Настани

Лирски почеток на „Видик“ - Скопје доби нова културна инфузија

17.05.2024.
Лирски почеток на „Видик“ - Скопје доби нова културна инфузија
Лирски почеток на „Видик“ - Скопје доби нова културна инфузија

Скопје доби нова културна инфузија – новиот фестивал за литература и општа култура „Видик“! Од 16 мај до 16 јуни, нашата метропола ќе пулсира во ритамот на фузијата на литературата, музиката, театарот, сликарството, филмот и дизајнот, умешно комбинирани и споени во богатата програма на првото издание на настанот што е во организација на „Литература.мк“. Главната мисија на фестивалот е да ѝ понуди на публиката квалитетна содржина, но и да даде поддршка на авторите од сите области на културата.

– „Видик“ е остварување на нашата долгогодишна визија и желба да направиме фестивал за литература, музика... култура. Да ја пополниме онаа празнина со настан што ќе ги спои сите аспекти на уметноста, односно да направиме фузија на литературата, музиката, театарот, сликарството, филмот, дизајнот... Со овој фестивал даваме културно освежување на Скопје и на домашната сцена, оддавајќи им почит на нашите истакнати уметници, музичари, автори и креативци, но и поттикнувајќи ги новите таленти, кои се дел од нашата креативна заедница. Верувам дека со „Видик“ ќе отвориме нови културни видици. Ве поканувам на едномесечна (интензивна) дружба и уживање со сите сетила, месец на инспирација и креативно издигнување – изјави Дарко Фиданоски, коосновач на „Литература.мк“, на отворањето што се одржа вчеравечер (16 мај), во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Првата фестивалска вечер публиката уживаше во лирскиот спој на поезијата и музиката. Настанот почна со промоција на поемата „Коњски житија“ на поетот, преведувач и универзитетски професор Зоран Анчевски, што е во издание на „Арс Ламина“. Промотор на делото, кое ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во ракопис во 2022 година, беше Венко Андоновски, а настанот го модерираше Оливера Ќорвезироска.

– Кога почнав да го пишувам делото „Коњски житија“, не планирав тоа да биде поема. Прво се родија неколку песни, кои претпоставував дека ќе ги соберам во стихозбирка. Но, како што напредуваше пишувањето, сфатив дека песните треба да почекаат за некоја друга книга или форма. Долго истражував и за приказните за коњи, споменати и опеани во книгата. Имено, застапени се најпознатите коњи од фолклорот, историјата и културата, од античко до денешно време. Најстариот коњ за кој можев да најдам запис е коњот на Сидарта (потоа Буда), коњот Кантака, па сè до коњот од стриповите за Таличниот Том... Истражував како најадекватно да ги претставам коњите и сфатив дека најдобро ќе звучи да раскажуваат во прво лице, тие (коњите) да „говорат“ за своето време, за своите јавачи и сопственици... Истовремено сакав да најдам начин како нивните искази да бидат релевантни за денешницата. Така, има низа теми што сè уште нè засегаат сите, критика на аномалиите на општеството, екологијата и друго... Многу сум благодарен на издавачката куќа „Арс Ламина“, што имаше прекрасен усет да ја (ре)објави оваа поема. Претходно, првото издание беше промотивно, само во неколку парчиња, и не можеше да се најде во Скопје. Но, со оваа публикација, книгата веќе е достапна до сите читатели. Ми претставува голема чест и задоволство што книгата ја промовираме на почетокот на фестивалот „Видик“, кому му посакувам многу успех, многу убави и инспиративни настани во прекрасниот простор на „Литература.мк“ – рече Анчевски, кој на денот на промоцијата го прослави својот 70-ти роденден, што беше одбележано со аплауз од 70 секунди.

За книгата, промоторот Венко Андоновски рече: „Постојат дела што дури откако ќе се појават и ќе станат единица мерка за жанрот и за книжевноста, во нас предизвикуваат студен страв што се изразува со прашањето: ’Како сме можеле да живееме без ова дело досега?‘ Такви дела се ’Тешкото‘ (Конески), ’Пиреј‘ (Петре М. Андреевски), ’Црнила‘ (Коле Чашуле), ’Диво месо‘ (Горан Стефановски), ’Дениција‘ (Петре), ’Света песна‘ (Анте)... Такво дело за мене е и поемата ’Коњски житија‘ на Зоран Анчевски. Бравурозно и неповторливо. Единица мерка за оние што доаѓаат во македонската книжевност, без разлика дали сакаат да галопираат или да каскаат низ неа... ’Коњски житија‘ е вистински дијамант на нашето поетско творештво.“

Во продолжение на вечерта настапи скопската група „Акварела“ (Aquarela) во состав: Јани Костурски (вокал), Маја Капсарова (бас гитара) и Ѓоле Грујовски (гитара). Тие ги изведоа најубавите боса нова стандарди. Симболично, името на „Акварела“ означува океанско-сина боја, што истовремено е и наслов на еден од најпознатите џез-стандарди од Латинска Америка – „Aquarela do Brasil“ од Ари Баросо... во тон со музиката што ја негува оваа група – бразилски џез и боса нова.

Програмата на „Видик“ продолжува, вечерва, во 21 часот, со концертот на џез-групата „Парусион груп“, во состав: Ѓоле Грујовски (гитара), Јован Цветковиќ (пијано), Дионис Стратров (бас), Петар Колевски (кларинет и саксофон) и Михаил Парушев (тапани).

Во продолжение проследете ја целата програма на „Видик“.

https://www.literatura.mk/vidik

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

21.
Feb.
Настани
„Речиси сè во врска со Никола Маџиров е поезија. Така тој се однесува и кон пишувањето есеи. За него, пишувањето есеи е само една нова форма на ...
19.
Feb.
Настани
Познатата анегдота поврзана со славниот писател Франц Кафка и девојчето кое тагува по изгубената кукла е инспирација за новата уникатна сликовница „Дев...
13.
Feb.
Настани
„Неочекувано“ е насловот на дебитантскиот роман на авторката Ана Мовска, кој беше промовиран вчеравечер (12 февруари) во „Литература.мк&ldq...
12.
Feb.
Настани
Во присуство на хероини од сите генерации и претставници од семејствата на силните жени што веќе не се меѓу нас, вчеравечер (11 февруари) во „Литератур...
08.
Feb.
Настани
Во присуство на многубројни гости во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, вчеравечер (7 февруари) беа промовирани  кни...
04.
Feb.
Настани
Петтото издание на „Денови на литературата“ ќе се одржи од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“.
05.
Dec.
Настани
Новата биографска книга „Јован Спасеновски-Џагула - херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“, од авторот Васко Марковски ќе биде промов...
21.
Nov.
Настани
Во присуство на многубројни гости, професори по македонски јазик, книжевници и ученици, вчеравечер (20 ноември), во „Литература.мк“ во „Дај...
04.
Nov.
Настани
Сликовницата „Шила“ е инспирација за работилница за деца, која ќе се одржи на 10 ноември (недела), во 12 часот, во „Литература.мк“ во...
01.
Nov.
Настани
По романтичната фаза и популарните романи „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“ и  тин-серијалот „Јас сум Миа“, по...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.11 MB