Рецензии

Книжевен осврт на книгата Јас сум Акико: Je suis un livre merveilleux!

15.04.2021.
Книжевен осврт на книгата Јас сум Акико: Je suis un livre merveilleux!

Неодамна „Арс Ламина“ го објави популарниот роман „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми, добитник на наградата на „Политикин Забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик за 2018 година. Вдомувањето на овој популарен роман на македонски јазик е значаен за нашата преводна книжевност и поради неговите високи естетески вредности и поради (дис)континуитетот за следење на книжевните награди во регионот.

1. (Дис)континуитет и контекст

Наградата на „Политикин Забавник“ е реномирана награда која се доделува од 1979 година и која, за жал, само повремено се приопштува на македонски јазик. Доцните осумдесетти и раните деведесетти, тогашната издавачка куќа „Детска радост“ објави неколку наградени наслови („Шапката на професорот Коста Вуиќ“ од Милован Витезовиќ, наградена за 1983; „Шампион преку прозорец“ од Владимир Стојшин, наградена за 1987; „Белиот кловн“ од Дамир Милош“, наградена за 1988 и „Фантазијата на сите Гавриловиќи“ од Петар Паиќ, наградена за 1989 година). Долги години потоа на македонски не можеа да се читаат наградените книги на „Политикин Забавник“ (со мал исклучок на „(Не) прашувај ме како сум“ од Ивана Лукиќ, наградена за 2015 година и објавена во „Блесок“), сѐ до објавувањето на „Аги и Ема“ од Игор Коларов (наградена за 2002), „Сѐ е во ред“ од Јасминка Петровиќ, наградена за 2017 и актуелната „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми, сите во издание на „Арс Ламина“. Поздравувајќи го објавувањето на македонски јазик на романoт на Тиќми, се надевам дека ќе се одржи овој востановувачки континуитет и ќе се продолжи со објавување на актуелните добитници. (Последниот добитник на наградата на „Политикин Забавник“ за 2020 е романот „Црна птица“ од Александра Јовановиќ.) Приопштувањето на македонски јазик на значајни наслови особено од регионот, а и пошироко, е исклучително значајно за нас, затоа што на тој начин системски си ја позиционираме и националната книжевност, поставувајќи ја во поширок книжевен контекст во кој се мериме и премеруваме (и) себеси.

Во конкретниот контекст во Македонија кога имаме инстант експанзија на овој вид литература, кога премногу се пишува за деца (што е доказ дека тоа предолго се правело премалку), имаме само една единствена награда за нејзина валоризација – наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите, која се доделува исклучиво на авторите-членови на ДПМ што е мошне ограничувачки фактор, особено за помладите автори, но и воопшто. И поради ова и поради редица други причини, увидот во значајните наслови од регионот и пошироко е вистинскиот пат по кој треба да тргнеме, за да се придружиме и авторски, творечки, естетски...

