
Листата со најпродавани изданија за деца и млади од „Арс Ламина“ годинава ја предводи романот за деца и лектирно издание „Збунети години“ од Велко Неделковски – топла приказна за тинејџерските години и првата љубов. Борче и Димитар се вљубени во Виолетка. До неа стигнуваат љубовни писма од Борче, кои всушност ги пишува Димитар. Различни во поглед на социјалниот статус, но и во однос на карактерот, сензибилитетот и физичкиот изглед, овие две момчиња ќе се обидат да го освојат девојчето со плетенки, црвени образи и со симпатична насмевка.

Омилената лектира на генерации читатели „Пајажината на Шарлот“ е на второто место, нежна приказна за пријателството и љубовта меѓу Шарлот, прасенцето Вилбур и девојчето Ферн, која му го спасува животот кога се раѓа како кржле во леглото прасиња.

Веднаш зад неа е најпродаваниот серијал во светот – „Хари Потер“. И 25 години од објавувањето на првиот дел од овој книжевен серијал, интересот за авантурите на Хари Потер во светот на волшебниците и на магијата не стивнува. „Арс ламина“ објави четири дела од едицијата, преостанатите продолженија ги подготвуваме за оваа година.

Авантурите на Исидора Мун – девојчето половина самовила, половина вампир и годинава е омилен избор на малите читатели. Најновата книга што читателите со нетрпение ја очекуваа е со наслов „Исидора Мун оди на свадба“. Исидора ќе биде деверица на свадбата на тетка ù и мнооогу е возбудена! Но, откако нејзината палава братучетка ќе замеша прсти со малку волшебни палавштини, денот што треба да биде посебен, нема да тече баш како подмачкано.

На петтото место е лектирата „Хотел за кучиња“, приказна за Енди и Брус, кои од една напуштена куќа ќе направат хотел за бездомни кучиња.

Серијалот „Дина и Додо“ во 2021 година беше збогатен со неколку нови изданија, од кои најпродаван беше насловот „Чорапот на Дедо Мраз“. Во оваа едиција се поместени боенки, сликовници, активности, решавалки, авантури и смешни лавиринти.

Најмалите читатели уживаа во серијалот интерактивни (пиши-бриши) сликовници за животните во светот. Со овие едноставни и забавни активности, подредени по тежина, вежбанката ќе им помогне на децата од предучилишна возраст да ја вежбаат раката, да се навикнат на приборот за пишување и да стекнат самодоверба во првите чекори во цртањето и пишувањето, преку: почетно пишување разни видови линии (прави, коси, заоблени, брановидни и цикцак), слободно пишување линии, развивање на фините моторни вештини на мускулите на рацете и прстите (графомоторни вештини), можност вежбата да се повтори повеќепати и детето да се коригира самостојно.

Следна е едицијата „Басни од Македонија“, составена од басните „Кучето и зајакот“, „Лакомата мечка“, „Војската на лавот“ и „Жабата и глушецот“, пренесувани од усното творештво на македонскиот народ, собрани од Марко Цепенков и адаптирани на модерен и поприфатлив јазик за денешните деца.

Учењето на буквите не било никогаш позабавно благодарение на сликовницата „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова – издание што се најде на десеттото место. Во неа, на забавен и на шаренолик начин преку римувани строфи ќе дознаете повеќе за другарството, за заемните игри, понекогаш и за работните задачи на момчиња и девојчиња, чиишто имиња почнуваат со иста буква.

Сите книги можат да се најдат во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk.