Многубројни ученици од основните и средните училишта, нивните наставници и родители, како и фанови на популарниот серијал за младиот волшебник од Џ. К. Роулинг, беа дел од настанот посветен на Хари Потер, што се одржа на 16 април (сабота) во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“.
На настанот беа промовирани книгите од серијалот „Хари Потер“ на македонски јазик, беа прoгласени и наградени победниците на ликовниот и литературен конкурс „Светот на Хари Потер“, а се одржа и натпревар во знаење. Дополнителен шарм на оваа дружба дадоа многубројните фанови маскирани како Хари Потер и Хермиона Гренџер.
На конкурсот, што се одржа од 18 февруари до 20 март, пристигнаа повеќе од 350 волшебни ликовни творби, фотографии и други визуелни творби и над 50 магично напишани литературни дела (песни, раскази, есеи) од учениците во основните и средните училишта од цела Македонија.
За победниците и пофалените во литературниот дел одлучи жирито во состав: Ведран Диздаревиќ и Јана Соколовска (уредници на книгите „Хари Потер“ на македонски јазик) и Татјана Димовска-Атанасова (уредничка во „Арс Ламина“ и администраторка на страницата на „Фејсбук“ – „Во светот на Хари Потер“).
Гран-при на литературниот дел од конкурсот „Во светот на Хари Потер“ освоиЈана Глигороска, ученичка во 4 клас, СУГС гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје. На првата позиција е Ева Дејановска (9 одд., ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“), на второто место се: Лина Кулевска (6 одд., ОУ „Гоце Делчев“, Битола) и Илина Стевковска (8-2 одд., ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“, Скопје).
На третото место се: Трајче Бансколиев (8 одд., ОУ „Видое Подгорец“, Колешино), Горазд Трајковски (4 одд., ОУ „Мирче Ацев“, Скопје) и Теодора Гијевска (4 одд., ОУ „Наум Наумовски-Борче“, Скопје).
Пофалени од литературниот дел на конкурсот се: Теодор Милосиовски (6 одд., ОУ „Димитар Македонски“), Лука Трајковски (6 одд., ОУ „Кочо Рацин“, Куманово), Теодора Ѓорѓиеска (7 одд., ОУ „Гоце Делчев“, Прилеп), Сара Ангелова (9 одд., ОУ „Климент Охридски“, Делчево), Давид Атанасовски (1 одд., ОУ „Коле Калински“, Битола) и Матеј Маневски (3 одд., ОУ „Вера Циривири-Трена“, Скопје).
Во образложението на жирито се вели:
„Во литературниот дел од конкурсот доминантни беа две наративни линии – првата, во која доминираат желбите да се биде дел од волшебниот свет на Хари Потер, и втората, во која е потенциран восхитот од начинот на кој е креиран светот на магијата и фантазијата од страна на авторката Џ. К. Роулинг. Нишката што ги поврзува овие наративи и она што сите деца без исклучок го посакуваат: е да имаат волшебни моќи со кои ќе му се спротивстават на злото. Осоколени од храброста, сплотеноста и моќта на пријателството на тројцата главни јунаци кои извојуваат победа над мрачните сили во делата и филмските адаптации на Роулинг, тие пренесуваат исклучително моќна порака: тоа што се деца не значи дека не можат да направат сигнификантни промени, да извојуваат макар и ситни победи, да се чуе нивниот глас и нивното мислење. Доминантни, во таа смисла беа творби во кои злото против кое се борат младите волшебници во книгите на Роулинг е транспонирано во најголемото зло и закана на денешницата, војната. Пораката на нивните творби е јасна и недвосмислена: кога би имале волшебно стапче и супермоќи, тие би ги искористиле да ја запрат војната за да им обезбедат среќно и спокојно детство на своите другарчиња“.