2. Отклучување на светот со виолински клуч

„Јас сум Акико“ е дебитантски роман на младиот Стефан Тиќми кој буквално го освои регионот и пред добивањето на наградата на „Политикин забавник“. Сега, со неа, со осумте изданија на српски јазик во над 20.000 примероци, со преводите, многуте планови за претстави и филмови, нѐ охрабрува дека и во помалите јазични средини, се можни големи книжевни успеси. „Јас сум Акико“ е кус, лирски, поетски роман за осаменоста на едно девојче кое живее само со својот татко, нема пријатели и е сосем различно и поинакво од сето она што се подразбира под девојче во ниска школска возраст. Деликатната психо-социјална тема која се засега и крајно нетипично се третира во ова впечатливо книжевно писмо не е неговото единствено оружје. Напротив. И во српската и во регионалната книжевност за деца (па и пошироко) има многу поетски романи, има секакви пристапи и третмани на психо-социјалните теми. Кај Стефан Тиќми станува збор и за нешто друго, за откривање на една автентична творечка формула, за една наративна матрица во која нештата се бравурозно измерени и сместени на тенката линија помеѓу поезијата и прозата, помеѓу можното и неможното, помеѓу книжевноста за деца и книжевноста за возрасни. „Јас сум Акико“ е роман, но неговата структура е поетска, рефренска, со римувања на семантичкото и изразното, не само на еуфониското. Целиот роман функционира според принципот на детската игра на надополнување на исказот. Кога едно дете кажува проста речениц-исказ, наредното го повторува тоа и го збогатува со уште еден збор, наредното со уште еден итн., сѐ додека изразот не стане толку гломазен што одделно дете-учесник не може да го повтори. Реферирајќи на оваа повторливост и надополнување, на познатата детска игра, се добива ефект на беспрекорен ритам во сижето, преполно со многу досетки, шарм, духовитост и јазични игри. Сенката на сета оваа духовитост се тагата и осаменоста на Акико, нејзиниот татко кој вреска ноќе и кому таа му е единствената светлина во животната темнина, како што стои во романот. Акико има пријатели: Пешкирот и Баобаб. Вториот е директната конекција со „Малиот принц“ на Егзипери и поради него (но не и само поради него!), „Јас сум Акико“ речиси сегде се поврзува со „Малиот принц“ или се определува како српскиот „Малиот принц“. Иако во основата ова е заслужен комплимент за младиот автор, сепак „Јас сум Акико“ не е целосно излезен од шинелот на „Малиот принц“. Тиќми е мошне талентиран автор кој во својот роман спровел одлични стратегии, претставувајќи ни се како мајстор на композицијата, но и мајстор за крајно редуцирана (но и крајно ефектна!) карактеризација на ликовите. Малите детали со големи стилски ефекти од „Јас сум Акико“ прават роман што треба да се прочита повеќе пати, за да се фатат сите скришни естетски ќошиња; а од Тиќми – автор на кој допрва треба да се смета. Акико нема возраст (години) во романот, како што нема годови ниту нејзиниот пријател Баобаб,.. како што нема возраст ни нејзиниот идеален, потенцијален читател. Дефинитивно, ова е роман и за деца и за возрасни: секој од него може да „земе“ колку што може, колку што сака. Карактеризацијата на Акико е над стандардната наративна шема во книгите за деца: таа мириса на стара хартија, вратите (на световите) ги отвора со виолински клуч, носи чевли број А4, вози срце со помошни тркала наместо велосипед. Ништо не е докажано до крај ниту за неа, ниту за татко ѝ; некаква траума или загуба или што и да е... лебди над речениците, но не може да се дофати. Сегашноста полека станува поважна од минатото во овој роман; осаменоста која очигледно е последица на нешто полека се води кон пријателство и тоа е тој оптимизам со кој Тиќми не еднаш, туку трипати ќе го затвори/заклучи/замандали својот прв роман, наспроти сиот тренд на оставање отворени краеви. Пешкирот и Баобабот се скалила кои ја носат Акико до Марсело, нејзиниот емотивен врв, но и прв, вистински пријател...

2.1 Неговото височество: Прво лице еднина!

Сѐ во романот на Тиќми е напишано во прво лице еднина. „Јас сум Акико“ е апотеоза на јас-раскажувањето: и авторот и главниот наратор (Акико) и Марсело и прототипот за ликот на Акико (вистинската Јапонка-масерка на стапала на плажа) раскажуваат во прво лице еднина. Во чест на оваа занимлива постапка и насловот на овој текст е напишан во прво лице еднина за да се поддржат (и пофалат) раскажувачките стратегии на Тиќми – „Јас сум еден прекрасен роман“. Дополнително, тој (насловот) е предаден на француски –„Je suis un letre merveilleux“, како што впрочем и нараторот (Акико) ја предава во оригинал поезијата на Жак Превер што ја сака, што ѝ ја чита татко ѝ и што таа му ја чита на Баобаб, на француски. Иако, како што вели, Баобаб ништо не разбира, таа самата, пак, нешто малку.

