Читална

Поговор кон романот Тромбот на Оливера Николова

11.04.2022.
Поговор кон романот Тромбот на Оливера Николова

ИГРА НАД ИГРИТЕ

Владимир Мартиновски

1.

Читајќи го исклучително слоевитиот и возбудлив роман Тромбот од Оливера Николова (првообјавен во 1997 година), многупати ни се наметнува древната идеја дека човекот е пред сè „суштество што (се) игра“. Но, за какви сè игри станува збор во овој роман? На прва топка, некој ќе рече – па лесно е, за фудбал! Така, секако, нема да се утне правецот, бидејќи фудбалот е играта околу која се плетат клучните интриги во приказните од кои е сочинет романот, но одговорот, се чини, би бил недоволен и несеопфатен.

Во неодминливата студија за лудизмот Игрите и луѓето (1958/1967), Роже Кајоа нуди обид за класификација на човековите игри, сместувајќи ги во четири основни категории, што ги именува „агон“ (натпревар), „алеа“ (коцка), „мимикрија“ (преправање/подражавање) и „илинкс“ (вртоглавица). Без голем ризик, би можело веднаш да се каже дека Тромбот од Оливера Николова е исклучителен роман во кој на најразлични начини се преплетуваат сите облици и одлики на игрите. Имено, овој значаен роман, со кој може да се гордее современата македонска книжевност, изобилува и со видливи и со помалку видливи натпревари, мегдани, дуели, но и со безброј заткулисни и суптилни мимикриски преправања и глумења, надмудрувања и минуциозно играни улоги, преку кои вртоглаво се преплетуваат судбините на сите ликови од романот.

2.

Примордијалниот човеков порив да се натпреварува со другите (и со себеси) е несомнено вткаен и во фудбалот, популарен спорт што одамна е наречен „најважната споредна работа во светот“ (а некои дури и го прогласија за еден вид „религија“). Во ерата на професионализација на спортот, а и на негова сè поголема комерцијализација, фудбалот како натпреварувачки спорт стана главен предмет на глобалните обложувања, така што веќе одамна во оваа игра е тешко да се одделат натпреварот, игрите на среќа, но и игрите на преправање: дури и најфанатичните навивачи признаваат дека нивните тимови знаат да наместат или да „попуштат“ по некој натпревар. Еден од ликовите на романот на Николова вели дека „јавноста е жедна за скандали“, а во оваа игра спектаклите веќе одамна не се одигруваат само на фудбалските арени. Во современото „општество на спектакли“, Ги Дебор смета дека спортистите се претворени во еден вид „агенти на спектаклот“. Романескното дело на Оливера Николова, како што се наведува уште на почетните страници, е инспирирано токму од кариерите на неколку планетарни икони на оваа игра: „Платини, Марадона, Пеле, Бекам, Пандев...“, а во океанот на многубројните „пикантерии“ поврзани со фудбалот авторката навлегла и благодарение на разговорите со култниот спортски коментатор Ивко Панговски и со фудбалерот Васко Кокиновски Макара, како врвни експерти не само за македонскиот и југословенскиот туку и за европскиот фудбал.

3.

Од оваа визура, битно е да се напомене дека во романот Тромбот на Оливера Николова речиси сите значајни настани и одлуки на ликовите (ин)директно се поврзани со фудбалот, покажувајќи колку во денешниот свет е речиси невозможно да се избега од неговата сеприсутност: „сите околу неа зборуваа за спортот – или навиваа, или се караа за туѓите победи, или губеа нозе, раце, животи...“. Следејќи ги судбините на сите ликови од романот на Оливера Николова, навлегувајќи во лавиринтот на игри и сплетки што се преплетуваат со фудбалот, честопати ни се наметнува дефиницијата на Ги Дебор: „Спектаклот не е само збир на слики; тоа е општествениот однос меѓу луѓето посредуван од сликите“.

Имено, додека се читаат романите на Николова, редовно се чувствува темелна упатеност во темата на делото што ги прави актуелни и децении по првата објава: таков е несомнено и случајот со овој роман, во кој преку огромната галерија сугестивни ликови романсиерката навлегла не само во длабочините на психологијата на човекот (и во длабочините на човековото тело) туку и во сложените игри што се плетат околу фудбалската игра. Во тие загадочни „игри без граници“, секако, во овој роман не учествуваат само играчите, фудбалерите, ами и многу други неодминливи „чинители“ од спектаклот наречен фудбал: тренери (Нико Илиевски), функционери (Раде Ивановиќ), менаџери (чичко Гане), претседатели на клубови (Настески и Пауновски), спортски лекари, роднини, сопружници, љубовници и блиски на спортистите, новинари...

