Читална

Поговор кон Песот со тажен поглед од Оливера Николова

01.08.2022.
Поговор кон Песот со тажен поглед од Оливера Николова

ТОЧНА ДОЗА МОРАЛ, ЧОВЕЧНОСТ И ТВОРЕЧКА УМЕШНОСТ

Давор Стојановски

По третпат го читам романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова. Првиот пат го прочитав откако си го купив на Саемот на книгата. Тоа беше веднаш штом книгата излезе од печат во 2019 година. Тогаш стануваше збор за читателско љубопитство, затоа што редовно ја следам македонската романескна продукција. А побрзав да го отворам романот колку што е можно поскоро, затоа што од луѓето чие мислење го ценам веќе наслушнав дека авторката повторно напишала убав роман.

Вториот пат го зедов на препрочитување откако беше прогласен за Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“, значи речиси една година подоцна. Од една страна, имам намера да ги читам добитниците на значајните прозни награди во земјава, а од друга страна, сакав со нови очи да го исчитам текстот и да се уверам во оправданоста на одлуката на жирито, како и да си го потврдам или, на некој начин, да си го проширам мислењето што веќе претходно го имав за книгата, затоа што ниедно читање не е исто со претходното.

И најпосле, третиот пат, читањето на романот беше со цел повторно да се потсетам на приказната меѓу кориците, да го освежам сеќавањето на веќе познатиот тек на настаните, кој како да го откривав наново. Овој пат, поводот за препрочитувањето беше поканата да земам учество во новиот проект – реиздавањето на романите и збирките раскази за возрасни на авторката. Ми се виде сосема интересно дека изборот падна да пишам текст токму за делото што и онака ми беше најсвежо, па на тој начин се случи да прочитам еден ист роман трипати во растојание од две години.

По сите читања, впечатокот остана ист и првичното мислењето ми се потврди – „Песот со тажен поглед“ е исклучително читлив и квалитетен роман, релативно кус, но токму поради тоа и динамичен, со цврсто структурирана приказна од интересен период на военото Скопје, која би ги привлекла дури и читателите што не се интересираат многу за историска или воена тематика.

Но, пред да прејдам на тоа што ме привлекува во романот, би сакал за миг да се оттргнам од авторката Оливера Николова и да се осврнам кон личноста Оливера Николова.

Можеби неслучајно веќе ја споменав темата награди. Мојот прв и единствен пат кога ја сретнав писателката во живо, кога се запознав со неа, беше кратката средба на манифестацијата на доделувањето на Роман на годината на „Утрински весник“ за 2013 година. Тогаш таа беше дел од жири-комисијата, а мојот роман се најде во потесниот круг за наградата. Мојот дебитантски роман „Ненасловена месечева соната“ беше посочен и изделен од страна на жирито како едно од највпечатливите дела таа година, па затоа и бев поканет на свеченото доделување на наградата. Се сеќавам дека за време на кусата средба, Николова ми честиташе на успехот и изјави дека не треба ме грижи тоа што не сум прогласен за победник, млад сум и сè уште имам долго време пред себе за такви одликувања. Секако, намерата ù беше да се успокојам и утешам, иако и самиот потесен круг го сметав за голем дострел за првиот роман, но интересно е што само по три години од тој настан, мојот втор роман „Собирачи на пепел“ ја освои наградата Роман на годината на „Утрински весник“, па сега е во истото друштво со романот „Куклите на Росица“ на авторката што отсекогаш сум ја почитувал, и тоа особено ме радува.

Следната средба со авторката се случи на поинаков начин: наидов на нејзиното име истражувајќи ги архивите на дневните весници. Налетав на две одделни случки, на два настана што ми го продлабочија моето знаење за македонската книжевна историја и за карактерот на личноста на авторката. А за чудо, тема беа повторно наградувањата.

Првата случка датира во далечната 1977 година, една година откако е усвоен правилникот за работа на фондот „Стале Попов“. Друштвото на писателите на Македонија ја доделува оваа награда за прозно остварување, но на почетокот се доделува и за книжевно-критички и за научно-истражувачки трудови на делото на писателот Стале Попов, па вториот добитник е автор на студија за Стале Попов. Името на наградениот автор е веќе објавено во весниците. Во тој миг, никој не знае дека тоа не е првичниот избор на жирито, ниту дека делото не датира од претходната година, туку е многу постаро. Првиот човек што јавно го посочува тоа и што укажува на недоследностите во работата на жирито и на Одборот испраќајќи писма до неколку редакции на дневните весници е токму Оливера Николова. Таа членува во жири-комисијата и во Одборот и соопштува дека предложениот победник, кој ги добил сите гласови од жирито, на крајот не е изгласан во Одборот и ставено е име на друг добитник. Поради нејзиниот приговор, на крајот се преиспитува одлуката и наградата се повлекува, односно одлуката се анулира. Мене ми се виде исклучително храбро, достоинствено и праведно на тој начин да се истапи и јавно да се реагира, особено со оглед на времето и околностите во кое сето тоа се одвивало.