2.2. Трипати заврши, еднаш почни

Вредните и значајни книги секогаш се извлекуваат од калапот на трендот. Колку и да го негуваат и да го поддржуваат, тие успеаваат да се евакуираат од него во точно определен миг: кога нивната естетика станува загрозена. Наспроти трендот на отворени краеви, доминантен во творештвото на нашето време, не само во книжевноста, туку и во филмовите, сериите итн., доаѓа роман од типот на „Јас сум Акико“ кој не што го затвора сопствениот крај, туку тоа го прави трипати. Акико завршува трипати, всушност има три краја и во тоа херметичко затворање, еден вид конзервирање на приказната за да трае вечно, може да се препознае контрапункт на трендот, но и совршена смисла за круг, за структура, за беспрекорна организација на книжевното писмо. Ако се земе предвид дека „Јас сум Акико“ и започнува со нешто што прилега на крај на нешто сосем друго (почетокот со точката!), трите краја се веќе четири, четвртиот е крајот со кој се почнува. Во духот на писмото на Тиќми, ваквата мошне интересна постапка веројатно би можела да се именува: Трипати заврши, еднаш почни (како алузија на изреката: Трипати мери, еднаш сечи).

2.3. Расфрлани гравчиња низ текстот

Се чини вообичаено, особено во книгите за деца, краевите да се оставаат отворени, за да се поттикне фантазијата на малиот читател. Она што е особено возбудливо во овој роман и го прави различен и крајно автентичен е токму фактот што замандалувајќи го крајот на својот роман со три краја (три катанци), Тиќми не ја скаструва фантазијата на малиот читател, не ја оневозможува, туку ја пренасочува на нешто друго, односно, ја остава да „живее“ во самиот текст. Имено, отвореноста на краевите во другите книги кај Тиќми е претворена во недореченост низ целото писмо во романот. Таа недореченост е одлична за фантазијата на малиот читател. Страшните работи се недоречени, но и не само тие. Полето за претпоставки е огромно и варира од возраста на читателот, можеби и оттука може да се изведе заклучокот дека Акико е роман без возраст. Мембраната помеѓу обичното и необичното, помеѓу литературата за деца и литературата за возрасни е распната до крајни граници. Ниеден, ни мал ни голем читател на Акико, нема да дознае за отсуството на мајката во романот кое е мошне присутно, повеќе отколку што тоа го одредил авторот. Недореченоста може да варира од претпоставките за смрт на мајката, до нејзино обично исчезнување од животот на детето, зашто екслплицитно не е наведено ништо, освен дека: „мајката умрела во очите на таткото“ (метафора?). Истово делумно се однесува и на таткото: тој лошо спие и вреска во сон, можеби поради траума (каква?), можеби од депресија на загуба или напуштање (на кого, на што?). Ваквите недоречености расфрлани како гравчиња низ текстот влијаат на фантазијата на детето-читател кое во улогата на Јованче и Марика го бара патот не до дома, туку до вистината на романот. Оваа потрага функционира според истиот принцип на отворените краеви, така што пренасочувањето на „отвореноста“ во самата приказна, а не на крајот, дало одлични наративни резултати. Од една страна добиваме трикратно замандален (трипати завршен роман), речиси конзервиран; од друга – во него ништо не е сосем јасно, ни конечно до крај. Фантастично досетлива постапка! А досетките се мошне битни, особено во литературата за деца. Различностите, поинаквостите, посебностите и сѐ она што врие и претекува во романот на Тиќми.

