Рецензии

Mалата голема книга

12.07.2021.
Mалата голема книга

(Цане Андреевски: „Малата голема точка“, реиздание, Арс Ламина, Скопје 2020)

Преобјавувањето на книгата „Малата голема точка“ од Цане Андреевски, добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца на Друштвото на писателите на Македонија за 2005 година, во дополнето, илустрирано издание (Александра Филипоска) и со едукативни и работни додатоци: За интерпункциските знаци и Вежбанка, заслужува особено внимание, првенствено поради оригиналниот творечки пристап, но и поради многу други нешта кои влеваат реален оптимизам за состојбата на литературата за деца во Македонија. Кога ќе се појави олку свежа книга од докажано име во современата македонска литература за деца, тоа автоматски значи дека успехот на овој жанр подразбира и континуитет, спој на новото, актуелното, надоградено врз постојното, базичното. Најновата книжевност за деца не мора и да е најмлада според годините на авторите; свежината и вредноста на книжевните писма одамна не зависи од биолошката возраст.

Профилот на современото дете-читател, што од ден на ден сѐ појасно се исцртува со раката на современата технологија и придобивките на модерното време, неправедно се толкува како незаинтересираност за читање, за литература. Во основата се работи за непрепознавање на интересите на најмладите, за разминување на две нешта нужно упатени едно на друго. Она што требаше да се стори за да се влее надеж за возобновата на жанрот, бездруго е (ре)издавањето на токму вакви наслови кои и на детето-читател и на литературата наменета за него, им приоѓаат од страната на инвенцијата.

„Малата голема точка“ е циклична проза од 42-те расказни единки обединети во автентична и автохтона збирка во современата македонска книжевност за деца, која подеднакво и истовремено комуницира со знајното и незнајното, со традицијата и со модерното, со фолклорниот врзоп на рамо, но и со неговата идна преобразба во куфер полн универзални вредности. Главните ликови се интерпункциските знаци, всушност, точката и нејзините друшки, при што секој знак одделно има свој препознатлив карактер. На пример, заградите се миленици на сите раскажани приказни во збирката, штитеници на препалавите точки, но и докажани чувари на големите и важни нешта („Само заградите не дојдоа. Останале дома да го чуваат имотот едната од предната, другата од задната страна“ стр. 17). Во раскажувачка смисла, ликот на точката е филигрански изнијансиран, така што напати читателот (дури и возрасниот!) останува стаписан од сите засегнати аспекти на нејзиниот карактер: црна точка, мртва точка, точка од дневен ред, крајна точка, дефинитивна точка, централна, појдовна, гледна точка, критична точка, точка на вриење и онаа на смрзнување, болна точка, слаба точка, највисока... (Сетете се на песната „Врв“ од Блаже Конески и во прозната цртичка „Највисоката точка“ од стр. 56, препознајте ја оригиналната прозна реплика на Андреевски токму на неа...) Сите тие мали големи точки имаат свои приказни, свои случки, доживувања и несреќни мигови, свои војни („Во борба против невидливите точки“, стр. 30), нужни и ненужни судири, своја грешна или исправна животна филозофија, свои мани и доблести, недобројни тајни и една заедничка вистина: без нив ниту нешто почнува, ниту нешто завршува; тие се вистински меѓници на (раз)мислите.

Персонификацијата е само појдовната расказна одредница на Андреевски. Неговите прозни филиграни се извишуваат кон метафората, крепејќи се на алегоријата, приближувајќи ѝ се на филозофијата, на мудроста, на поуката и поучноста во најблагородната смисла на зборот. Дидактичните аспекти во оваа книга не се минимизирани, напротив. Она што ги прави придобивка, а не загуба за текстот, е вистинската мерка што за нив ја одредило перото на Цане Андреевски. Приказните подучуваат тогаш кога читателот сака да биде подучен, инаку, главно забавуваат. Поетот во авторот одвреме-навреме и пропејува, но само тогаш кога сцената на текстот тоа го дозволува. Чудесниот почеток на раскасчето „Хоризонталната линија“ (стр. 38) е чиста песна што навреме се повлекува пред налетот на приказната, „Бегство“ (стр. 27) е вистински поетски бисер,.. а целата книга на Цане Андреевски – „Малата голема точка“ е мала голема книга, значајна точка во современата македонска литература за деца.

Оливера Ќорвезироска

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

16.
Nov.
Рецензии
Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата ...
30.
Oct.
Рецензии
Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и све...
29.
Oct.
Рецензии
„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А по...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.83 MB