Денеска одбележуваме 58 години од разорниот скопски земјотрес. На 26 јули 1963 година, во 5.17 часот, Скопје го разбуди најголемата катастрофа во неговата поновата историја. Земјотрес со силни 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала), кој траел 20 секунди, го разурна градот. Од потресот бea урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останаa без покрив над глава. Под урнатините животот го загубија 1.070 луѓе, а беа повредени над 4.000 граѓани. Првата помош за граѓаните на Скопје дојде од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот почна да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје, кои помогнаа тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.
Животот и историјата на градот по тој кобен дел се дели на пред и по земјотресот. Старо Скопје, земјотресот, како и ново, постземјотресно Скопје, често се инспирација за домашните автори, уметници и дизајнери. Се среќава како мотив во песните, расказите, романите, мемоарите и во книгите за деца.
Луѓето, животните, архитектурата и населбите на Скопје се проткаени низ повеќе изданија од книжарниците „Литература.мк“ со кои ја одбележуваме годишнината од катастрофалниот земјотрес.
1. „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ
Интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од авторката Александра Тодоровиќ, со илустрации на Марко Јанев, е посветена на Скопје и неговата историја, поточно периодот под османлиска власт. Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. По првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот.
„Дали си подготвен за една суперавантура, стотици години наназад низ историјата во нашиот главен град, Скопје? Да истражуваш, да се бориш и да се криеш, да бидеш вистински јунак? Оваа книга нема да ја читаш по вообичаен редослед. Низ страниците ќе се соочиш со многу предизвици. Ќе се запознаеш со Скопје и со јунаците од неговото минато кои се споменуваат и до ден-денес, бидејќи со своите дела, храброста и јунаштвото оставиле печат зад себе. А сега, ти си на ред да станеш јунак. Додека се движиш низ страниците на оваа книга, мораш да бидеш многу храбар и мудар. Ако се случи да се изгубиш, не предавај се, обиди се повторно. Книгата секогаш ќе те врати на вистинскиот пат! Со помош на оваа авантура ќе научиш еден дел од историјата што е значаен за нашиот главен град. Тоа е периодот кога градот Скопје бил под османлиска власт. Ќе посетиш многу објекти значајни за тоа време и кои до ден-денес постојат за да нè потсетуваат дека Скопје е град со многувековна традиција.“
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14448
2. „Скопјани“ од Гане Тодоровски
„Оваа книга е мал колаж од песни и други стихозборја и тивкозборја, игрозборки и зборограпки, сонофатки и досеќавалки, слова, записи, документи, препеви паметења и уште други зборовни итроштини, врзани исклучиво за Скопје и за скопјани“, ќе напише Гане Тодоровски во белешката кон „Скопјани“, што можеби неслучајно се наоѓа среде срцето на оваа книшка. Низ овие стихувани страници со документаристичка вредност, поетот пее за конкретни теми, објекти и личности сместени во реалистична просторно-временска рамка, каде што опеаното се актуализира. Овде поетската слика е отворена и согледлива, што ја прави оваа поетска збирка комуникативна и читлива и надвор од својот контекст.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14447
3. „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева
Монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи осумдесетина фотографии со објекти изградени по скопскиот земјотрес. Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во овој циклус фотографии на Богоева. Во нејзиниот фокус се 30 објекти создадени во втората половина на дваесеттиот век, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други. Гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова. Во 2019 книгата, за оваа публикација ја доби престижната награда „13 Ноември“, што ја доделува Град Скопје.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13421
4. „Боксерот од Ново маало“ од Владимир Плавевски
Ангел Тотевски, меѓу своите маалци и пошироко попознат како Шуре Катиљ, е прочуен тепач од Ново маало. Прекарот го добива во кланицата каде што работи, оти најбрзо од сите шури јагниња, ама и затоа што е катиљ по душа. Поради проблемите што си ги навлекува со својот терсене карактер, еднаш завршува претепан од милицијата и прибран во затвор. Единствено решение да го скроти својот темперамент е да почне да тренира бокс. Тренирајќи напорно и посветено, Шуре прераснува во боксерска икона на боксерскиот клуб „Вардар“ и гордост на новомаалци. „Боксерот“ е уште едно емотивно четиво на Владимир Плавевски, во кое преку приказната за маалскиот кабадаија Шуре, ги преживуваме сите премрежиња низ кои поминале луѓето во кобните 1962 и 1963 година во Скопје.