2.4. Поништување на времето

Гласот на авторот се појавува на првата страница, пред гласот на нараторот што ќе нѐ води низ целиот роман (Акико). Трите краја на романот се: гласот на Марсело, гласот на Акико, прототипот за ликот, како и повторно гласот на авторот, сите во прво лице, се разбира. Низ српската критика можат да се сретнат различни интгерпретации на тројниот крај во или надвор од релацијата со почетокот (исто така како некаков потенцијален крај). Од фалење на постапката како одлична досетка – до именување на истото како авторска несигурност при завршувањето. Лично сметам дека првото е поисправно, затоа што Тиќми на тој начин го свртел кругот на конзервирање за вечноста. Го поништил времето кое не го сака ниту во самата приказна, свртувајќи го кругот брзо и повеќекратно. Тоа што сите зборуваат („пишуваат“) во прво лице е крајно ефектно и сугестивно, зашто не постои посугестивна нарација од јас-нарацијата. Акико како дете-раскажувач ни помага фокализација да остане трајно недоречена, низ нејзините зборови уште потешко можеме да дознаеме каде е мајката и зошто таткото вреска. Таа самата не знае, и таа детска автентичност ни ја пренесува и нам, на читателите. Големи или мали. Да стануваше збор за омнисцентно, сезнајно раскажување во трето лице, недореченоста немаше да биде средство за идентификација со ликот, туку манипулативна наративна стратегија и ќе се загубеше базичниот шарм. Ова е надиграно со јас-раскажувањето на повеќето наратори во „Јас сум Акико“, што речиси и е неважно дали и колку му било јасно на самиот автор при создавањето. Важно е дека Тиќми ја одбрал совршената јас-форма за неговиот прекрасен роман.

3. Визуелна галантерија на нарацијата

(И) типографијата во Акико е мошне занимлива. Таа функционира и како наративно средство (како еден вид атипичен симболистички калиграм), но и како надомест на вообичаеното илустративно во романите за деца. Ставањето на типографијата во визуелен фокус, самото по себе е мошне интересно, а ако се земе предвид и фактот дека во романот и се прецртуваат зборови и паралелно со избледувањето на сеќавањата со текот на времето, некои од нив, поврзани со тие сеќавања, избледуваат и тоа буквално – отпечатени се побледо од основниот текст: сиво, наместо црно, тогаш е сосем јасно дека визуелниот фокус е и повеќе од оправдан, зашто прераснал во атипично наративно средство!

Фусностите исто така имаат интересна функција во текстот, тие се прибежиште за авторот кој е шмугнат некаде низ гласот на јас-раскажувачот Акико. Тие, заедно со типографијата, се некаква визуелна галантерија на нарацијата. Фуснотите се удобни места за резервниот глас на раскажувањето, засебни простори, тајни ќошиња (дна) не за текстот, туку за неговото значење, каде што може да се побегне или да се скрие, или да се прошепоти нешто што е можеби дури и скришно.

4. Деликатни микрокарактеризации

Акико мириса на стара хартија, Марсело обожава летечки чинии. Да се задржиме само на ова, што сѐ има зад овие деликатни микрокарактеризации. Акико е опседната со книги, како и нејзиниот татко, со приказните на семејството, со пријателот книжар, со француска поезија, со омилениот автор на татко ѝ (Басара); Марсело обожава летечки чинии, т.е. опседнат е со нив. Но, Марсело не е љубител на научна фантастика, тој е опседнат со летечките чинии што си ги фрлале мајка му и татко му еден на друг. Значи, буквално, не како бегство од стварноста. Марсело е дете кое се крие под маса додека дома летаат чинии од таткото до мајката и обратно. Ова не е научна фантастика, туку нефункционално семејство, траума, не детски интерес. Претставувањето вакви нешта во романот, го има на многу нивоа и е бравурозно. Возрасниот читател може да го препознае веднаш, детето-читател може да се збуни и да не досфати, но може и да се идентифукува со „забранетото“ од своето секојдневие, со она за кое не се зборува. Можеби при обработка на романов на малиот читател ќе му треба асистенција од голем читател, но тоа не ја намалува неговата вредност, туку ја зголемува, зашто и малиот и големиот читател се потенцијални и пожелни читатели на „Јас сум Акико“. Ете ја мембраната распната повторно, ете го доказот на фактот дека овој роман е за сите, како впрочем и „Малиот принц“.

