Читална

Со извадок од романот Пустина од Ѓорѓи Абаџиев го одбележуваме втори август, Денот на Републиката

02.08.2021.
Со извадок од романот Пустина од Ѓорѓи Абаџиев го одбележуваме втори август, Денот на Републиката

На втори август го одбележуваме Денот на Републиката – Илинден, голем државен празник, кој има посебно значење за историјата на македонскиот народ. На овој датум во 1903 година започнало Илинденското востание, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. На овој ден православните граѓани го слават и верскиот празник „Свети Илија“(Илинден).

Со извадок од класичниот роман „Пустина“ од писателот Ѓорѓи Абаџиев го одбележуваме втори август, Денот на Републиката. Не случајно на овој датум го избираме ова дело, кое неодамна беше реобјавено во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“. Имено, дејството на романот се случува пред историскиот Илинден во 1903 година и ни е раскажано преку заробеништвото на двајцата солунски атентатори Арсо и Глигор, веднаш по еден од нивните страшни бомбашки напади. Исто така, на овој ден се одбележуваат 58 години од смртта на Абаџиев. Ако се земе предвид дека целото негово творештво се однесува на периодот пред и по Илинденското востание (втори август), датумот на неговата смрт на некој начин судбински се поврзува со неговата творечка преокупација.

Ѓорѓи Абаџиев (07.10.1910, Дојран – 02.08.1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја. Негови најзначајни дела се: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, коавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на Ножот“ (раскази, 1951), „Последна средба“ (раскази, 1953), „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961), „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972). Исто така, тој е еден од сценаристите на филмот „Мис Стон“ (1958). Во 1972 година е објавен избор од неговото творештво во четири тома.

„Пустина“ е историско-психолошки роман, кој првично бил публикуван во 1961 година, а беше реобјавено со ексклузивна корицата, што ја изработи уметницата Искра Димитрова, која е внука на Абаџиев. Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, покрај „Пустина“, „Арс Ламина“ реиздаде уште едно познато дело од Абаџиев, „Арамиско гнездо“. Двете дела беа претставени минатиот месец, со онлајн промоции.

Романите „Пустина“ и „Арамиско гнездо“ веќе се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Во продолжение е извадокот од романот „Пустина“.

ИЗЛЕЗ

Во ќелијата навлегуваше самрачината, а со неа доаѓаше ладно струјкање. На Глигора му се стори дека овој ладен повев како да избива од тешко залепеното на прозорецот стебло од палмата. Во неговите гради навлезе и бодро затрепери свежина. Северникот го почувствува и Арсо чиишто носници започнаа да се шират. Во затворот, потонат во малаксаноста на врелата тишина, во спарените ќелии започнаа наеднаш да се подигнуваат бодри гласови. Зачестија брзи чекори по калдрмата на дворот и по ходникот. Силен збир од нескладни звуци ја наполни приквечерината. Мртвата темнина на ќелијата стана нестрпливо жива.
Бавно ги отвораше Арсо очите. Навлегуваше во неговиот мозок една јаснина како да излегол од хаосен мрак на светлосна згорнина. И на таа згорнина релјефно испакна јадрата фигура на Глигора. И му дојде некоја изненадна желба и слика. Посака да се подигне на лакти. Глигор му помогна да седне.
Однадвор доближија познати чекори. На отворената врата за стана каушкиот прислужник, насмевнат и подисправен ја остави лимената кутија со чорбата.
− Каква е таа врева надвор? − запраша Глигор.
− Господ дојде − рече живо прислужникот.
− Да го земат ѓаволите твојот…
− Тој е и твој − се смешкаше прислужникот.
− Слушај, муцко, нема таков господ кој да биде и наш и ваш − го подигна гласот Глигор.
− Има, има, господин Глигор − со истиот тон рече прислужникот.
− Хм, тогаш, кој е?
− Па, ене, откако дојде и на Арсо му е подобро.

