Читална

Поговор кон Куќичка од Оливера Николова

09.06.2022.
Поговор кон Куќичка од Оливера Николова

ДОМ ЗА ЈАЗИКОТ

Румена Бужаровска

Првпат ја видов Куќичка во рацете на Игор Исаковски, уредникот на „Блесок“, кога романот излезе во 2012 година. Ми зборуваше пофално за книгата и за авторката, горд што Оливера Николова објавува во неговата издавачка куќа. Не заборавам што помислив – дека ете сум стигнала и јас да објавам на исто место како Оливера Николова, писателката која маѓепса голем дел од фантазијата на моето детство со своите зборови. Мислам дека во тој период, токму кога излезе Куќичка, ми стануваше јасно што Николова направила за мене и за мојот развој како писателка: ми создала љубов кон јазикот, ми разбудила љубопитство кон звуците што ги произведуваат зборовите, ме поттикнала да си смислувам мелодии врз нејзините текстови. Признавам, пиедесталот на кој таа стоеше како кралица на детската книжевност до извесна мера ми ја замати перцепцијата за неа како мајсторка и во книжевноста за возрасни. Па, така, оваа Куќичка на некој начин ми предочи дека Оливера Николова си изградила дом и во книжевноста за деца и во книжевноста за возрасни: оваа книга повторно ми ја отвори портата кон творештвото на оваа голема наша писателка, создавајќи ми удобен простор за размислување во кој можев да сознам што направила Оливера Николова и за мене и за македонската книжевност и јазик.

Куќичка: уште во прв миг размислувам за неможноста овој збор соодветно да се преведе, за тоа колку многу од идентитетот на македонскиот јазик стои лаконски во насловот на овој роман. Неговата непреводливост, еве, барем на тековно најголемиот и некомерцијален јазик во светот, англискиот, е небитен за Николова, што веднаш го гледам како пркос, како бунт (без разлика дали е тоа свесно или не). Наспрема сега веќе стандардната желба да се излезе надвор од сопствениот дом и тој да се занемари зашто е мал и небитен во контекст на преостанатиот свет – цврсто стои втемелена оваа куќичка што недвосмислено го насочува вниманието кон својот локален идентитет.

Ваквиот идентитет е проткаен и во имињата на ликовите и непогрешливиот локален идиом што го отсликува општеството во кое живееме. Па, така, ги имаме „немодерните“ имиња на протагонистката од градот, Зујка, и нејзината двојничка од селото, Менка. Го имаме отсликувањето на загадениот посттранзициски, занемарен град: „Купишта ѓубре покрај зградите, пред зградите ќеси што леткаат, смрдосана реа од отпадоци и измет од кучиња што невнимателно го размачкала со сандалата“. И конечно, целото дејство се одвива во една жива политичко-општествена препознатлива ситуација, во една осиромашена земја во која сè е распродадено, во која богатниците прегазуваат деца на улица, а човечкиот живот, и тоа животот на детето, им е битен како смачкана мува врз шофершајбна на луксузен автомобил. Тензијата меѓу богатите и бедните е јасна: сиромашните и гладни се гневни, а богатите од заситеност се толку затапени што се спремни и сопствените деца да ги продадат од бес. Во екот на распадот на ова општество за чии идеали се споменува дека партизаните не се бореле (неслучајно е споменувањето на улицата „Партизанска“?), општество во кое човековиот живот ја губи својата вредност, секако згаснуваат и човековите слободи. Па, така, овој роман, ставен во еден реалистичен контекст на посттранзициското македонско општество, може да служи и како документ за своето време.

Куќичка: скромен, топол, нежен збор. Стилски, низ јазикот на таинствената нараторка (оти раскажувач со таква нежност и емпатија мора да е раскажувачка), романот исто така зрачи со топлината и нежноста на еден дом. Веројатно тоа е така поради употребата на галовното намалување на именките, деминутивот, сигнализиран уште во насловот. Како илустрација, забележете ја мекоста и нежноста на следниот пасус, опис на една од новите куќички на Зујка, цртежи преку кои го следиме нејзиното растење и трансформирање (и да – Зујка, Менка, госпоѓата Мања-Мањичка – и самите по себе деминутивни): „Колку е безбедна оваа нејзина нова куќичка! Прозорчиња, цветни завесички фатени отстрана со панделче, настрешниче како срце навалено врз вратата. Патечка до куќичката од сребрени плочки како крлушки од немирен крап. Куќичката навистина и натаму не стои врз цврст темел – Зујка него постојано го изумува – но таа под себе има и нозе, и тркалца, а има отстрана и крилца, но малечки, слични на перки од неизрасната белвичка“.

