Литература

„...бргу, бегај, бегаме, земјотрес“ - со извадок од романот „Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ се сеќаваме на 26.07.1963

26.07.2024.
„...бргу, бегај, бегаме, земјотрес“ - со  извадок од романот „Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ се сеќаваме на 26.07.1963
„...бргу, бегај, бегаме, земјотрес“ - со  извадок од романот „Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ се сеќаваме на 26.07.1963

 

Приказната на „Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ почнува со пристигнување на еден провинцијалец во Скопје. Тој случајно се разминува со една девојка, која го маѓепсува и со која се среќава, на сон и на јаве. Потоа следува земјотрес (катастрофалниот земјотрес од 1963 година) и смрт. Оттука па натаму многу е тешко да се зборува за „приказната“ на „Вкусот на праските“, бидејќи таа не е од централен интерес на авторот. Тука тој сака да постигне нешто друго. Што е тоа друго што половина век ги мачи книжевните критичари? Едноставниот одговор е - уметност.

Романот „Вкусот на праските“ - објавен во 1965 година, е прво романсиерско достигнување на истакнатиот поет, раскажувач, романсиер, есеист и професор по книжевност, Влада Урошевиќ. Во него е запишан бунтот на македонската книжевност против конвенциите на реалистичката книжевност.

Во продолжение прочитајте го извадокот од романот фокусиран на катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој се случи пред 61 година, две години пред објавувањето на овој роман.

 

 

21.

Кој ме буди, рече Олга, кој ме фрла од креветот. Не, не сакам. Нека се оди без мене, нека не ме будат, не толку грубо. Бргу, каде бргу, јас не сакам. Не, не таква игра, не се согласувам. Се враќам во сонот, вратете ми ја прекривката, никаде не сакам да одам, од ништо не бегам, никаде не брзам.

Прекривката одлета и Бубе стоеше над неа.

Бргу, викаше таа, бргу, бегај, бегаме, земјотрес.

Трчаа потоа по некакви скали што не можеа да се препознаат, покрај пукнатини (бегај) не, јас не се согласувам, покрај бетонските столбови (бегај) што се искривуваа не се согласувам, покрај

ѕидовите кои одеднаш стануваа криви, удрени со некој опсадувачки овен не се согласувам заглушени не се согласувам замелушени, задушени со варна прав. Не се согласувам, зборуваше (или шепотеше) Олга, а куќата зад неа исчезнуваше во правта, Бубе уште еднаш ја тргна за раката и потоа веќе не ја стегаше толку цврсто: стоеја потпрени на дрво на плочникот и го гледаа купот урнатини кој се укажуваше од правливиот облак. Првото што го помисли, гледајќи ја својата рака, беше:

Не, тоа не сум јас што се плашам; тоа трепери мојата рака.

А потоа пак:

Не се согласувам. Не се согласувам. Не се согласувам.

Зашто низ сувата, жедна прав протрча човек со крв место лице, жена носејќи дете.

Бргу, рече Олга. Трчаа низ улиците (Не се согласувам, зборуваше Олга, сакам да се вратам во сонот и да се разбудам во некое друго утро, а луѓето трчаа низ правта што стануваше сè полесна и попроѕирна, трчаа со секој миг сè појасни и пореални, трчаа испливувајќи од измаглината за да застанат одеднаш пред некоја глетка. Крвта насекаде беше покриена со танок бел превез на малтерната прав.) и одеднаш се најдоа пред куќата каде што пред вратата ги сочека газдарицата. Живи ли сте, викаше таа како да е глува, живи ли сте, прашаше безброј пати, додека Олга ја гледаше куќата.

Не ѝ е ништо, не ѝ е речиси ништо, зборуваше таа во себе. Драган е жив, зборуваше, кога газдарицата се сети: Драган отиде да ве бара, рече, јас му реков дека сигурно сте кај Бубе. Му објаснив каде живее. Не знаев дека тој толку...

Низ улицата трчаше огромен пес искинат од синџир, на велосипед по него јаваше гол човек.

Господи, зборуваше газдарицата, Господи, што станува со оваа земја.

Треба да земеш нешто од облека, рече Бубе и покажа на куќата.

Не, викна газдарицата. Не гледате ли дека уште се тресе.

И во потврда на нејзините зборови некаде одоздола, од тешкиот мрак на геолошките недоразбирања и караници, забаботи: низ црн вител вшмукуваше некој преголеми, засирени парчиња на недоварена земјина каша, ја сркаше кон некој зовриен хаос, и со неа сè е: штрбавите камења од некогашните карпи, крупниот чакал од старите речни корита, сувиот песок од кој можеше да застане залакот, подземните градби на кртовите, камените секири на обожавателите на огнот, мозаиците од вилите на римските војсководци, турската канализација, глуждавата калдрма и макадамот на патиштата, коските на кираџиските маски, железните јазли на ПТТ-уреди, старите шишиња од ѓубриштата, скршените саксии, ‘рѓосаните конзерви, неекесплодираните гранати од минатите војни, сешто; засркнувајќи се, подждригнувајќи, кркорејќи.

