хари Потер и „Темната граѓа“, „Прва училишна енциклопедија“, „Мојата прва библиотека“, „Мали умни глави“, детски класици на англиски јазик, како и блузони, зимски капи и друго. Секоја грепка е добитна!
Утре (9 февруари, сабота), во 12 часот, во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи настан за деца и родители - натпревар во местење сложувалки и коцките „Плус плус“. В понеделник (10 февруари), во 18 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ е закажана музичко-сценската пиеса за деца - „Златната книга на Лудви“ во продукција на „Музичка кутија“.
Во продолжение проследете ја целата програма.