Дали љубовта е силиконот што го пополнува сеизмички настанатиот процеп помеѓу јавето и сонот? Зарем не е љубовта уште една војна на емотивна капитулација и два завојувани фронта? Но Русјаков, како и многупати претходно, не се ни обидува да одговори на најчесто поставуваните прашања, туку да постави нови, така што ќе му даде соучество на читателот во создавањето на дејството. Охрабрен да пишува за најромантизираната љубовна приказна на наше поднебје, која дочека да биде и романизирана, авторот ја разгатнува веројатноста уште едно градско озборување од Широк Сокак да граничи со вистината.
Александар Русјаков во својот последен роман, кој се закити со наградата „Пегаз“ за 2021 година, им резервира бесплатна соба на читателите со поглед на неговиот мистичен и корпулентен поглед кон историјата, оживеана преку љубовта која не се случила, а е најпознатата легенда што ги поврзува Македонија со Турција. Но овој роман не се заснова исклучиво на историски факти, затоа што Русјаков го користи своето препознатливо двострано писателско перо/скалпел со кое засечува подлабоко и го остава читателот со една отворена рана на конфузија и мисловна контузија. „Хотел меѓу две војни“ ( со поднаслов 'За љубовта која никогаш не се случила') е вистинско олицетворение на предлогот „меѓу“, ниту жанровски може да се категоризира, ниту заклучокот е јасен и недвојбен после прочитот. Овој роман со примеси на магијата на Булгаков, неговиот латентен бес кон политичките случувања и фантазијата на Мураками, е како апсурден сон, во кој мртвилото е двигател, и предметите алогично преминуваат од една состојба во друга. Но тоа што плени во романот е богатиот речник зачинет со фактологија и иако окарактеризиран како псевдоисториски, е јазол помеѓу сонот и јавето.
Оваа книга е мојата 'дома', па затоа и ќе бидам повеќе пристрасна кон истата. Русјаков напишал мајсторија, користејќи лик кој е мост, Босфорскиот мост, помеѓу историите на две земји, Македонија и Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Токму како и истоимениот мост, овој лик спојува две важни симетрали, континенти и традиции, европското и османлиското, анимата и анимусот, машкото и женското. Поигрувајќи си со историските факти и бујната фантазија, го внесува Ататурк во едно алигиеровско патешествие кон задгробата, само што главниот лик не талка безнадежно низ рајот, чистилиштето и пеколот, туку престојува во хотел со поглед на Македонија. Ќе запрам, чисто да го компарирам хотелот кој од книгата се преслика во мојата меморија, хотелот кој постојано ми беше во глава, напуштениот хотел 'Македонија', и за волја на коинциденцијата, се наоѓа само неколку куќи погоре ( ориентационо, доколку се движиш кон Саат Кулата, во Битола се' уште не можеше да најдеме консензус што е горе, а што долу низ Корзото) од родното гнездо на Елени Каринте.
Независно во каков пансион ќе се најавите во хотелот, толку ќе ви стане пријатно, што ќе го продолжувате престојот, низ прозорците од неверојатно живописни рамки воодушевувајќи се на конзулска Битола, центарот на европска Турција.
Што е значењето на овој хотел, каква метафора крие, за војна ли, за смрт, за живот или за најсмртоносната именка од сите: вљубувањето? Фатаморганата помеѓу јаве и сон, литературната метафизика, носи привлечни и досетливи наслови на секое поглавје, претставувајќи го тој, не толку далечен свет на буржоазија и агилак, на образование и феудална закрепостеност, на неколку религии кои сложно опстојувале во битолскиот спахилак, во утробата на јудаизам, ислам и христијанство, а сепак од сите религии единствена забранета била љубовта и нејзината општествена противречност.
Русјаков е корифеј кога станува збор за отсликување на родољубиви теми со пенкало, ни тука не отстапува од патриотизмот што е препознатлив потпис на неговите дела, нескромно расфрлајќи се со историјата како парче наука со која се' почесто се манипулира. Авторот слика како Рембрант, но користи емоции наместо бои, и така го заплеткува читателот во недогледните ходници озвучени од знаење, но и безброј можности за излез од делото.
Хотелот е состојбата помеѓу јавето и сонот, можеби и растргнатоста на Ататурк помеѓу Македонија и Турција, помеѓу Љатифе и Елени, помеѓу развратот и принципиелноста, но 'Хотелот меѓу две војни' е она што живее во читателот до самиот епилог, кој и не е вообичаен епилог. Затоа што една книга има толку толкувања, колку што постојат читатели.
Авторка: Јована Матевска Атанасова
Романот „Хотел меѓу две војни“ е достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.