Читална

Поговор кон Пешаци по црни полиња од Оливера Николова

07.07.2022.
Поговор кон Пешаци по црни полиња од Оливера Николова

РОМАН ЗА ЕТИЧКАТА ДИМЕНЗИЈА НА ПОСТОЕЊЕТО ВО (НЕ)ВРЕМЕТО НА ТРАНЗИЦИЈАТА

Гоце Смилевски

Кога во 2017 година беше објавено првото издание на романот Пешаци по црни полиња од Оливера Николова, ми беше укажана чест да го напишам поговорот за ова дело на авторката која несомнено е еден од најмаркантните творечки гласови во македонската проза. Во тој текст, насловен Роман за метафизичката димензија на шахот и на животот, се осврнав на ова романескно остварување низ паралелите кои можат да се направат помеѓу него и шахот. За таков пристап подлога нуди и начинот на кој се структурирани делото и формите на развој на дејството во него – со самите наслови на поглавјата потенцирани се сличностите на шаховската игра со романот, но и со самиот живот: така се нуди перспектива на согледување на романот како шаховска партија, и на животот како шаховска игра, а тоа води кон сфаќање на ликовите во романот како шаховски фигури, пресвртите во нивните судбини – како потези на шаховска табла, а нивните животи како партија шах. Едно толку слоевито дело како што е Пешаци по црни полиња на Николова нуди многубројни можности за толкување, така што сега би сакал да се осврнам на него од една сосем поинаква перспектива.

Оливера Николова во Пешаци по црни полиња преку индивидуалните судбини на главните ликови ги отсликува општествените состојби и процеси во времето во кое тие живеат, а тоа е времето кое ни е добро познато: нашето „вчера“ кое траеше повеќе од две децении – времето на транзицијата. Секоја епоха има периоди во кои е силно изразено чувството на постоење во време на промени и премини (со истиот термин, на пример, Џон Стјуарт Мил обележува еден дел од времето во кое живее тој, значи феномен кој се одвива во британскиот XIX век), а „нашата“ транзиција за која говори романот на Николова се одвиваше до пред неколку години и беше дел од регионален процес во земјите од Централна и Источна Европа. Таа „наша“ транзиција се одликуваше со уривање на политичкиот систем при преодот во глобално-капиталистичкиот систем, економска криза која резултираше со економско раслојување на населението и исчезнување на средната класа, криминалитет и корупција (последниве две карактеристики, за жал, опстојуваат и понатаму во повеќето од земјите што беа погодени од овој општествен феномен).

Преку развивањето на неколку човечки судбини на страниците на Пешаци по црни полиња, Николова успева уверливо да го долови и целокупниот контекст: таа дава широка и сеопфатна романескна визија за општествено-историските феномени и односи кои се артикулираат низ постапките и содржините на свеста на ликовите во романот. Главниот лик во романот, Илија Иванов-Илче, е маркиран и со специфичната наративна постапка со која е раскажано делото: како обраќање до него, преку Ти-формата. Тој се обидува да ја сочува смислата на своето постоење среде вителот на транзицијата, а воедно и целата историска и општествена стварност се манифестира низ неговата индивидуална свест.

Микропланот преку кој Николова ги отсликува ерозивните процеси на транзицијата е живинарската фарма во близината на Скопје, во која некогаш работел главниот лик. Партијата која е на власт почнува (преку својот директен извршител – новопоставениот директор, односно стечаен управник) да ја разнебитува фармата, со што Николова ни дава визија за начините на кои во процесот на транзиција на власта, онаа што треба да се грижи за заедничкото добро на граѓаните, всушност ја разнебитува државата. Сосредоточувајќи се на односот помеѓу поединецот и реалноста, Николова преку ликот на Илија, кој е длабоко погоден и од она што се случува со фармата и од она што се случува со државата, ни доловува низ што сè минува едно човечко суштество кога бара автентични вредности во општествен контекст на морална деградација.

Немирот што Илија го доживува заради општествените процеси се преплетува со немирите што му ги носи неговиот интимен живот и со тоа овој роман на Оливера Николова е изграден низ суштинските трансформации низ кои минуваат односите помеѓу неколку лика. Пет од нив (Билјана и два брачни пара: Магда и Илија Иванов-Илче, и Калина и Столе) се поврзани на начин што ги надминува границите на очекуваното и вообичаеното. На повеќедецениското пријателство помеѓу Илија и Столе се надоврзува и нивната професионална соработка на живинарската фарма во близината на Скопје, каде што Столе и натаму е вработен, а каде што Илија некогаш бил главен техничар. Но, пријателската поврзаност помеѓу нив е зацврстена со уште една линија, која е многу посуштинска од професионалната. Билјана, ќерката на Магда и Илија, е всушност биолошка ќерка на Калина и Столе. Немирот што го чувствува Илија, стравот дека ќе ја изгуби блискоста со Билјана, е предизвикан од тоа што Магда и тој никогаш не ù кажале дека ја имаат посвоено. Неговата психичка состојба добива карактеристики на драматичност кога тој дознава дека Калина, позната по својата непредвидливост и каприциозност, наводно повторно се вратила во градот, долго време откако заминала. Илија стравува дека Калина ќе ù ја открие на Билјана вистината за нејзиното потекло како еден вид одмазда, заради невозвратената страст која некогаш ја чувствувала кон него. Едновремено, свеста на Илија се бранува и заради интимниот живот на Билјана и нејзините избори: таа веднаш по распадот на долгогодишната врска неочекувано брзо се решила да стапи во брак со вдовец од Битола, електричар за далноводи, по чија ненадејна смрт ќе почне врска со Кирил Пачемски, новиот директор (стечаен управник) на живинарската фарма.

