Рецензии

„Што се случи со Исидора?“ - Гребење по семејната ламперија

16.11.2024.
„Што се случи со Исидора?“ - Гребење по семејната ламперија
„Што се случи со Исидора?“ - Гребење по семејната ламперија

Иако Јана Мишо има истенчен комерцијален стил за создавање бестселери, таа се држи до своето специфично сетило на интерпретација на фикцијата, така што нејзин протагонист може да биде и смотана тинејџерка, и мрачна рокерка, и богата наследничка заробена во Рубиковата коцка на веројатноста и вистината.

Готскиот трилер е сѐ почеста станица за книжевните изведувачи и експериментите во ова жанровско поле не стивнуваат, а „Што се случи со Исидора“ е хибридна билка што ’рти во време кога пазарот е презаситен со „веќе видено, веќе чуено, веќе прочитано“. Не дека приказната на Исидора не пресекува некои познати, па и дијаметрални кружници, сепак Мишо ја раскажува со таква страст и вештина, што на раскажаното му дава неверојатна длабочина, почнувајќи од власта над деталите, па сѐ до уникатниот печат на зрело изразување, на проза по каква што копнее македонскиот читател, без непотребната сегрегација на „искусен“ читател и „аматер“. Ова четиво е еднакво привлечно за слободните нуркачи и за тие што се впуштаат во книжевните авантури со поткрепа, па можеби и скептицизам.

Исидора Нера е ќерка на познатата Ноемија Нера, успешна писателка што потфрлила во улогата на мајка. Исидора и нејзината поголема сестра, Долорес, се оставени да пораснат без љубов и со преиспитувачка индиферентност, под надзор и грижа на слугите и помошниците кои мајка им скапо ги плаќа, без да биде свесна дека времето е единица мера што нема цена. И додека девојчињата полека стануваат возрасни девојки, секоја со шарм и особеност, па и по некоја ментална тегоба, се случува неизбежната човечка трајност, Ноемија Нера умира. Отворањето на тестаментот носи нови непредвидливи и изненадувачки откритија, кои не се ни малку пријатни, Исидора, ќерката што отсекогаш била поттурната, забаталена и понижена во споредба со миленичката на мајка си, Долорес, е наследничка на целиот имот. Како предуслов таа мора да се врати во куќата, а со враќањето, се отвораат тајни портали што со себе носат неспокој и многу морници, како што се сребрениот бастун, кадифените дневници на Ноемија и нејзиниот верен до гроб Петар Рискин. Исидора запаѓа во кататоно лудило, се соочува со халуцинации, но и со реалноста дека нејзин дом до крајот на животот треба да биде санаториум, ако тоа веќе не е оваа куќа во која за малку го загубила животот како дете. Додека двете сестри се справуваат со минатото и ја пречекуваат иднината, нивните фасади не се толку отпорни како повеќедецениската фасада на опатијата, па одронуваат слој по слој, сѐ додека не останат голи пред вистината: што сакала Ноемија и како си поигрува со нив дури и по нејзината смрт?

Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата за родниот дом и корените, колку тие да се болни и соголени од горки и солени спомени, така што грандиозната и мрачна „Света Марина“ е уште еден лик што со својата мраморност придонесува за чкрипливата атмосфера во романот.

Јана Мишо го носи тапацирот на Ноемија Нера, нејзината вештина да стане препознатлива, да создаде бренд од своето име, но и да ја раскрили мистеријата така што краците на непознатото стануваат агли на љубопитноста: невротичната и опсесивна когнитивна хемија да се разреши загатката „Што се случи со Исидора?“.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

30.
Oct.
Рецензии
Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и све...
29.
Oct.
Рецензии
„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А по...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.82 MB