Вториот настан е од 1998 година. Наградата „Ванчо Николески“ на еден автор на чуден и необјаснив начин му е одземена од страна на Претседателството на ДПМ, откако веќе претходно му била доделена. Во знак на револт и побуна кон начинот на кој непримерно е извршено сето тоа, Оливера Николова се обраќа до јавноста и реагира, на тој начин што се одлучува да се повлече од ДПМ, а потоа и да се откаже од наградата „Стале Попов“ што веќе ја добива истата година, не поради самата одлука на Претседателството во врска со гласањето на жирито, туку поради мистериозните услови под кои е донесена одлуката. Тоа, исто така, ми се виде многу доблесно и колегијално. Во своето обраќање од март 1998 година, Николова зборува дека ДПМ треба да биде „храм на интелектуалци“, а не „собиралиште на верски поклоници“. Таа зборува за нечесните игри и за „сомнителни морални карактеристики“ на луѓето што раководат со организацијата.

На некој начин, токму преку прашањето на верата и моралот, на кои се алудира и во обраќањето на писателката, можеме да се надоврземе и на нејзиниот последен роман, кому му ги посветуваме овие страници.

Главниот лик во „Песот со тажен поглед“, Алберт Гас, е токму еден лик со сомнителни морални карактеристики, какви што се и споредните ликови во романот (на пример, неговиот пријател од младоста, Ференц). Низ романот постојано се провлекува амбивалентноста на доброто и лошото, на праведното и неправедното: ниеден лик не е докрај симпатичен, ниту докрај одбивен, сите ликови се човечни, а тоа значи и грешни, колку и да се добродушни. Можеби ликот на готвачот Ацо најдобро го одразува тоа: тој не знае дали ние луѓето сме поклоници на Бога или на ѓаволот. Време е на војна и никој не е насликан идеалистично. Па, така, Ацо смета дека Сатаната ги побунил божјите ангели на небото и тие слегле долу и Сатаната ги затворил во телата на луѓето. Но, војната е насекаде иста, како и секоја друга војна, а ние сме истите чеда, без разлика чии – секогаш жртви на нејзиниот грозомор.

Песот со тажен поглед на Оливера Николова како предлошка ги користи мемоарите Мојот балкански дневник на Џ. Џонстон Абрахам. Авторката се надополнува или се надоврзува на неговите спомени за да го обликува фиктивниот свет. Очигледно, станува збор за историски роман, и тоа воен, меѓутоа, лично јас, кој не сум наклонет кон таквата проза, не бев спречен да уживам во текстот, затоа што во ниеден миг немав чувство дека Песот со тажен поглед е исклучиво историски или воен роман, туку е повеќе роман за тоа како војната го втиснува мрачниот печат врз индивидуата, за последиците што војната ги остава врз телото и врз психата на оној што излегол од борбата, но и за ронката хуманост што, случајно или не, останува надвор од човекот и е сместена во очите на животното што најчесто го сметаме како наш најчест домашен миленик.

Алберт Гас, главниот лик и раскажувач во романот, е австриски затвореник, кој наместо во Ниш, е испратен со воз во болницата на Британскиот црвен крст во Скопје, за да се лекува од раната што сам си ја нанел: отсечени три прста на раката. Приказната го следи неговиот престој во импровизираната болница во текот на Првата светска војна, ужасните услови во кои треба да работи персоналот, како и запознавањето на Алберт со Русинката, Ира Павловна Зошченко, која работи напоредно со другите четири британски хирурзи, меѓу кои е и нејзиниот сопруг, д-р Вил.

Целиот роман се случува во еден речиси клаустрофобичен простор, концентриран во трите ката на импровизираната болница, која симболично е наречена и „станица за расчистување“ на ранетите војници што постојано пристигнуваат со возот. Иако ние како читатели паралелно со главниот лик постојано ги гледаме заснежените ридови наоколу, кои го потсетуваат Алберт на неговото родно место, австрискиот Лилиенфелд, никогаш не стигнуваме до нив – тие се само кулиси, само потсетник на недофатливата слобода. Единственото движење надвор од просториите на болницата е една прошетка низ скопскиот пазар, како и посетите на семејството што ја згрижува (божем) ќерката на Ира Зошченко.

Меѓу сите епизоди раскажани во романот постои причинско-последичен однос и ми се чини дека тоа е главната сила на писателката. Епизодите уверливо се прелеваат една во друга и ни ја разоткриваат динамиката на приказната, па дури и кога се случува заплетот на дејството и кога дознаваме дека Алберт, всушност, на некој начин е поврзан со Ира – тој во минатото се познавал и имал однос со нејзината сестра, а детето што Ира го зела со себе во Скопје е негово дете од таа кратка афера – до оваа информација и до разрешницата се стигнува на природен начин: прво се споменува разузданоста од минатото на Алберт, па потоа се споменува и името на една од многуте жени со кои спиел пред војната, па подоцна во текстот ова име (Полина) на наша голема зачуденост неочекувано се повторува кога дознаваме за постоењето на ќерката, а најпосле, преку следните сцени веќе се насетува вистинското потекло на детето.

Како и во овој случај, така и со другите сцени во текстот, никогаш нема изнасиленост на раскажувањето, туку секогаш постои одмереност и, би рекол, точна доза на интрига.