4.1. Слики без рамки

Врските помеѓу метафорите и буквалното во романот „Јас сум Акико“ се многу интрересни. Цели раскажувачки пасажи (и ефекти) се базираат на т.н. остварување на метафорите, односно на буквализацијата на метафорите и изразните фрази. Колку за илустрација, ако се каже „си стојам на зборот“, а миг подоцна Акико буквално застанува на зборовите, на буквите што ѝ ги направил нејзиниот татко – изразот, метафората се остварува и возбудата на текстот расте токму со буквализацијата. Или, ако таткото на Акико ѝ зборува со топли зборови, а миг подоцна, зборовите ги ставаат во рерна и оттаму ги вадат топли,.. итн., итн... На микро-наративен план овие нешта функционираат крајно духовито. Како впрочем, и на макро: Ако во домот на Акико и нејзиниот татко сликите на ѕидовите се без рамки, набрзо сфаќаме дека немањето рамки се „пренесува“ и на самата приказна во целиот роман. Како што сликите немаат рамки (за да се „заробат“ трајно на ѕидот), исто така ни приказната во романот нема рамка (има недоброј недоречености, поради кои не може да се состави прецизно сиже). Поврзаноста на сѐ со сѐ на микро и на макро-план е само уште една од раскажувачките вештини на Тиќми.

4.2. Mundus inversus, mundus perversus

Во VI глава во романот има многу занимлива превртена сцена со две диви свињи кои ловат човек и му ставаат јаболко в уста. Овој mundus inversus, mundus perversus според најстарите обрасци на басните, поучните приказни и „превртувања“ со јасни воспитни цели, е одлично вклопен во светот на Акико и на нарацијата ѝ дава извесна длабочина, поврзаност со традиционалните историски постапки кои довеле до модерното раскажување. Иако е куса, сепак е впечатлива и мошне шармантна. Светот на Акико кој бездруго е поинаков и различен од просечниот свет на просечното дете во наше време, одеднаш влегува и во превртен свет (каде што „гулабите седат на клупа, фрлаат трошки и ги хранат пензионерите“, каде што „рибите ги закачуваат луѓето на јадица и ги фрлаат во вода“,.. каде што „ловците талкаат, а дивите свињи одат на лов“) предаден во конкретна сцена во која Акико го ослободува уловениот човек. И тој како благодарност, според практиките на старите книжевни писма, ѝ навестува: „Наскоро ќе сретнеш некој што тивко ќе влезе во твојот живот“. Секако дека авторот можел на недоброј начини да го воведе Марсело во приказната, но одбирот на овој начин за негово воведување е мошне занимлив и ја збогатува приказната со старински шмек на подзаборавени наративни практики и техники и токму затоа и го подвлекувам.

5. Пресоздавања

„Јас сум Акико“ е роман за пресоздавање на она што никогаш нема да се дознае во целост. Со ова првенствено се мисли на искажаното од авторот во еден од трите краја на романот (заедничкиот дел на Јапонката-масерка Акико и Вировски (Тиќми), писателот на плажа кој бара идеја за пишување). Вистинската Акико никогаш нема да дознае за пресоздадената Акико како книжевен лик според нејзин образец. Но, истово се однесува и сосем одговара и на романот во целина. Тој е пресоздаден книжевен конструкт на она што никогаш нема да се дознае во целост: Каде е мајката на Акико? Зошто таткото вреска ноќе? И зошто Акико е толку осамена сѐ до пронаоѓањето на Марсело?

Но, сево ова може да се каже и крајно редуцирано: „Јас сум Акико“ е прекрасен роман кој треба да се прочита. Што поскоро.

Автор: Оливера Ќорвезироска

Текстот е преземен од okno.mk

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

16.
Nov.
Рецензии
Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата ...
30.
Oct.
Рецензии
Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и све...
29.
Oct.
Рецензии
„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А по...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.95 MB