Меѓу ликовите во овој роман кои се одликуваат со високи етички принципи е и Лила, чие присуство во романот, тивко и ненаметливо, е афирмација на стремежот кон доблеста и кон остварување на должноста произлезена од чувството за одговорност. Таа доаѓа во мензата на фармата заради храната и за да се згрее, а нејзин постојан придружник е Раиф, детето со патерица. Лила е, од една страна, лик-медијатор, кој ќе ги обедини животните судбини на сите поважни ликови во овој роман, а од друга страна, во неа препознаваме извесни карактеристики што му се сродни на Илија, па така и неговата грижа за посвоената ќерка соодветствува на грижата на Лила за синот.

Пријателството помеѓу Лила и Илија ќе почне со тоа што Илија ќе ја подучува да игра шах и, тогаш, паралелата што таа ќе ја направи помеѓу животот и играта со црно-бели фигури на црно-бели полиња (наоѓајќи искра надеж за својот живот во едно необично шаховско правило – пешакот да може да стане кралица) на извесен начин ќе се отслика во неговото согледување, кое тој го стекнал уште во своето детство, за животот како шаховска игра. Преку таа мисла за паралелата помеѓу играта и човековата егзистенција (искажана на едно друго место во романот, при една реминисценција на неговото минато) тој ја сфатил и поделеноста на светот, но и исправниот начин на кој треба да се разбира постоењето.

Како што ќе се одвиваат шаховските партии помеѓу Лила и Илија, така ќе се развива и нивното пријателство. Притоа, нивното споделување на интимните светови ќе се одвива нерамномерно: додека Илија и самиот ќе биде збунет од својата отвореност и подготвеност без задршка да ù говори на својата нова пријателка за работи за кои не се отвора пред никој друг, Лила ќе продолжи да биде лик-енигма: зборувајќи за своето минато таа повеќе ќе затскрива одошто ќе отскрива, па така споменувајќи го синот, и ништо друго поврзано со него (освен сопственото двоумење околу прашањето дали тој е среќен), таа создава уште една загатка поврзана со своето постоење. Разрешувањето на некои од тие загатки, а дел од нив се и пресудни во разбирањето на Лила како лик-медијатор во овој роман, се одвива преку разговорите на Илија со една жена во кујната за бездомниците и со еден бездомник во Трговскиот центар. На тој начин, тој ја дознава и драматичната судбина на Лила и идентитетот на нејзиниот син, со што читателите можат да ја согледаат потполната слика на односите помеѓу клучните ликови во романот, односно врските помеѓу нив преку кои Лила се јавува како лик-медијатор во Пешаци по црни полиња: Лила е мајка на Кирил – Кирил е во врска со Билјана – Билјана е биолошка ќерка на Столе и Калина – Билјана е посвоена ќерка на Магда и Илија – Илија е пријател на Лила. Низ тие разговори со жената во кујната за бездомниците и со бездомникот во Трговскиот центар, Илија ќе стане свесен и за пожртвуваноста на Лила и за нејзиното остварување на вистинската, во себе изградена, слобода, преку волјата да се служи на она што е добро.

Со овие сознанија за нејзината судбина и нејзината личност, во свеста на читателите Лила им се придружува на оние ликови од овој роман кои се отелотворување на етичката димензија на постоењето и кои во своето дејствување како да се раководат според ставовите на Сократ, изразени во Одбраната Сократова од Платон, дека суштинската оствареност на смислата на постоењето не лежи во личната корист, туку во длабоката предаденост на идеалот на служење на општото добро, кое се однесува и на секој поединец и на заедницата во целост.

Со оглед на тоа што ниту едно човечко суштество не егзистира (и ниту една негова постапка не се случува) во општествен вакуум, несомнено е дека и самите доблести се создаваат во постојаната интеракција помеѓу индивидуата и средината. Низ диверзитетот на карактери кои дејствуваат во Пешаци по црни полиња, чии постапки, кои се извршуваат во ист општествен контекст и во сферите од интимното до јавното (на ниво на дејствување во некои од многубројните алки кои, поврзани, ја формираат државата) се движат од светлото до темното, од добродетелта до злосторството, Оливера Николова ги поставува своите читатели пред прашањето: колкава е одговорноста на секоја индивидуа во обликувањето на сопствениот карактер и во изборот помеѓу морално исправното (кое ќе се стреми кон поддржување на другиот и преку дејствување на микрониво ќе придонесе за остварување на похуман свет) и морално погрешното (она што ќе доведе до повреда на другите во личните односи и до нарушување на можноста за создавање на подобро општество)?

Кога во 2017 година го пишував поговорот кон првото издание на ова дело, текстот го завршив со реченицата: „Романот Пешаци по црни полиња е доказ дека Оливера Николова и во деветтата деценија од својот живот продолжува да ја подмладува македонската литература“. Во изминативе четири години Оливера Николова ни подари уште еден роман, Песот со тажен поглед, а верувам дека во мигов подготвува ново романескно остварување. Говорејќи за романсиерите, Милан Кундера во Уметноста на романот вели дека тие се, пред сè, истражувачи на егзистенцијата. Продолжувајќи да создава, Оливера Николова продолжува да ја истражува егзистенцијата и преку својот фикциски свет, произлезен од стварноста што ја живееме, да ги соочува своите читателки и читатели со етичките прашања и принципи кои се суштински дел од човековото постоење.

„Пешаци по црни полиња“ со поговор од Гоце Смилевски е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14897

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.13 MB