Од друга страна, истите овие деминутиви, овие намалувања, понекогаш се искористени за да се ублажи грубоста на сликата со која се опишува ликот, што го прави описот уште поефективен. Па, така, читателот уште на првата страница се соочува со суровата слика за Зујка: „Има издадена долна вилица и свиснат подбрадок од најрана возраст – си мисли, како да биде привлечна? Кадравата коса што како венче ù паѓа на челото, тие густи кадрици како сармичките на баба ù Вета, свиткани, стегнати и полни, повеќе личат на гомненца, па тие само ја нервираат и таа, во лутина, со остар нож ги коси како снопје. А и тоа што речиси нема родители“. Конечно, уште една препознатливост на стилот на Николова е честата употреба на реторските прашања. И оваа стилска одлика му оди во прилог на дејството од една страна, а од друга му оди во прилог на карактерот на хероината Зујка. Па така, постојаната прашалност ја навестува мистеријата и напнатоста што го обележуваат дејството на овој роман, а што се однесува до Зујка, тие ја отсликуваат несигурната природа на нејзиниот карактер што во текот на романот доживува преобразба.

Стилски и структурно романот го обележува уште една битна карактеристика, а тоа е појавата на безимената и мистериозна нараторка. Емпатијата, солидарноста и нежноста се принципите што го водат овој роман, па така, како што веќе споменав, не можам, а да не помислам дека не се работи за наратор, туку за нараторка – и да, на крајот на романот дознаваме дека тоа е навистина така. Оти тензијата на дејството се отсликува и низ тензијата на тоа да откриеме кој, всушност, ни ја раскажува приказната за Зујка, која е верната придружничка на Зујка, која е таа што нема да ја остави, нема да ја искористи и да ја остави на цедило, која е таа што ги знае нејзините најдлабоки тајни. Постмодерниот принцип на авторовото присуство во текстот го гледаме и овде: среќаваме и автореференцијалност (Зоки Поки и Лидија), но и нестабилната дилема кој кого испишува и кој кому влијае – Зујка врз нараторката или, пак, нараторката врз Зујка?

Покрај тоа што емпатијата, солидарноста и пријателството се водечките принципи на овој роман, неговиот главен симбол е куќичката, домот. Па, така, недвосмислена е женската природа на овој роман: домот традиционално се врзува со жената, па и овде тоа не е исклучок. Понатаму, романот е убедливо женски и поради тоа што во него ја следиме трансформацијата на хероината Зујка, жената во потрага по своја куќичка. Оливера Николова е искусна и учена раскажувачка, па така очигледно е дека се раководи по добро позната и испробана наратолошка структура што речиси гарантира успех: трансформација на главниот лик, патешествие – метафорично или буквално – во кое главниот лик трага по нешто, си ја враќа силата, се пронајдува, победува извесна пречка или, пак, доживува откровение. Но, оригиналноста во нејзиното писмо, меѓу другото, лежи во тоа што таа ја одбира токму Зујка – несовршена жена – за своја хероина, со зујливото име („оса врз лајно, надрочено прчејќи го задникот“), рашетана со топуците, несвесна за себе, „недоразвиена, заостаната“, со „длабока причина да му врти грб на животот“... Зујка е определена и сместена во историски и општествен контекст, но таа е најмногу определена од својот род. Тајната на Зујка поради којашто таа чувствува длабока вина и порив за себеказнување, произлегува токму од нејзината женскост.

Мајчинството, или отсуството од него, е траума што служи како принцип што ја дефинира хероината Зујка и нејзиното патешествие до себеспознавање, до добивање сила за да си прости и да може да раководи со сопствениот живот. Ова себеспознавање и патешествие неслучајно се одвива преку солидарно пријателствување и, конечно, идентификација со нејзината двојничка од селото, Менка, која, пак, има девет пати поголема трагедија од нејзината. Дружно, овие две жени се вдаваат во метафоричен спас на човештвото преку спасот на бебето кое треба да се роди во присуството на двајцата родители (не само мајката). Пред да се појави Менка, Зујка како да го изгубила идентитетот, како да ги изгубила силата и волјата, но одеднаш таа се буди и се впушта во мисија што е дури криминална, но етички исправна. Со ваквото будење и спасување на живот на дете кое не мора да е нејзино, преку сестринската пожртвуваност која работи заеднички за продолжување на животот, Зујка всушност си ја повратува својата сила и така си ги повратува и партнерот и домот и нејзината можност да почувствува задоволство, со што конечно, станува архитект на својот живот.

Се чудам како досега никому не му текнало да направи филм од овој роман. Парадоксално, иако се вика Куќичка, тој постојано се движи. Тој е напнат од чувството на мистерија, тој е во постојана трансформација, тој е и интимно и политички возбудлив. Иако во него среќаваме прељуба, убиство, бегство и измама, тој е цврсто втемелен во принципите на вербата во човештвото и во солидарноста. И на крајот, ова е роман што е длабоко вљубен во зборовите со кои е напишан и во културата од која произлегува, па така самиот по себе претставува дом за нашиот јазик.

„Куќичка“ со поговор од Румена Бужаровска  е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата „Куќичка“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14896

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.81 MB