Литература

Извадок од „Ветената земја“ од Барак Обама: „Светот е комплициран, Бар, затоа е интересен“

04.08.2024.
Извадок од „Ветената земја“ од Барак Обама: „Светот е комплициран, Бар, затоа е интересен“
Извадок од „Ветената земја“ од Барак Обама: „Светот е комплициран, Бар, затоа е интересен“

Со извадок од автобиографската книга „Ветената земја“ го одбележуваме роденденот на поранешниот претседател на САД, Барак Обама, кој е роден на денешен ден (4 август) во 1961 во Хонолулу, Хаваи. Тој е 44-тиот претседател на Соединетите Американски Држави – прв со афроамериканско потекло и првиот Афроамериканец воопшто номиниран од големата политичка елита за улогата на претседател. Претходно беше сенатор на Илиноис. На чело со САД беше два мандати, од 2009 до 2017 година. Во 2009 година ја доби Нобеловата награда за мир.

Книгата „Ветената земја“ на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во возбудливиот прв дел од неговите претседателски мемоари, Обама ја раскажува приказната за неговата неверојатна одисеја од млад човек во потрага по својот идентитет до лидер на слободниот свет. Во книгата открива интимни детали од неговото политичко образование и најзначајните моменти од неговиот историски прв претседателски мандат – период на драматична трансформација и превирања.

Во него, Обама ги поведува читателите на интересно патување од неговите рани политички аспирации од клучната победа во Ајова, што ја демострираше моќта на изворниот активизам, до врнежливата ноќ на 4 ноември 2008 година, кога беше избран за 44. претседател на Соединетите Американски Држави, станувајќи првиот Афроамериканец на највисоката национална позиција.

Во контекст на неговото претседателствување, Обама нуди уникатна и изострена анализа на извонредниот опсег, но и границите на претседателската моќ, како и согледувања во врска со политиката на длабоката партиска поделеност во САД и меѓународната дипломатија. Обама ги носи читателите внатре во Овалната канцеларија и во Ситуациската соба во Белата куќа, во Москва, Каиро, Пекинг… Ги споделува со нив своите мисли додека го формира својот кабинет, кога се бори со светската финансиска криза, кога го проценува Владимир Путин, додека ги надминува навидум несовладливите пречки до сигурно донесување на Законот за достапна грижа, кога се судира со генералите во врска со стратегијата во Авганистан, кога се справува со реформата на Волстрит и ја одобрува операцијата „Копјето на Нептун“, што води до убиство на Осама бин Ладен.

„Ветената земја“ е извонредно интимна и интроспекциска приказна за обложувањето на еден човек со историјата, верата на еден организатор на заедницата тестирана на светската сцена. Обама е искрен во врска со чинот на балансирање во трката да се биде првиот претседател-Афроамериканец носен на бранот очекувања предизвикани од пораката за „надеж и промена“, соочувајќи се со моралните предизвици при донесувањето одлуки со високи влогови. Тој искрено пишува за силите што отворено му се спротивставуваат, и дома и во странство, за животот во Белата куќа, начинот на кој тоа ги афектирало неговите сопруга и ќерки и без страв ги открива моментите на сомневање во себе и разочарувањата. Сепак, не отстапува од верувањето дека прогресот на големиот постојан американски експеримент секогаш е можен.

 

Обама открива повеќе од она што досега се знаеше за околностите во драматичниот период во Белата куќа, кога група милијардери се здружиле со цел да го уништат. Со голема почит пишува за Хилари Клинтон. За сегашниот американски претседател Џо Бајден вели дека е пристоен, чесен и посветен човек. За некои светски лидери вели дека биле искрени, други ги споредува со типовите од шпионските трилери.

Одвојува и простор за Доналд Трамп и за ксенофобичноста и паранојата на републиканците. „Трамп ветуваше еликсир за нивната расна анксиозност“, вели тој за влијанието на Доналд врз одредени групи Американци.

Дел од книгата е посветен на неговата сопруга - Мишел Обама, која направила најголема жртва за време на неговиот политички ангажман. Три необични жени, неговата баба, мајка му и Мишел со многу нешта го одредиле неговиот живот.

Книгата беше број еден бестселер и меѓу десетте најдобри книги за 2020 година според „Њујорк тајмс“. Именувана е за една од најдобрите книги на таа година според „Вашингтон пост“, „Гардијан“, Ен-пи-ар и „Мери Клер“.

Во продолжение е извадок од книгата во која открива детали за неговото детство и за неговото семејство.