− Не ни е потребен ни нашиот, ни вашиот! − рече Арсо и из- гледа тоа го возбуди та на образите му се појави бледа розовина.
Прислужникот стоеше и се смешкаше на прагот како да не му се сакаше да си појде. Арсо за првпат го гледа ваков. Обично, тој не зборуваше, молчаливо, тромо и тмурно си ја вртеше својата работа и во изразот на неговото лице секогаш лебдеше некаква мрзоволна стутканост. Сега, можеби, имаше да каже нешто ва- жно. Глигор испитливо го загледуваше под своите дебели веѓи. Арсо, кој не ја поднесуваше оваа суморна личност, сега здогле- дуваше во него некоја промена што го правеше доверлив и бли- зок. И Глигор, и Арсо, и прислужникот чувствуваа во себе една промена којашто ги зближуваше и поврзуваше, ги скротуваше и примируваше. Во оваа загадена јама луѓето ја наоѓаа нишката што ги соединуваше. Иако тројцата спореа за Господа, всушност тие беа далеку од желбата да се караат сега. Зар беше важно тоа, ка- ков и чиј е тој бог, кому носи корист, кому пропаст, дали тој има чалма или златен ореол околу главата, дали е облечен во турска салтамарка или е завиткан во црвено платно. Во нив, околу нив беше дојден оној кого и сиромашните бедуини во пустината, и богатите и правоверните и ѓаурите го бараат и им беше потребен − северникот.
− Умрете − рече Глигор.
− Умри…
− Заборави?
− Не. Туку…
− Како тоа? Ќе најдеш! − Глигор му кладе неколку ситни пари во раката на прислужникот.
− Мачно се наоѓаат… ама ќе најдам − угодливо рече прислужникот.
Арсо чувствуваше како во неговото тело проникнуваше бодрина и сила и дури започна да чекори со уште слаби треперливи нозе. Глигор се радуваше како дете. Тој го истурка прислужникот и ја тресна вратата зад него.
− Сега, атентаторе мој, се надевам дека си ги изгонил од себе злите духови. Има да си ја свршиш онаа твоја задача што си ја започнал и не си ја завршил и поради тоа падна во очај. Зар ти мислиш дека е така едноставно да постигнеш една цел и така е просто да се умре наеднаш, по одреден план? Ние не сме се ослободиле од клетвата, таа не задолжува. Другарите кои загинаа го исполнија својот долг. Ние треба да го исполниме нашиот.
− Јас нема што да свршувам. Сè е празно во мене. Јас немам цел.
− Не, не можеш да го зафрлиш животот во каква и да е јама. Неправдата постои, постоиш и ти, борецу против неа. Во оваа смрдлива дупка ме зафаќаат соништа за животот на слободните луѓе. Зад овој ѕид се истегнува пустината. Таму лутаат камиларите и ги поминуваат врелите песоци. Ги гонат фатаморганите на палмините сенки и ладните извори, и тие одат сè понатаму, сè понатаму. И, ако загинат во песочната бура, нивната смрт не е смрт на очајници, а само смрт на луѓе кои со сета сила се стремеле да го извлечкаат животот од смртта. Да се свртиме кон себеси, кон нашата положба. Ти што се спротивставуваше на цела империја малодушно се прекрши. Не те зафати бура, а така нешто во тебе се скрши, во твоите мисли, во твоето чувство кон луѓето и светот нешто се променило и сакаш себеси да се убедиш дека не постоиш. А ти си од крв и месо и не можеш да не ја чувствуваш близоста и нераскинливоста со сето она што постои. Но, нека одат по ѓаволите овие непотребни брборења. Да се зафатиме со работа. Тоа е главното сега.
Арсо, кој од почетокот отуѓено ги слушаше зборовите на Глигор, со интерес се загледа во него, во тоа енергично лице со широки вилици, со опнати цврсти мускули, со испечена од пустинското сонце кожа на вратот, во неговата темна кадрава коса, во јаките гради коишто силно и гласно се подигнуваа како да се стремеа да го наполнат просторот на ќелијата и да искочат надвор од неа.
Глигор тешко зачекори, загледан во тесниот раб од избледнетото небо.
− Ние сме пак истите.
− Меѓу минатото и сегашноста се урнати мостовите − уморно рече Арсо.
− Да се сложиме во едно само: не го сакам од тебе тоа што ти бесно и фантазирано сам го даваше. Во оваа зандана земјата е мека, песоклива, во неа се вклопени темелите. Од кон прозорецот е дворот, од левата страна има некаква церја. Понатаму се редат палми, а зад нив е пустината. Ти треба само да лежиш и да бладаш и да шеткараш во минатото, како досега што си правел и ништо друго.
− Па ти и ништо не бараш од мене.
− Тоа ништо за мене е сè − рече уверено Глигор.
