Рецензии

Рецензија: „Што се случи со Исидора?“ е роман за кревкоста на менталното здравје

30.10.2024.
Рецензија: „Што се случи со Исидора?“ е роман за кревкоста на менталното здравје
Рецензија: „Што се случи со Исидора?“ е роман за кревкоста на менталното здравје

Долго време мислев дека мојата концентрација за читање книги е неповратно загубена како резултат на предолго користење социјални мрежи. И се имав помирено дека просто „не ми оди читањето како порано“, всушност, изгледа само сум била презаситена од празни приказнички и површно напишани книги.

И потоа Јана почна да ми праќа делови од „Исидора“.

Читав повремено глава по глава уште додека се создаваше и имав чувство како еднаш месечно да гледам епизоди од добра серија (за мене „Исидора“ има некаков утешителен, предизвикувачки и wholesome vibe на филмови од 1990те што ме израснаа и ми го оформија вкусот).

Ја мислиш приказната, ја прашуваш авторката дали ќе биде „вака“ или „онака“, ама одговор не добиваш. Јасно е дека ова ќе биде роман на исчекување, на напрегнатост од каде ќе излезе следната опасност, и дали можеби најголемата не е во твојата, односно главата на главниот лик.

Уште од почетните глави знаев дека ова ќе биде добра книга, не зашто не можев ни да претпоставам што навистина ѝ се случува на Исидора, ниту пак каде води приказната, туку зашто е умешно исткаена приказна, со комплексни ликови што лесно ти стануваат блиски, со кои сочувствуваш и кои можеш (и) да ги разбереш. И секако, готиката е јаготка на шлагот.

„Што се случи со Исидора?“ е готски роман. Не среќаваме многу такви на полиците со македонски автори. И не е ова страшна приказна само поради куќата со гаргојли и гробишта одзади, што некогаш била опатија со калуѓерки, капелата без распетие а со стаклена чевличка на Пепелашка (и слични цинични декорации на сопственичката на имотот), туку поради тоа што и ти како читател не можеш да излезеш од мрачниот вртлог во кој Исидора почнува да се губи.

Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и светски славна писателка Ноемија Нера. Каприциозната, скандалозна, надмена и разгалена како филмска ѕвезда, Ноемија, жената што можеби и не требало да стане мајка, и по смртта, продолжува да биде мајкиште, повеќе маќеа одошто мајка, кучка, ако сакате, зашто сиот имот (а не е малку) го остава само на една од ќерките, со услов да не го продава ниту подарува во наредните десет години.

Се чини раздорот е направен, ама Исидора и сестра ѝ Долорес имаат здрав однос, многу љубов една за друга и ништо не може да ја разниша таа врска. Најпосле, ја имаат преживеано незаинтересираноста и безљубноста на мајка им во формативните години, па што е уште една нејзина глупост за крај?

И ја мразиш некако од старт, ама како се одвива приказната, и како и тебе те зафаќа мешавината од анксиозност, страв и лудило на Исидора, и како таа се присеќава на животот со оваа нарцисоидна, нетипична, но интелигентна мајка што ако ништо друго има сува смисла за хумор и сурова перцепција за животот со која им ја шмиргла интелигенцијата на девојчињата, некако почнува да ти се допаѓа Ноемија. Не е баш мајчински да му кажеш на мало дете дека мора научи само да спие во соба во која многу веројатно умирале сираци, ама Ноемија не штеди никој, па ниту деца.  По некое време почнуваш и да ја разбираш, и да ти се допаѓа како лик (нешто не е во ред со мене?!) и некако дури и ти се чита посебна книга само за нејзиниот живот. Ако го изземеме фактот дека не е добра мајка, Ноемија е ретко забавен лик. Брутален, ама забавен.

„Што ти е, бе, Исидора?“ ми беше единственото прашање додека читав. И не знаеш што ѝ е, дали е луда, дали е шизофренична, дали готскиот имот стварно ја проголтува поради присуство на некаква нечиста сила, дали е книга во книга, дали е фикција на починатата писателка, дали е сон. Одговор нема. Од едно паѓање во мракот во друго, се сопнуваш, стануваш, се удираш во предмети, и таман кога мислиш дека се будиш, и ти како читател, и Исидора како директно напатен лик, испаѓа дека сте паднале уште подлабоко.

Сакам кога не можам да насетам каде оди приказната. Мрачните ходници заедно со раскошните соби, долгата галерија и црквата целосно ја исцицуваат енергијата од тебе. Секоја епизода на страв на Исидора, анксиозност и неможноста да сфати што точно ѝ се случува, ја доживував како своја.

Ова не е само роман што треба да те уплаши или да те тера да вртиш страници за да го дознаеш крајот. Ова е роман за кревкоста на менталното здравје, за моќта и слабоста на човечкиот ум, за силната доверба кога ако е дадена на погрешно место може да те чини живот.

 

Пишува Катерина Шошко

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

16.
Nov.
Рецензии
Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата ...
29.
Oct.
Рецензии
„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А по...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.82 MB