Читална

Поговор кон Лева комора од Оливера Николова

11.05.2022.
Поговор кон Лева комора од Оливера Николова

НАДВОРЕШНИОТ СВЕТ Е ПОТТИК, ЖИВОТОТ Е ДЛАБОКО ВНАТРЕ

Владимир Јанковски

„Лева комора“ од Оливера Николова е составена од 21 расказ во кои авторката посветено, опсесивно, ама ненаметливо, се занимава со истражување на внатрешните светови на своите ликови, минуциозно истражувајќи ја идејата за интензитетот и разновидноста на внатрешниот живот, оној навидум невидливиот, кој може да биде поинтензивен и поразновиден од надворешниот, оној навидум видливиот.

Гледајќи нанадвор го гледаш она што е внатре

Расказите од „Лева комора“ се токму тоа – раскази за внатрешните дијалози, за движењето низ пејзажите на сопствената внатрешност, обременети со глетки, насетувања, сеќавања, внатрешни пејзажи побогати од оние надворешните. Во овие раскази надворешните случување често се само поттик, навестувачка појава, поттекст за она другото, вистинското, животот под површината. Во Лева комора животот на ликовите како да се дели на надворешни случувања и феномени, кои, ете, се дел од нас, имаат влијание во моделирањето на животот, и она внатрешното, кое суштински се живее и ја овоплотува бурата на егзистенцијата.

Како Оливера Николова ги избирала ликовите кои ќе бидат централни во книгата? Според принципот на тивкост.

Тивки ликови

Од две сестри кои би можеле да бидат главен лик во некој расказ, Николова за главна ќе ја избере потивката, помирната, посрамежливата сестра... Овој избор на ликот истовремено значи и избор на гледна точка преку која ќе се гледа светот. Одлука дека светот виден преку погледот на набљудувачот е поинтересен од оној на егзибиционистот, позицијата според која седиштето во гледалиштето е поинспиративно отколку штиците на сцената. Овие раскази говорат за умешноста на погледот кога тој е мек и непретенциозен, гласот кој е прониклив кога е тивок, а не гласен, писклив, раскрескан. Такво е и времето во расказите од „Лева комора“. Бавно. Тече како густа материја. Полно со текстура, со содржина. Таквото време се насобира, се згуснува за да запре во мигот кога ликот ќе ја доживее својата мала епифанија.

Книга на атмосфера

Затоа „Лева комора“ е и книга на атмосферата. Во неа описот на надворешните случувања најчесто е во дијалог со внатрешните драми на ликот. Понекогаш во функција на доловување на стварноста, а многу почесто во функција на доловување на внатрешните нерамнини на ликот. Не опис како малку здодевен, а сепак нужен додаток што треба да го произведе ефектот на реалистичност, туку опис кој креативно, на моменти и музички, се наштимува со внатрешната динамика на ликот. Секако, во процесот на тоа штимање создавајќи и шумови, крцкања, напукнувања.

Зашто стварноста е стакло што го распрснува еден непредвидлив момент.

А мигот е кулминацијата

Раскажувачките модели на културата наменета за консумирање, а не за преосмислување на реалноста, нè форматираа да размислуваме дека голем дел од категориите карактеристични за раскажувачките уметностите, како почеток, недоразбирање, конфликт, криза, драма, заплет, кулминација, расплет, катарза, нов почеток... се одвиваат според некаков логичен распоред. Распоред лесен и привлечен за следење зашто го вози консументот по патеката од зголемување на напнатоста до разрешувачкиот крај. Секако, погледано од гледна точка на животот, ваквиот распоред на многубројните животни појави и случувања е многу редок. Тој несомнено е драматуршки потентен, го задржува вниманието и танталовски се однесува кон она што го бараме од раскажувачката уметност, но многу често е лажен.

Наспроти оваа логика стои логиката на расказите од „Лева комора“. Во нив најчесто нема многу случувања, нема организација според механизмот на заплет и расплет. Зошто?

Затоа што за Оливера Николова многу често ситуацијата е сè. Попрецизно, ситуацијата е доволна. Најпрецизно, мигот и ситуацијата се кулминација. Во мигот се вкрстуваат различни настани и случувања, а тоа вкрстување ја следи асоцијативната логика на некој мирис, вкус, заталкана сетилна слика... Чезаре Павезе вели дека „ние никогаш не ги помниме деновите, туку само миговите“. Кулминацијата на расказот е во создадената ситуација. А нејзин дериват е мигот. Тоа е поетиката на овие раскази, водени од поетиката според која стварноста е распарчување на животот на мали ситуации и мали мигови. Расказите во „Лева комора“ најчесто се најдобри кога претставуваат вивисекција на мигот. Малото скршнување кога нешто што е или нешто што се мислело дека е се претвора во нешто друго, во нешто незамисливо друго.