За победниците во ликовно-визуелниот дел од конкурсот, пак, беа задолжени: Здравко Гиров (стрип-артист и илустратор), Сашко Потер Мицевски (филмаџија и голем фан на Хари Потер) и Александра Филипоска (графичка дизајнерка и илустраторка во „Арс Ламина“).
Првото место во ликовниот дел од конкурсот го освои Нена Стојкоска, која е втор клас при СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија. На втората позиција се: Сашка Билбиловска (9-б одд., ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“, Гостивар), Никол Стојкоска (II-4 клас, СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија). Трето место се: Наталија Арсовска (7-3 одд., ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Скопје) и Сара Цветановска (8 одд., ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, Скопје).
Пофалени за своите ликовни творби се:Мила Поповска (6-а одд., ООУ „Кочо Рацин“, Скопје), Олег Трајковски (9-3 одд., ОУ „Гоце Делчев“, Битола), Ања Русевска (9-1 одд., ООУ „Кочо Рацин“, Куманово), Леона Стојковска (8 одд., ООУ „Кочо Рацин“, Куманово), Кристијан Стефановски (ООУ „Кочо Рацин“, Куманово), Лина Беслаќ (6-а одд., ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, Скопје), Калина Зрмановска (8-3 одд., ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“, Скопје), Марта Јанева (I-5 клас, СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“), Вероника Корунска (9 одд., ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, Скопје), Теа Бурнеска (5-4 одд., ОУ „Климент Охридски“, Прилеп), Мила Вукелиќ (7 одд., ООУ „Киро Глигоров“, Скопје), Ана Ивановска (5 одд., ОУ „Владо Тасевски“, Скопје).
Во образложението на жирито за ликовниот дел се вели:
„Првонаградената Нена Стојкоска нѐ маѓепса со нејзиниот портрет на саканиот протагонист, Хари. Цртежот е насликан со одлична техника и одлична композиција на портретот и изобилува со многу детали што го карактеризираат ликот: бушава коса, був во заднината, замокот Хогвортс во заднината, Грифиндор вратоврска и легендарната молња лузна на неговото чело. Неговиот отсутен и замислен поглед го предизвикува гледачот да се внурне во мислите на ликот и да се праша ’Која е неговата следна авантура?‘“
Учесниците и нивните ментори добија дипломи/пофалници, а за најуспешните следуваа и вредни награди инспирирани од светот на Хари Потер.
На настанот се одржа и промоција на седумте книги од серијалот „Хари Потер“ од авторката Џ. К. Роулинг, објавени на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ од Скопје. Станува збор за книгите: „Хари Потер и Каменот на мудроста“ (што го има и во лектирна верзија), „Хари Потер и Одајата на тајните“, „Хари Потер и затвореникот од Азкабан“, „Хари Потер и Пламениот пехар“, „Хари Потер и Редот на фениксот“, „Хари Потер и Полукрвниот принц“ и „Хари Потер и Реликвиите на смртта“. За книгите и за искуството при нивното уредување зборуваа уредниците на македонските изданија: Ведран Диздаревиќ и Јана Соколовска.
Голем интерес на настанот предизвика и интерактивниот дел за сите млади читатели и фанови на Хари Потер. Во овој дел, Сашко Потер, кој е голем вљубеник во Хари Потер и учесник во монтажата на звук на филмот „Фантастични ѕверки“, поставуваше интересни прашања поврзани со факти од книгите, за што следуваа многу награди и изненадувања.
Денот на Хари Потер беше во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“, која ги поседува авторските права за книгите од серијалот „Хари Потер“ на македонски јазик, и книжарниците „Литература.мк“, кои се застапници на лиценцирана гифт-програма инспирирана од светот на младиот волшебник. Со овој настан се приклучивме на светските случувања со кои се одбележуваат 25 години од објавувањето на првата книга од серијалот „Хари Потер и Каменот на мудроста“ од Џ. К. Роулинг и 20 години од првиот филм.
Книгите од серијалот за Хари Потер се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14804.