 

 

 

***

НЕ ПОТЕКНУВАМ од политичко семејство. Моите баба и дедо од мајчина страна беа жители на Средниот Запад, од шкотска и ирска лоза во најголем дел. Веројатно другите ги сметале за либерални, особено според стандардите на гратчињата од Канзас во ерата на Големата депресија, а во кои инаку се родиле, и многу се трудеа постојано да бидат информирани за најновите настани. „Тоа е само едно нешто што го правиш како добро информиран граѓанин“, ќе ми речеше баба ми, која сите ја викавме Тут (инаку, скратено од „туту“, на хавајски „баба“), и ќе ми дофрлеше поглед преку нејзиниот утрински Хонолулу адвертајзер. Но, таа и дедо ми немаа некои цврсти идеолошки или специфични приврзанички наклоности што би биле вредни за посебно споменување, настрана од она што го сметаа за здрав разум. Мислеа на работата што ја работеа – баба ми беше заменик-директор на депозитен фонд во една локална банка, а дедо ми продаваше животно осигурување – мислеа на тоа како ќе ги платат сите сметки, и мислеа на оние ситни разоноди што животот имаше да им ги понуди. А, и онака, живееја во Оаху, каде што ништо не изгледаше до  толку итно. По години минати во места толку различни меѓу себе, како Оклахома, Тексас и сојузната држава Вашингтон, конечно се  преселиле на Хаваи во 1960 година, една година откако Хаваите се  стекнаа со статус на американска сојузна држава. Сега, од демонстрации, од протести и од други слични нешта ги одвојуваше големиот океан. Единствениот политички разговор што можам да се сетам дека го воделе моите баба и дедо додека растев, беше расправа во врска со еден бар на самата плажа. Имено, градоначалникот на Хонолулу го урнал омиленото место на дедо за пијачка, а со цел да го реновира крајбрежјето на далечниот крај од Ваикики.

Дедо никогаш не му прости за тоа. Мајка ми, Ен Данам, беше поинаква, полна со категорички мислења. Како единствено дете на баба и на дедо, уште во средно училиште се побунила против правилата – читала поети-битници и француски егзистенцијалисти, со еден другар со денови се возеле  накај Сан Франциско во украден автомобил, без да кажат некому.

Како дете, често од неа слушав за маршовите за граѓански права, за тоа зошто војната во Виетнам е погрешно водена жива катастрофа; за женското движење (со залагања за еднакви плати, но не до толку поборник за небричење на нозете), за Војната против сиромаштијата. Кога се преселивме во Индонезија, за да живееме со мојот очув, со големо внимание ми ги објасни гревовите на корумпираната власт („Просто крадење е тоа, Бари“), иако, како што изгледаше, сите го правеа тоа. Подоцна, во она лето кога навршив дванаесет години, кога заминавме на едномесечен семеен одмор и крстосувавме низ Соединетите Држави, мајка ми инсистираше секоја вечер да го гледам на телевизија преносот од сослушувањата за „Вотергејт“, а притоа ме „честеше“ со сопствени актуелни коментари („Па, што можеш да очекуваш од приврзаник на Мекарти?“)

Исто така, не се концентрираше само врз насловите на вестите. Еднаш дозна дека сум учествувал во група деца што задеваше едно дете на училиште, па ме седна пред себе, со усните собрани во разочарување.

„Знаеш, Бари“, рече (со тој прекар ме нарекуваа таа и моите баба и дедо додека растев, а кој често ми го скратуваа на „Бар“, што всушност се изговараше „Беар“), „на светов има луѓе кои мислат само на себе. Не им е гајле што им се случува на другите, сè додека го добиваат она што го сакаат. Ги омаловажуваат другите за самите тие да си се чувствуваат значајни“.

„Потоа, има луѓе кои го прават спротивното од тоа, луѓе кои се способни да замислат како сигурно им е на другите, кои со сите сили се трудат да не прават нешта со кои ги повредуваат другите. „Е сега“, рече, при што ме погледна право во очи. „Ти, од кои луѓе сакаш да бидеш?“

Се почувствував бедно. Ова нејзиното прашање долго време ми остана во умот, токму како што всушност и беше намерата.

За мајка ми, светот беше полн со шанси за морална поука, но никогаш не ја видов да се вклучи во некоја политичка кампања. Како и  моите баба и дедо, и таа со сомневање гледаше на платформи, учења, апсолутни заложби. Наместо тоа, претпочиташе во помали размери да си ги изразува вредностите во кои веруваше. „Светот е комплициран, Бар, затоа е интересен“ …

 

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
950 МКД
15,37 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

16.
Nov.
Рецензии
Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата ...
30.
Oct.
Рецензии
Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и све...
29.
Oct.
Рецензии
„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А по...
24.
Aug.
Литература
Со лежерноста и предвидливоста на филмските ликови од мјузиклот "Мама миа" кои доволно влијаат на изградената петорка во романот "Лето како во...
15.
Aug.
Литература
Ја нарекуваат современата Агата Кристи. Нејзините романи се напнати, интригантни, паметни и заплеткани, но напишани на читлив јазик. 
14.
Aug.
Литература
За сите деца кои сакаат предизвици и логички загатки, ги препорачуваме книгите од серијалот „Загадочни приказни“ од српскиот автор Урош Петровиќ,...
12.
Aug.
Литература
„Фау-2“ е брз трилер што ја спојува фикцијата со фактите од Втората светска војна. Заедно со добро познатата историска приказна за германската ра...
10.
Aug.
Литература
Дали сте помислиле на читањето книги како олимписка дисциплина? Колку време ви треба да прочитате една книга? Во трката со времето и секојдневните обврски, ...
09.
Aug.
Литература
Писателот Александар Русјаков е роден на 9 август 1977 година во Велес... Автор е на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм, к...
08.
Aug.
Литература
Со девет неверојатни приказни, од богатата издавачка понуда на „Арс Ламина“, го одбележуваме Меѓународниот ден на мачките. Станува збор за книги ...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 10.3 MB