Поради присуството на насилството во и околу спортот, но и поради многубројните ризици по здравјето на спортистите, денес неретко може да се чуе синтагмата „нови гладијатори“. „Фудбалот е чудесна работа“, вели еден од споредните ликови, „но уште почудесно е што момците како мене, кои сакаат да станат професионални фудбалери, влегуваат во играта подготвени да добијат покрај слава и удари, нели?“. Оваа навидум патем кажана реплика открива многу за интригата на овој возбудлив роман, во кој ударите (оние со фатални последици) не се задаваат само на фудбалскиот терен.

Како и во секој фудбалски натпревар, кој се игра определено време (деведесет минути, со евентуално получасовно продолжение), раскажувачката стратегија на Тромбот игра на картата на одбројувањето; романот почнува со сознанието дека остануваат само уште сто осумдесет и шест минути, а набргу се насетува дека станува збор за преостанатото (малку повеќе од тричасовно) време од животот на главниот лик, младиот, дваесетгодишен центарфор Ордан Герасимовски, фудбалската ѕвезда на скопскиот клуб „Слобода“. Но, со првата реченица од романот („Во шест часот и дваесет минути изутрината на 18 април, Тромбот се најде во луксузниот хол на дубровничкиот хотелЕксцелзиор“) читателот веднаш е ставен пред клучното очудување во оваа приказна – доживувањето на Тромбот како (главен) книжевен лик. Во романот посредно се сугерира дека времето на секој човек е ограничено и омеѓено, но и дека секој живот е еден вид одбројување: „Такви часовници отчукуваа насекаде околу луѓето, а и во нив самите: отчукуваа присилувајќи се еден со друг да не застанат; бодрејќи се дури“.

Во случајот на фудбалерот Ордан Герасимовски, одбројувањето подразбира дека како што се намалува времето, обратнопропорционално расте тромбот во неговата лева повредена потколеница, но не повредена на тренинг или на натпревар, ами во една мистериозна тепачка, за која сите ликови имаат свои (најчесто погрешни) претпоставки. Неслучајно романот е именуван Тромбот, бидејќи во текот на целата нарација читателот, шетајќи низ вените и артериите на фудбалерот, го доживува Тромбот како книжевен лик, со чувства и мисли, со желби и мечти својствени за човекот. „Така еден неантропоморфен лик почнува да владее со приказната“, забележува Весна Мојсова-Чепишевска, додавајќи: „Сè зависи од него и од неговата страст за движење низ крвните садови и од неговата ненаситна потреба за растење и згрутчување и запушување на тие крвни садови“.

Всушност, персонификацијата на Тромбот го доближува овој роман на Оливера Николова кон анимизмот како една од варијантите на магичниот реализам. Најновите научни сознанија велат дека во човековиот организам во една секунда паралелно се одвиваат повеќе милијарди биохемиски процеси, а неслучајно во благодарницата авторката го споменува и името на трансфузиологот д-р Иван Дејанов. Приказната за тромбот што расте во крвните садови на протагонистот ефектно ја загатнува темата за човековата фрагилност и минливост: главната ѕвезда во романот, за кого се бие битка околу можните трансфери и кој сонува за голема спортска кариера, сепак е немоќен пред (навидум малиот) Тромб. Покрај овој парадокс, во романот извонредно ефектно е покажана и човековата маленкост во однос на космичките законитости, во однос на земјината, сончевата или галактичката ротација. Отуѓени од себеси, од природата и од вселената, ликовите од овој роман тонат во живиот песок на суетата, ниските удари и валканите игри.

4.

Роже Кајоа вели дека во натпреварувачките игри („агон“) се неопходни правила, чие почитување би подразбирало еднакви шанси и можности за успех на противниците. Но, уште во првиот двобој во Илијада се гледа свеста на уметниците на зборот дека правилата (неретко) се кршат и дека во натпреварите (дури и кога се работи за двобој на живот или смрт) врз играта и нејзиниот исход можат да влијаат и надворешни фактори, како што неретко се судиите во спортот. Во оваа смисла, Тромбот би можел да се чита и како роман за неспортското во и околу спортот. Главната интрига се врти токму околу непослушноста на фудбалерот во врска со еден наместен, договорен натпревар, кој директно влијае врз судбината на целиот тим. Иако од страна на еден од главните мешетари, секретарот на клубот Гане, главниот лик се доживува како „дваесетгодишник со срце на елен, а ум на дете“, во сложените игри на манипулација, тој едновремено станува и жртва и џелат.

