Во автентичниот амбиент на Културниот центар „Магаза“ во Битола, проследено со соодветен музички избор, вчеравечер (26 мај) беше промовирана новата збирка „ОбојОбојОбој“ од авторот и диџеј Јордан Николов. Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше Бисера Бендевска.
„Во оваа книга по првпат се применува методот на Бјордан (Byørdan) – техника за одредување на просечно времетраење на едно книжевно дело (вредност дефинирана откако бил тестиран примерок од 37 случајно одбрани читатели во различни временски услови, расположенија, периоди од денот, местоположба, замор и исцрпеност од работни обврски или наспани и одморени разгалени студенти, влијанија од кофеин, алкохол или слични стимуланси или отсуство од нив...). Накусо: тоа е времетраењето потребно за едно книжевно дело (во овој случај – расказите) да се прочита во вообичаени, секојдневни околности“, стои во забелешката на авторот на почетокот на книгата, како назнака за тоа што треба да очекува читателот.
Покрај впечатливата корица (како грамофон со плоча), прво нешто што паѓа во очи е насловот на книгата. Авторот објасни што значи ваквиот наслов:
– Првичната намера ми беше насловот да биде: „Обој!“ (глагол во императив) што го сметав како соодветен за конкретната општествено-политичка состојба во која се наоѓавме во периодот кога требаше да се издава книгата – 2021 година (а во кој сè уште се наоѓаме): пандемија, светска економска криза и генерално – општо пукање по шевови на една општествена парадигма. Сакав и да фрлам „боја“ врз целото сивило што нè опкружуваше. Имено, да обоиш нешто на македонски јазик, кажано набрзина и трипати на англиски јазик, значи лелекање (Oh boy! Oh boy! Oh boy!) – што исто така одлично соодветствува со општото расположение во светот, и трето: со оглед на тоа дека уметничкото име како диџеј ми е B.Boy – и таму, по звучност, го имаме бој. Така се одлучив на „ОбојОбојОбој“ – што би требало, во исто време, да повикува на очаен повик „Дајте да си ги обоиме животите“ и ЛелеЛелеЛеле – лошо ни се пишува – вели Николов.
Расказите се замислени како музички секвенции и како „траки“ на плоча прескокнуваат од една на друга тема.
– Книгата е замислена и е конципирана да потсетува на музички албум. Откако паметам за себе, сакам да бидам тапанар во некоја група. Животна цел ми е да издадам носач на звук (и тоа, ќе мора да биде – на плоча). Така, кога збирката раскази почнуваше да се крчка кај мене во главата и да ги здобива контурите – ми текна дека секој расказ би требало да измерам колку време ми е потребно за да го прочитам (исто како што покрај секоја музичка нумера на компакт-дискот, плочата или на „Јутјуб“ има назнака колку време трае тоа). Ќе си вклучев стоперка и ќе почнев да си ги читам расказите со некое темпо што го сметав дека е со средна вредност. Ни пребрзо – оти се мои твoрби и знам што следува во текстот, ниту пребавно, едноставно – некако на средина – рече тој.
Расказите се пишувани во период од 2002 година (кога по првпат добил награда во „Студентски збор“ на конкурсот за краток расказ), па сè до неделите пред книгата да излезе од печат. Инспирација и информации црпел од: Акаша (основа и суштина на сите нешта во материјалниот свет според хиндуизмот). Жанровски, расказите се од широк дијапазон: од сатирични, романтични, комични, дневнички...
– Во светот на Николов, сите обични појави во малиот град/малата соба (исклучиво во физичка смисла на зборот!), дури и оние што се толку обични тукуречи невидливи за сите освен за ексцитираното око на Јордан, добиваат митски статус, стекнат преку избрусена смисла за хумор, пародирање, первертирање и очудување, така што локалните теми добиваат универзална виза – кажа промоторката на синоќешниот настан.
Ова не е прво објавено дело на Николов. Во 2017 година, во рамките на фестивалот „Скопје Креатива“, беше издадена неговата збирка раскази „Играчките на д-р Бре“. Во прилог на книгата имало и компакт-диск со скици од негова авторска музика, како и четири „ремикси“ на некои од неговите раскази напишани од негови драги пријатели. Најчесто пишува раскази, повремено создава поезија и има напишано еден (сè уште необјавен) роман.
Николов е активен протагонист во културната сфера на Битола како диџеј, колумнист и писател во локален неделник, радиоводител и уредник на сопствена емисија, соработник како грамофонџијаво првата постава на „Фолтин“ и „Љубојна“, (кратко) сопственик на книготека на Широк сокак.
Николов, кој три децении е активен на клупската сцена како диџеј, по официјалното претставување на книгата, пушташе музика во „Магаза“.
Книгата „ОбојОбојОбој“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.