***

Драган дотрча до куќата (првиот кат, лево, повторуваше земајќи здив, плукајќи ја варната прав што му ја сушеше устата, провлекувајќи се помеѓу камионите полни раненици, прескокнувајќи преку искинатите телефонски жици, првиот кат), газдарицата, несомнено, зборуваше за таа куќа. Помисли нејасно: небо. Небото му се стори преголемо. Сфати: урната. Наоколу стоеја луѓе.

Кој плачеше така, кој стоеше блед и без зборови; Драган не виде.

А луѓето видоа: младич со кратки панталони и по маица се провлече помеѓу два столба и исчезна таму каде што имаше некогаш врати за во визба.

Јас доаѓам, рече Драган. Јас сум оној што ја внесува светилката во темната кула. Јас сум оној што пронаоѓа.

Газеше по тулите што ги беа затрупале скалилата. Ѕидот беше урнат. Драган клекна и се провлече. Доаѓам, рече. Некакво сечило (дрво или железо?) му го загреба рамото. Го почувствува, заедно

со болката, лазачкиот, топол од на густата течност. Крв, помисли тој. Како и спермата, како и лигавата обвивка околу телата на водните животни, како и млекото, полна со некакви искрести, фосфоресцентни соѕвездија што прпелкаат и се преметкуваат, појавувајќи се од маглините. Се потпре на ѕидот. Јас ја лижам, рече. Тоа не сум јас; тоа се предци. Солена е како пот, како море.

Јас дознавам. Појде, подавајќи ги рацете напред. Темно: каде води преминот? Тој почна да лази помешечки. Кон топлото јадро на земјата што се менува и се обликува низ некакви нишања на бавните приливи, низ агоничните изблици на новите извори, низ прекршувањата и спојувањата на рудните пластови. Каде, кон што, кон која цел?

Луѓето однадвор видоа: се затресе уште еднаш земјата и урнатината бавно се раздели на две: тулите легнаа на земјата со некое однапред подготвено согласување. Кој плачеше така, кој стоеше блед и без зборови; во тие мигови никој не можеше да биде сигурен.

Кога екипата за спасување пристигна, некој рече:

Едно момче во кратки панталони влезе во зградата пред сосема да се урне.

Кога се урна, тој веќе беше излезен, рече некој друг.

Невозможно, рече некој. Ќе го видевме.

Какво момче во кратки панталони, рече некој. Тоа беше работник во рударска облека. Немаше никакво момче во кратки панталони, викаа луѓето.

Никој не се осмелуваше да појде кон тесната пукнатина помеѓу две бетонски плочи: остатокот од скршениот столб што ги држеше сè уште разделени беше искривен и можеше да попушти секој миг. Тоа беше влез во подземјето, заканувачка пештера со ужасни жители, непредвидлив пат кон смртта или кон новото раѓање.

Од длабочините на земјата одново зарика претпотопно чудовиште тресејќи со опашот: остатокот на столбот попушти, двете плочи се споија. Влезот веќе не постоеше.

 

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.

 

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
300 МКД
4,85 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

16.
Nov.
Рецензии
Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата ...
30.
Oct.
Рецензии
Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и све...
29.
Oct.
Рецензии
„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А по...
24.
Aug.
Литература
Со лежерноста и предвидливоста на филмските ликови од мјузиклот "Мама миа" кои доволно влијаат на изградената петорка во романот "Лето како во...
15.
Aug.
Литература
Ја нарекуваат современата Агата Кристи. Нејзините романи се напнати, интригантни, паметни и заплеткани, но напишани на читлив јазик. 
14.
Aug.
Литература
За сите деца кои сакаат предизвици и логички загатки, ги препорачуваме книгите од серијалот „Загадочни приказни“ од српскиот автор Урош Петровиќ,...
12.
Aug.
Литература
„Фау-2“ е брз трилер што ја спојува фикцијата со фактите од Втората светска војна. Заедно со добро познатата историска приказна за германската ра...
10.
Aug.
Литература
Дали сте помислиле на читањето книги како олимписка дисциплина? Колку време ви треба да прочитате една книга? Во трката со времето и секојдневните обврски, ...
09.
Aug.
Литература
Писателот Александар Русјаков е роден на 9 август 1977 година во Велес... Автор е на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм, к...
08.
Aug.
Литература
Со девет неверојатни приказни, од богатата издавачка понуда на „Арс Ламина“, го одбележуваме Меѓународниот ден на мачките. Станува збор за книги ...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 10.33 MB