Лицето и опачината на ситуацијата

Оливера Николова многу добро знае дека секоја ситуација има лице и опачина. И ова е книга за опачината на појавите и нештата. За личните погледи, перцепции, доживувања и светови кои остануваат во заклучената соба на интимата. За тивката потреба да не се каже. Во голем број од расказите ликовите го гледаат светот во присуство на некој покрај нив, при што тој другиот може да биде и најблизок член на семејството, но тоа не значи дека доживеаната смисла ќе биде споделена. И така метафизиката на одредена ситуација секогаш удира со едно лице, а тивко одѕвонува со мноштво опачини. Па, се создаваат расчекори со „стварноста“.

Малите расчекори на „стварноста“

Се чини дека женските ликови во „Лева комора“ секогаш се во некој мал расчекор со она што ги опкружува, па и во мал расчекор со животот. Постои амбис што зјае меѓу она што се случува и внатрешниот поглед на слученото. Посакуваниот поглед. Таа дистанца, разлика, мал јаз, бабри под површината и се простира низ автопатите на внатрешната... (желба, потреба, смисла)? Можеби е гнев, можеби пркос? Ги прави пркосни во однос на животот. Пркос кој е доволен, иако се сведува на внатрешен, немушт, безгласен вресок. Николова верува дека животот се случува токму таму – во малиот крик. Кога некој ќе посака својата блиска сосетка да ја скрши онака како што би скршила ваза од нејзината дневна соба, додека се присетува дека кршењето на вазата е строго забрането.

Така, „Лева комора“ станува и книга за деконструкцијата на надворешната реалност составена од согласувања и хармонии, книга за деструкцијата на лагите од кои многу често е изградено нашето секојдневие. Книга за женскиот крик. Често тивок и безгласен, а сепак крик.

Упатеност во деталите

Оливера Николова ги сака деталите. Затоа умее да создава литература речиси од ништо. Од најмала животна ситница да создаде нуклеус од кој ситуацијата ќе се плете и расплетува. Деталите во овие раскази се шират, концентричните кругови на нивната смисла се разгрануваат, опфаќајќи многу површини и длабочини. Плетката на деталите е густа и таинствена, нивното расплетување уште повеќе ги згуснува. Субјектот е заплеткан во поттекстите, во вриежот на кажаното и молкот, најчесто тајната не може да биде ништо друго освен тајна.

Ти и јас

Форматот на расказите, обраќањето на „ти“, ја зголемува интимноста на текстот, нејзиниот личностен ефект. Тоа „ти“ во расказите е повеќе лично и од почесто употребуваното „јас“. Има голема авторска мудрост во изборот на „ти“ формата наспроти „јас“ формата. Доколку дел од овие текстови се раскажани во „јас“ форма, можеби ќе звучат премногу емотивно подигнати, па дури и сентиментални. Инвенцијата на Николова, иако зборува за лични, често премолчени и потиснати емоции, да го употреби форматот „ти“ создава некаква убава дистанца меѓу нараторот и ликот, која прераскажаните и фокализираните настани, дејства, случки, емоции ги обвива со надличен превез. Тој превез дистанцира од патетичноста, а ги нијансира емотивните лагуми, нешто што е клучно за литературата.

За несподеленото

Целата „Лева комора“, повеќе или помалку, е за несподеленото, премолченото. За она што овие женски ликови го преобразуваат во тишина. Без разлика дали тоа се сопрузите со кои спијат во иста постела, пријателките со кои редовно се среќаваат, блиските членови на семејството,.. женските ликови во овие раскази голем дел од своите доживување, сеќавања, мисли, интимности решаваат да не ги споделат. Решаваат да ги остават во подрумите на своето јас, во складиштата на моменталните мисли, сеќавања, долготрајни опсесии. Така литературата станува: тиња на сеќавањето; понирање; вкрстено толкување на навалицата од знаци; удар по моќта што загрозува; неуморно сеќавање, кршење на врамените слики за појавите, распарчување на кукличките на стереотипот, гледање сè. И, секако, прочистување.

Па, онака како што функцијата на левата комора е да ја прочистува крвта, така и расказите од Лева комора ги прочистуваат сеќавањата, животните расчекори, тивките стравови, прикриените непријатности за да го процедат... животот.

„Лева комора“ со поговор од Владимир Јанковски, е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата „Лева комора; Кадифената покривка“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14891

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.15 MB