Со свеченост во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, вчеравечер (16 април) беше врачена наградата „Пегаз“ за 2023 година и беше промовиран победничкиот роман – „Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска Атанасова. На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“, се обрати жирито во состав: Николина Андова Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.
Романот за млади „Риба во(н) мрежа“ на хумористичен начин им пристапува на темите што ги допираат современите тинејџери, нивната зависност од мобилните уреди, мултилингвалноста како феномен на Генерацијата З и нивната зачуденост пред реалниот свет. Младата авторка и лауреат на „Пегаз“, Јована Матевска Атанасова изјави дека оваа награда е највисоко достигнување во нејзината досегашна работа.
– Секоја добиена награда за мене има посебна вредност, претставува одреден период од моето творештво, а наградата „Пегаз“ е круната на мојот досегашен книжевен труд. Инспирацијата за „Риба во(н) мрежа“ ја добив пред три години, откако сестра ми се пресели во Австралија. Во фаза на носталгија постојано шетав со мислите тука и таму, сега и некогаш, и така неслучајно се роди овој ракопис за млади. Сакав да напишам забавна книга што ќе биде еднакво привлечна и за младите, колку и за нивните родители, но во обратен реципроцитет, роман што родителите ќе го истргнат од рацете на децата за да го прочитаат. Знаев дека ликот на Ника треба да биде, пред сѐ, хумористичен, интригантен и доволно возбудлив, а воедно, ракописот да понуди нешто досега невидено во нашата литература за млади – да создадам концепт на интерфејс и графички елементи што „од око“ ќе го натераат читателот, а тука пред сѐ мислам на тинејџерот, да се „фати за книгата“. Не ми е првпат да си поиграм со прозната форма. Напротив, нејзиното обликување, па дури и креативно обезличување, за мене е предизвик. Дејството го сместив во македонскиот Ерусалим, Охрид, градот што дише во тактот на историјата и религијата, во обид да поставам паралела помеѓу сегашниот свет оддалечен од реалноста. Така и би го карактеризирала романот, напишан како билингвален во секоја смисла – на јазикот на возрасните и јазикот на децата, јазикот на невиноста и јазикот на созревањето, јазикот на емотиконите и азбуката... Она што „Риба во(н) мрежа“ се обидува да го разгласи е дека никој од нас не ѝ робува на технологијата, но постојано растеме со новите пронајдоци. Најсилниот алгоритам сепак се љубовта и семејството и тоа го одржувало човештвото низ вековите, не копчето, не електронската команда. Колку поскоро станеме свесни (ние и генерациите кои доаѓаат по нас) која е централната нота на исполнет живот, толку повеќе ќе научиме да уживаме во него – изјави Матевска Атанасова, која откри дека и книгата ја напишала на својот телефон.
Одлуката да го прогласи за победнички романот „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова била едногласна, поткрепена со еден силен и издржан аргумент: дека овој роман – кој се приближува до светските трендови за пишување литература за млади – би можел да го поттикне односниот жанр во нашата културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади.
– „Риба во(н) мрежа“ е тинејџерски роман што третира една современа тема што ги засега најмногу помладите генерации − прекумерната зависност од технологија и предизвикот да се живее без „помошта“ од паметните телефони. Раскажувачкиот стил е непретенциозен, забавен, со внимателно дозиран хумор во приказната. Авторката, освен со јазикот, си поигрува и со формата, вметнувајќи графички содржини што треба да симулираат мобилни апликации, икони од интерфејс на мобилни уреди, рачно напишан телефонски именик, цртежи-патокази итн., кои и визуелно го разигруваат текстот и го оживуваат во рацете на младите читатели. Одредницата „роман за млади“ треба да се сфати само условно, како и дидактичкиот вовед дека Ника, главниот лик, се обидува „да го разбие митот дали може да се преживее еден ден без мобилен, за доброто на тинејџерите“. Зад оваа своевидна лажна трага се крие посложена и послоевита приказна, во која, освен спротивставувањето на реалниот и виртуелниот свет, пред читателот се открива внатрешниот, емотивен свет на една млада девојка која се соочува со многу предизвици. Она што додава вредност на овој роман е директното реферирање на книжевни класици за деца од македонската книжевна историографија, како што се: „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски, „Касни порасни“ од Петре М. Андреевски, „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски... суптилно сугерирајќи дека лектирата е неизоставен дел во форматирањето на личноста и воспитувањето на вкусот од најмала возраст, но и дека книгата, како и мобилниот телефон, ја има таа моќ моментно да нè прошета низ времето и да ни врати пријатни спомени, без разлика на „застареноста на моделот“ – се вели во образложението на жирито што го прочита Николина Андова Шопова.
Уредничката на книгата, а воедно и член на жирито, Бисера Бендевска, рече дека „овој роман го проветрува македонскиот книжевен простор, неагресивно внесува модерност во корпусот за млади читатели, а истовремено се поклонува и се надоврзува на поставените темели од претходниците, затоа што само на тој начин се воспоставува континуитет и се постигнува правилен развој во една национална книжевност“.
– Ако македонските „зумери“ и читателите од сите генерации кои повремено сакаат да направат мала книжевна екскурзија во други жанрови и возрасни категории, досега се задоволувале со преводите на бестселерите од фикцијата за млади од светот, од денеска ќе имаат можност да прочитаат еден свеж, македонски книжевен производ и да посакаат повеќе вакви домашни книги на читателското мени – рече Бендевска.
Конкурсот за наградата „Пегаз“ за 2024 година е во тек и ќе биде отворен до 1 јули. За наградата може да се конкурира со необјавени романи (ракописи) на македонски јазик, за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ.
Добитникот на наградата ќе биде објавен на 2 септември 2024 година. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.