Во присуство на многубројна публика во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Ист гејт“, на 29 септември (петок) издавачката куќа „Арс Ламина“ одржа промотивен настан за трите романи-финалисти за наградата „Пегаз“ во 2022 година. Промоцијата се однесуваше на насловите „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон, кои во конкуренција од 38 ракописи беа разгледувани во финалниот круг од страна на стручната жири-комисија во состав: Владимир Јанковски, писател и уредник, Елизабета Баковска, писателка и теоретичарка, и Бисера Бендевска, претставничка на издавачката куќа.
Со авторите на романите разговараа уредничките од редакцијата на „Арс Ламина“, Оливера Ќорвезироска, Татјана Димовска-Атанасова и Бисера Бендевска.
„Писма од лудница“ е шпионски и политички трилер, сместен во совремието, но се занимава со минатото и со немирните духови од едно не толку далечно време во идиличната Југославија, кога врз пепелта од рушевините од големата светска војна, почна да се создава државата што тежнееше да стане утописко место. Романот ги следи приказните на младиот психијатар-стажант Војдан Лукин и на старецот Илија Петровски кои постепено почнуваат да создаваат сложена плетка од ликови, мотиви и настани.
Срѓан Ивановиќ: „И покрај тоа што денес постојат многу романи за Југославија и сè уште се пишува на таа тема, решив да напишам роман што на поинаков начин ќе ги опише настаните околу создавањето и рушењето на поранешната држава, низ призма на еден лик кој како агент на УДБА бил директен учесник во настаните. Немам намера да го оправдам дејствувањето на оваа тајна служба, туку да дадам поинаква светлина на случувањата, што е поткрепена со темелна подготовка и многу исчитани страници на оваа тема“.
„Мртва коска“ е широка, епска фреска со мноштво автентични ликови распнати помеѓу стварното и нестварното, помеѓу сонот и јавето, вистината и лагата, желбите и можностите,.. создава цел еден можен, реалистично-ониричен свет сред неможноста на нашето време. Сложената, вмрежена приказна за ликовите извајани од нашите стварносни небитија и населени во една зграда на улицата „Прашка“ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, продира до најдлабоките пластови на личното, но и на колективното, општественото.
Димче Парталоски: „Многу размислував за насловот на мојот роман. Имав најразлични идеи, сакав метафора која ќе го ’носи‘, ќе го ’содржи‘ целиот роман. ’Мртва коска‘ мислам дека е токму тоа, метафора за сите израстоци на човекот и на општеството во кое живееме... Тоа што сум адвокат, не знам дали и колку влијае на мојата писателска работа, но, во секој случај, станува збор за две сосем различни нешта. Излегувам од едното и влегувам во другото. Нештата се различни, но судбините на луѓето несомнено се поврзувачката нишка“.
„Есента во животот на професорот по марксизам“ е приказна за другарот 068, пензиониран професор по марксизам. Другарот 068 останува вдовец и се задушува во сопствениот стан во кој не е сигурен кој е помртов, тој или неговата Матилда. Револуционер без револуција, тој е како морнар среде пустина. Еден ден, собира храброст и го отвора своето досие од УДБА и како од Пандорина кутија ги ослободува духовите од минатото...
Моџо Килингтон: „Романот е приказна за стареењето и работите што ги чекаме, со години, со децении, цел живот и работи што не ги дочекуваме. Работи за кои се спремаме, но тие не се спремни за нас. Работи што ги посакуваме, а тие не нè посакуваат. Што би рекол Ленин, ’Има децении во кои ништо не се случува и има недели во кои се случуваат децении‘. Ние живееме во децениите во кои не се случува ништо, чекајќи ги неделите да се случат децении. Пораката е едноставна – погледнете околу себе и ако сте задоволни, тогаш романот не ви треба. Погледнете и дома околу себе, ако не сте десеткувани од капитализмот и во тој случај не ви треба овој роман“.