Доајенот на македонското спортско новинарство и автор на биографијата на Дарко Панчев и на „Спортски стории“, Зоран Михајлов, е роден на денешен ден (17 јануари) во 1945 година, во Битола.
Основно и средно училиште завршува во Скопје, каде што се стекнува и со диплома од Филолошкиот факултет, во една од класите на истакнатите научни работници и професори Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Божо Видоески и Димитар Митрев. Во гимназиските и во студентските денови објавува текстови во весниците „Студентски збор“ и „Млад борец“. Во 1965 година ја почнува својата професионална новинарска кариера во спортската редакција на дневниот весник „Нова Македонија“. Својот професионален живот го продолжува во Телевизија Скопје како спортски коментатор. Во 1981 година е ангажиран како генерален секретар во фудбалскиот клуб „Вардар“, а во 1986 станал спортски директор на КК МЗТ Скопје.
Во 1987 година Зоран Михајлов се враќа во МТВ како спортски коментатор, а подоцна и уредник на спортската редакција. Во коментаторската кариера Михајлов е рекордер во коментирање и известување од најголемиот спортски настан во светот – Олимписките игри. Неуморниот спортски новинар и хроничар во својата 60-годишна кариера присуствувал на 15 олимпијади (9 летни и 6 зимски), и притоа ги афирмира настапите на македонските спортисти и ја информира македонската јавност за тамошните случувања.
Освен неговите многубројни ангажмани како спортски работник, Зоран Михајлов е и активен атлетичар на АК Работнички во периодот од 1960 до 1966 година, а две сезони настапува за младинската репрезентација на Југославија. Од 2009 г. соработува со Наша ТВ каде што ја реализира емисијата „Македонски спортски легенди“.
Во неговата книга: „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ (објавена 2019 г.), издание на „Арс Ламина“ ги документира ѕвездените моменти на нашите спортисти.
Минатата година излезе од печат првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев, исто така во издание на „Арс Ламина“.
Во долгоочекуваната книга, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, за постигнувањата и за неговата личност, почнувајќи од неговото детство, преку ангажманите во ФК „Вардар“ и ФК „Црвена звезда“, па сѐ до европската фудбалска авантура. Во книгата се зборува и за животот на Панчев надвор од зелениот терен...
Книгите „Спортски стории“ и „Дарко Панчев: Авторизирана биографија“ се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
На нашиот почитуван Зоран Михајлов му посакуваме среќен 80-ти роденден и уште многу години исполнети со успех и здравје!
Благодарни сме за сите години на инспирација и посветеност во документирањето на историските спортски моменти! Вашата страст за новинарството и спортот нека продолжи да биде пример за сите нас!