Романот на Николова тематизира многу важни дилеми низ призмата на главниот лик Алберт Гас. Според него, дури и богатите доктори што неуморно работат и беспоштедно волонтираат во војната се, како и сите други, „месо за жртвување“. А во меѓусебните разговори и расправии, докторите ни го откриваат и начинот на кој ја перципираат лудата и безделничка земја, ова „ѓаволово дувло на Балканот“ во кое се нашле и кое не разбираат зошто некој сака да го освои. Воедно, се отвора и простор за дискусија за тоа како самоповредата претставува чин на оттргнување од обрачот на омразата, уште еден начин, колку и да е кукавички, да се избегнат црнилата на војната.

Алберт Гас, кога зборува за себе, признава дека е дрзок и се смета себеси за принуден женкар. Тој постојано го опишува својот однос кон жените од минатото како игра или натпревар меѓу него и пријателот Ференц. Играњето со чувствата на другите е нуспојава на некакво чудно ривалство помеѓу нив двајца. И тоа секогаш оди на нечија сметка. Дури и кога првпат ја сретнува Ира, Алберт веднаш ја смета за промислена и во нејзиниот инает гледа „женска тактика“, како еден застарен светоглед што соодветствува на времето во кое се одвива романот. А она што мене како читател ми е многу важно, е токму начинот на кој Ира Павловна Зошченко му се поставува на главниот лик. Ира, всушност, го предизвикува Алберт.

Ира Павловна, како лик во романот, постојано дејствува – се изборува за уште една просторија за операции, се изборува за сопствена соба во спротивната зграда, таа доаѓа во Скопје следејќи ја својата намисла без да чека дозвола од сопругот и без најава ја зема и „ќерката“, Полина. Ира изнаоѓа решенија и ги поместува работите од мртва точка. Со својата своеглавост и упорност дури и драстично му ја менува судбината на главниот лик – откако ќе го препознае Алберт, полека го подготвува за големото откритие што следува како последица на настаните од минатото. Пожртвуваноста на Ира и конечната сооченост со налетот на тифусот, како втор најважен непријател во судирот на соперничките сили, на крајот резултира со предавање на „ќерката“ Полина на Алберт – животот продолжува и еден човечки живот се просејува во друг.

Како контрапункт на човековите злосторства, валканата совест и животот полн гревови, во романот се поставува чистината на песот. Иако му се посветени само неколку страници во книгата, неслучајно е одбран да стои во насловот. Песот случајно налетува на Алберт во едно уништено село, а потоа постојано го следи и придружува, па на крајот се губи на железничката станица и ниеднаш не се враќа – освен во неговите мисли, сеќавања и халуцинации.

Песот постојано го следи како сенка на совеста и на сеќавањето, па можеби и неслучајно го добива името Ал, како сенка од името Алберт.

Песот е важен елемент во романот, затоа што со него на главниот лик му стануваат поподносливи деновите во војната, го тера духовно и морално да се пронајде себеси, му го разбиструва умот, му создава јасност среде хоророт. Воедно, благодарејќи им на зборовите со кои ја открива љубовта кон изгубениот пес, Алберт се зближува и речиси се спријателува и со готвачот Ацо, средба што претставува уште еден чекор кон новиот и променет живот на нашиот протагонист.

Додека размислува за песот во последните денови од присуството во болницата на Британскиот црвен крст, Алберт не сонува веќе за жените, не размислува за нив – и сметам дека овој премин е клучен. Излезот од онаа безволност на стариот живот, оној речиси дендиевски зазор кон секојдневјето, се случуваат поради песот, затоа што токму тој го учи Алберт да се вџасува од човековите заблуди.

А поради сета таа проникливост на Алберт, која се случува пред крајот на романот, тој станува прочистен и подобрен, сфаќа дека сè што правел во животот е спротивно на тоа што го посакувал, свеста што му беше заматена од војната, сега се прочистува. И конечно, Алберт не го гледаме само како заробеник на непријателските сили туку и како рамноправно човечко суштество што заслужува поднослив живот како и луѓето од другата страна на војната. Неслучајно е тоа што разрешницата во романот е таква, што Ира одлучува да му го предаде детето, односно симболично да му го подари животот што некогаш го изгубил.

И сега, сосема на крајот од овој текст, би сакал да посочам дека веројатно не беше случајно тоа што пишував и за личноста Оливера Николова, која застана во одбрана на моралот на поединецот. Сметам дека сето тоа умешно се пренесува и во страниците што ги испишува писателката Оливера Николова.

Песот со тажен поглед, освен што е историски и воен роман, најмногу од сè е и роман за моралот. Искрено се надевам, а и сигурен сум дека ќе најде уште многу други и нови читатели, така што и припадниците на помладите генерации ќе може да се огледаат на луцидноста со која пишува едно од нашите најзначајни имиња на книжевната сцена.

Штом јас веќе трипати го исчитав овој роман во рок од две години, сметам дека секој може и треба да го прочита барем еднаш.

„Песот со тажен поглед“ со поговор од Давор Стојановски е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14890

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.15 MB