Во романот се загатнуваат и вешто се преплетуваат голем број актуелни теми од фудбалот (и од спортот воопшто) што укажуваат на низа коруптивни аномалии, кои ја поткопуваат етичката основа на спортот: од потплатувањето (на своите и на туѓите играчи), преку „купувањето“ судии, „договарањето резултати“, па сè до темата за продавањето и за фамозните трансфери на играчите, редовно проследени со афери и скандали.

Токму во тие матни води, полни со далавери и махинации, сплетки и местенки, блефирања и калкулирања, во романот Тромбот вешто е вплетен и слојот на мимикриските надитрувања меѓу ликовите. Во рашомонијадата што добива олимписки размери, ликовите тонат во бесконечниот простор на расчекорите меѓу очекуваното и оствареното, во кои главни жртви се меѓучовечките односи, обременети со ситни но битни недоразбирања. Романот изобилува со мимикриски игри, преправања и подражавања: уште на почетокот фудбалерот Ордан и тренерот Нико во луксузниот хотел „Ексцелзиор“ се претставуваат како браќа Стојковиќ, а покрај темата на лажно претставување во овој роман особено се истакнува топосот на манипулирање и фингирање од страна на ликовите, така што за мимикријата на тренерот Нико, Ордан си вели: „Чичко Гане имаше право, о колку имаше право! Нико употребуваше илјада лица, илјада!“.

Напоредно со прошетките во повреденото тело на младиот фудбалер Ордан, низ чиишто крвни садови читателот следи како постепено се подготвува фаталниот крај, романот ни го доловува и големото општествено ткиво, зафатено со неизлечливи болештини и аномалии: „Сите знаеја дека организмот на државата е навистина сериозно болен, скоро непоправливо болен“. Од оваа визура, би се согласиле со констатацијата на Оливера Ќорвезироска дека овој роман на Николова би можеле да го читаме и како „симбол на една можна закана за сите нас“. Особено е интересно како заразната недоверба, како притаена болест која ги чека своите пет минути, во романот Тромбот ескалира во насилство (претепувањето на Орде пред барот на Јоцо и убиството на Нико во дубровничкиот хотел).

Мимикриските стратегии пред сè на фудбалските функционери, но и на (со)играчите, до најсуптилни финеси ја доловуваат атмосферата на недоверба и постојан сомнеж што доминира во односите меѓу ликовите. Во замрсените игри на демонстрација на (над)моќ, во романот секој во секого гледа притаена закана, секој очекува (а неретко и добива) нож в грб од најблиските. Лоцирајќи го дејството во поранешната СФРЈ, Николова со романот Тромбот истовремено создала слоевита и исклучително пластична слика за уривањето и деградирањето на системот на вредности кој се дијагностицира токму преку врските меѓу спортот и човековата природа.

Како индикативна паралела со романот на Оливера Николова би сакале да посочиме дека една година по неговото објавување, Елфриде Јелинек, во врска со својата драма Ein Sportstück (1998) воспоставува семантички врски меѓу спортот и насилството: „Метафората на спортот ја поврзувам со војната. Немирите во поранешна Југославија, впрочем, почнаа со фудбалски меч што беше обременет на националистички начин и заврши со насилство“.

5.

Последниве неколку децении се снимија дузина документарни, играни и сериски филмови поврзани со фудбалот. Со најновиот, автобиографски интониран филм на Сорентино (Раката на Господ), одново се уверивме дека фудбалските ѕвезди и култните мечови можат да остават траен жиг во нашите животи. Читајќи го Тромбот од Оливера Николова, честопати го имаме чувството што неретко се наметнува во естетскиот дијалог со нејзините дела – дека уметноста на раскажувањето е веројатно игра во која се обединуваат сите игри. Токму раскажувачкото мајсторство на Оливера Николова неретко нè поттикнува да помислиме дека и уметноста е една голема игра над игрите, која ни ја предочува сета сложеност, слоевитост и драгоценост на животот.

Романот „Тромбот“, со поговор од Владимир Мартиновски, е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку  www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14894

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.15 MB