Рецензии

Прво читање на „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо

29.10.2024.
Прво читање на „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо
Прво читање на „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо

„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А понепознато од сопствениот ум нема.

Јана Мишо ви е веројатно позната по своите претходни прекрасни ведри дела, претежно духовити романтични комедии, како режирани од Вуди Ален. Но, често во тие претходни романи тлееше и по некој детал, некој внимателен опис (особено во романот „Лулу“) кој беше како ветер кога ќе ги изгаси свеќите во хорор сцена. Кој го познава нејзиното минато, ќе знае дека во својата рана младост има напишано и режирано театарска претстава, со име што точно ни ја предвидува денешницата: „Afterlife“. Затоа и не бев изненаден воопшто дека нејзиното кормило сврте од вообичаената маршута и  отплови 18 километри појужно, како да препозна промена на времето. Храбрите морепловци влегуваат директно во бурата кога ќе се појави.

Овојпат, со својата прозна имагинација успева да оствари речиси архетипски слики кои го надминуваат ограничувањето на готскиот жанр и говорат за суштинското бреме и стравовите на современото општество. Меѓутоа, ова дело лесно се здобива со самосвесен одраз - се гради низ онеобичување на инаку вообичаено поставени дејства.

Иако ги игра реквизитите на готскиот роман, од мистична атмосфера до семејно проклетство, како да ги следи основите на Фауст, но истовремено и акцентот на психолошката анализа на атмосферата од Едгар Алан По. Уживав во повеќе примери на мајсторски опис на морничава атмосфера и како здравиот разум може со сомнеж да вплови во разорна паника.

Роза Бертен, извесна кројачка на многу позната и за мене крајно небитна француска кралица од крајот на 18 век, нешто како Коко Шанел на своето време, на секојдневното прашање од својата кралица „Што има ново?” одговорила со „Ново е она што е заборавено“. И токму со оваа изјава на мадам Бертен случајно се опишува дејствието на „Исидора“.

Стилски, метафорично, содржински и тематски.

Од овој роман вдахновен со непатетични трагични чувства како да владеат некакви моќни праисконски сили и нескротлива ќуд на судбината.

Со несомнена создавачка надареност, писателката знае дека фолклорната поетичност е превртлива па умешно ја избегнува. Тоа најмногу се гледа во географското, односно просторното ситуирање на раскажувачките настани. Сигурни сте дека сѐ е покрај вас, дека ги познавате објектите, локациите, дури и случајните статисти, без разлика каде и да сте - но немате докази. А пак, Мишо успева набрзина да ни вметне една бајка, што по дефиниција е нели фоклор, но…

- Што е најлошо на светот? - ќе праша бајката.

- Лудата памет, бидејќи никој не избегал од нејзе - ќе ни одговори книгата.

Ѓаволот е во деталите. А Мишо ѓаволски добро ни ги подметнува без наметнување. На книжевните гурмани на момент ќе им биде претскажано целото дејство преку еден навидум наивен и вообичаен опис на околината.

И наместо сиже, нешто што би сакал да издвојам од приказната е ликот на преубавата Ноемија Нера. Затоа што таа и е темата. Прекрасно претставен карактер далеку од еднодимензионален лик или стрип јунак. Просто се вљубив во неа. Не заради тоа што е брутално искрена и на моменти бесчувствителна. Особено кон родените ќерки. Ниту заради ексцентричноста или богохулноста. Уште помалку за убавината (колку за увид: моите симпатии од детството ми се лошата кралица од „Снежана...“, Ванда од цртаниот „Спорт Били“, Малефисент…) и добриот вкус (колку луѓе познавате што поседуваат стаклен чевел на Пепелашка од ДВА МЕТРИ или што возат „Фиат 800 Спајдер“?)…

Добар човек е, тоа дури на крај ќе ви биде јасно, кога ќе ви замириса на „Шанел“.

Деменција. Делириум. Шизофренија. Што ако ОВА е животот?

Пишува: Сибо

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

16.
Nov.
Рецензии
Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата ...
30.
Oct.
Рецензии
Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и све...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.82 MB