Во минути на смирување, кога спокојното размислување го потиснуваше трагичното чувство на безизлезност, Арсо се враќаше кон напрежните свои убедувања дека вистинската смисла на човечкото живеење е во непрекинливата акција, во непреодливата волја на човекот да дејствува. Се обвинуваше себеси дека тој не бил и не може да биде никогаш способен да ја исполни таа тешка повелба. Спокојната и упорна решеност на Глигор да го употреби својот живот за постигање на идеалот што беше некогаш највисок врв на кој требаше да слета и Арсо, му се чинеше само неостварен и никогаш неостварлив сон. Во оние пркосни денови Арсо се сметаше себеси за непрекршлив револуционер, херој што ќе остави блескаво име во повеста на таа неразбирлива намачена и жестока земја. Тој само го извалкал тоа гордо име. Дејствуваше и гореше безумно и храбро и сам не е во состојба да објасни како падна во тоа тегобно смирување. Влезе во огнот, а неговиот дух беше премногу нужен за силни пламтења. Во дното на својата душа чувствуваше наслоена сива ладна пепел. Тој се срамнуваше со скршено од првиот истрел оружје, оставено засекогаш неупотребливо и мртво. Арсо ја префрлаше во себе мислата узреана од скоро во него: треба да остане и ќе остане само оној што ја менува својата судбина. Арсо не може повеќе. И страшно го измачуваше − претпоставувањето дека никогаш не бил тоа што мислел да биде. Во дните на осаменост, со болна страст се вдлабочуваше во себе, бараше одговор и решение на замрсени сомневања. Се зафатил за нешто што не било за неговиот ломлив дух. Некоја тешка одговорност го мачи и уништува. Не е способен веќе да избега од потполната очаеност. Глигор не треба да очекува ништо од него. Ама сосем ништо.
Арсо има само една желба − да остане тука во мир и заборав. Што бара од него Глигор? Да учествува и да му помогне во неговите подготовки да избега од затворот. Да учествува лежејќи на одарот. Помош за која не е потребен напорот на волјата. Арсо сакаше да биде задоволен дека сепак неговата немоќ е корисна за Глигора.
Тоа е што може да му даде на Глигора. Скоро ќе удри часот на разделбата.
Глигор ќе остане единствениот сведок на неговото запирли- во умирање.
Глигор ќе појде во животот. Тој им е потребен на луѓето.
Арсо ќе му помогне да појде пак меѓу луѓето, така, лежејќи и тонејќи во исчезнувањето.
Му дојде чудна желба да остави сепак некоја трага во занданата. Со клинец неговата треперлива рака ја ископа на ѕидот над одарот, каде што лежеше, реченицата што почесто му светнуваше во мозокот: Тука згасна Арсо во лето илјада деветстотини и трето.
Цела недела северникот ги даваше своите благодети.
Во каушите се почесто се носеше витката мелодија на ориенталните песни, полни со болка и копнеж.
Во приквечерината кога мракот ги зафаќаше зафрлените агли, Глигор им се придружуваше на пејачите, пуштајќи го својот звучно тврд глас. Во неговите песни извираше и се разлеваше гнев, закана и верба на луѓето од неговата земја, оставена далеку зад морето. Во смешаноста на мелодиите, во бркотницата од распеани звуци, доминираше нешто одобрувачко, што ги истиснуваше мрачнините во душата на Арсо.
Кога ноќта сосема го заклопуваше затворот и ја угаснуваше вревата, во каушите, ходниците и во дворот темнината стануваше глува и мртва. Глигор будно ги следеше како гаснат шумовите и потоа се вовлекуваше под одарот на Арсо и со упорност на кртица ја прегризуваше пречката што го држеше апсанџискиот свет откинат од онаа слободна широчина во којашто луѓето ја заплеткале својата судбина во нечии мрежи и ги кинат полни со верба дека има избавување и дека сето тоа е можно да се постигне. Да се излезе од овие ѕидишта. И дланките на Глигора ја истуркуваат земјата зад себе и телото потонуваше во земјената тесна темна и ладна утроба за да излезе на виделина. И песочните пластови по- пуштаа. Времето и волјата се беа сојузиле.
Остануваше уште една ноќ.
И судбината на Глигор и Арсо ќе биде во нивните сопствени раце.
Таа беше ноќ без месечина, но со густи силни ѕвезди што тре- переа на работ од прозорецот. За последен пат Глигор зарони во ископот. Напластената ровка земја се отресе од неговата глава и тој жедно ја вдиша свежината на воздухот. Се наоѓаше во среди- ната на густо церје.
Бргу се повлече назад.
− Готово, атентаторе! Го заслужи орденот. Побрзај, надвор те чека Ана! − весело задишан брбореше Глигор.
Тој си ја извлече главата од под одарот. Ги виде вжолтените но- кти од нозете на Арсо што висеа над него.
− Несреќниче! − рикна во болка и навреда Глигор. Телото на Арсо му изгледаше необично издолжено. Тенкото јаже врзано на решетката длабоко се беше вкопало во неговиот врат. На по- модреното лице беше замрзната грозната гримаса на тукушто свршената агонија.
Глигор си ја зеде торбата. Уште еднаш погледна на телото што висеше закачено на решетката, и исполнет со гнев и огорченост, се нурна под одарот.
По неколку минути неговата темна силуета се појави меѓу пал- мите и бргу залута во пустината. Ладната ноќ овозможуваше долго патување до онаа база на север. Таму наблизу беше фран- цуската граница. Пред разденување ќе стигне.

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.14 MB