Романот ја доби престижната награда „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2020 година, што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14442
5. „Зора зад аголот“ од Димитар Солев
Книгата „Зора зад аголот“ од Димитар Солев неодамна беше реиздадена во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, на издавачката куќа „Арс Ламина“, чијашто цел е овие изданија да се приближат до новите генерации читатели. Корицата на новата верзија е мотив од слика на пријателот и соработник на Солев, уметникот Васко Ташковски. „За разлика од некои, што се родени со среќа па фрлени на буниште, јас сум роден на буниште и фрлен на среќа. Буништето е меана, а среќата град...“ Вака ја почнува својата приказна безимениот наратор со презиме Колиштрк, кој од безбедната позиција на балконот, каде што се чувствува „ни на небо ни на земја“, низ самоделски перископ од огледалца, го набљудува животот на намерниците во меаната на неговиот татко – „Зора“. Преку симболот на перископот, овој роман – што е парадигматичен за модернистичките тенденции во современата македонска книжевност – автореферира на писателскиот занает. Тоа се потврдува и со последната реплика во романот: „...нема ништо поубаво од убивање на времето; макар и со ѕиркање во туѓи животи, додека не си го имаш својот“. Помеѓу почетната и крајната точка, пак, се простира современа хроника за градот Скопје од втората половина на 20 век, метонимиски претопена во историјата на славната „Зора“ зад аголот, која е и симболичкиот архив на предземјотресно Скопје. Наратор е младиот писател кој живее над градската кафеана во Дебар маало, „Зора“, и со својот перископ ги следи и ги бележи судбините на луѓето кои се гости. Од Славе Вардарец до локалниот лекар, кој е ексцентрик и вегетаријанец. Во секое поглавје, како што вели Читачот, фокусот е на нов лик, но приказните и на другите ликови вешто се испреплетуваат.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14537
6. „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски
Книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски, која содржи носталгични и емотивни реминисценции од старо Скопје, беше промовирана во 2019 година на годишнината од скопскиот земјотрес. Со неа старите скопјани ќе се потсетат на градот пред земјотресот, а новите генерации ќе дознаат каков бил некогашниот маалски живот. Скопската населба Ново маало, за жал или за среќа, сè уште постои и е речиси иста и непроменета како и пред седумдесет години – времето кога расказите содржани во оваа книга биле реалност. Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри. Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни реминисценции за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13306
7. „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ од Јасмина Кантарџиева Димков
Приказната во книгата за деца „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ од Јасмина Кантарџиева Димков е сместена во една од најпознатите скопски населби изградени по земјотресот во 1963 година. Тафталиџе е симбол на солидарноста на светот по оваа катастрофа. Изградена е со монтажни куќи – донации од Чехословачка, Финска, Полска, Норвешка, Швајцарија, Италија, Мексико, Франција… Во нивна чест се именувани и улиците во ова населено место. Во книгата на Кантарџиева Димков во Тафталиџе 1 владее вистинска животинска хармонија. Ја одржуваат другарствата помеѓу маалските кучиња. Некои од нив се расни и имаат дом, а другите се миленици на улицата и за нив се грижат повеќе родители (најчесто деца). И ги има секакви: големи, мали, дебелки, слабички, брзи, бавни, болникави (ама не страшно, туку само склони на настинки)… а што е поважно – секое од кучињата има свој уникатен карактер. Животот во Тафталиџе 1 тече мирно и безгрижно… Кучињата секојдневно се дружат и се шетаат по познатите улици „Виенска“, „Букурешка“, „Париска“, „Прашка“, „Лондонска“, „Варшавска“, „Хелсинки“, а маалото е полно весели кучешки лаежи. И сѐ би било совршено, да не е тука Страшилото и неговите миленици, бандата мачки.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13140
8. „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од Зоран Михајлов
„Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ не е само носталгична збирка од напишани спомени на истакнатиот и светски признаен спортски новинар и коментатор Зоран Михајлов. Уште повеќе, оваа книга е паметник на успесите на македонските спортисти, на нивниот натчовечки влог во постигнувањето резултати вредни за светската почит, во поединечните и во групните спортови. Благодарение на неговиот професионален повик, Михајлов изворно ги пренесува случувањата од спортските борилишта, осврнувајќи се и на историските контексти што оставиле траен печат во домашната и во светската спортска историја. Па, така, оваа книга ќе потсети на многубројните доживувања, на блесоците и падовите, на некои афери без кои како да не се може, на контактите со светските асови, на немилите настани, како минхенската олимпијада во 1972 година, на олимпијадите на кои македонските спортисти ги освоија првите медали. Книгата содржи и сеќавања на Михајлов за скопскиот земјотрес и акциите за спасување на настраданите.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13467
9. Стара железничка станица, Скопје (нотес)
За сите туристи и добронамерници кои често со љубов се навраќаат на Скопје, за стари и нови скопјани, за носталгичари, но за љубители на модерни дизајни, брендот „Скрипти“ ја претставува колекцијата посветена на нашата метропола. Во гифт-програмата се застапени нотеси, магнети, подлошки и маички со артистички приказ на најзначајните обележја на Скопје. По повод 26 јули, ги издвојуваме нотесите и картичките со Стара железничка станица, како нем сведок за страшниот земјотрес во Скопје.
Старата железничка станица, која денес е Музеј на град Скопје, претставува симбол на скопскиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш запрен на фаталниот момент во 5 часот и 17 минути изутрина. Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, изјавил: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност“.
Овие букви беа изработени од стиропор и закачени на Старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на постземјотресно Скопје.
Инаку, Старата железничка станица во Скопје почнала да се гради во 1937 година, а била пуштена да работи во 1940 година. Направена е на истото место каде што се наоѓала железничката станица, изградена во 1873 година, кога и бил воведен железничкиот сообраќај во Македонија. Железничката станица, чиишто остатоци можат да се видат и денес, е најубава на Балканот во тоа време. Денес, таа е пренаменета во музеј. Покрај нотесот со Старата железничка станица, во оваа едиција се и дизајни инспирирани и од Старата скопска чаршија, како и сегменти од ново Скопје.
Нотесот е достапен за нарачка на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13155
Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.