Литература

Книги со љубов за Скопје - на попуст од 15%

26.07.2024.
Книги со љубов за Скопје - на попуст од 15%
Книги со љубов за Скопје - на попуст од 15%

… Некаде подалеку, паркетарот од хотелот „Македонија“ го разбуди цела сурија глувци што во панично бегство ја напуштаа зградата. Завивањето конечно запре и тоа ја успа Мици до колепката. Нема да ги слушне, ниту да ги види огромните јата птици што се кренаа кон небото. Гулаби, ластовички, ќосови, врапчиња, чавки, пајки, славејчиња, кукавици, гаврани, гуски, страчки, штркови и по некој галеб. Ќуковите и соколите последни ќе полетаат. Панично ќе се групираат, дури и со друг сој, ќе ги оставаат јајцата што ги квачеле, ќе го затемнат небото на неколку моменти. Кокошките ќе останат да им љубоморат од долу. Нивните крици и трепетот на крилјата ќе разбудат по некој скопјанец. Одеднаш, Мици ја разбуди плачењето на бебето. Врескаше како никогаш дотогаш. Не помагаше ништо. Ја нункаше колепката кога од земјината утроба се чу морничав татнеж. Ѕидниот часовник на приземјето и големиот часовник на Железничката станица, засекогаш ќе останат на пет часот и седумнаесет минути...

Часовникот на Старата железничката станица и денеска покажува 5:17 часот, како нем сведок за катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на кобниот 26 јули 1963 година. Цитатот со кој ја почнуваме оваа објава, е извадок од романот „Зелениот дворец“ од Сибо, издание на „Арс Либрис“ дел од „Арс Ламина – публикации“.  Оваа е една од книгите кои се посветени на Скопје, на неговото минато, на архитектурата, населбите, обичаите и луѓето, и на тој кобен ден, по кој историјата на Скопје се дели на пред и по земјотресот. Скопје е инспирација за многу романи, раскази, песни, цртежи и дизајни. 

Историјата, луѓето, архитектурата и населбите на Скопје се проткаени низ повеќе книги во издание на „Арс Ламина - публикации“, кои само денес се достапни со попуст од 15% книжарниците на „Литература.мк“ во Скопје, и онлајн преку https://www.literatura.mk/proizvodi/ars-lamina/popusti.

Во продолжение е листа со топ 10 наслови во издание на „Арс Ламина – публикации“: современи романи и класици, збирки есеи, стихозбирки, монографии,  интерактивни книги и друго, со кои ја одбележуваме 61-годишнината од катастрофалниот земјотрес.

Покрај „Зелениот дворец“, што е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за 2022 година, во ова одбројување се добитникот на престижното признание „Роман на годината“ за 2022, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ, „Скопски есеи“ од Јелена Лужина,  „Џабе живиш у Скопје“ од Зоран Спасов-Ѕоф, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, класикот „Зора зад аголот“ од Димитар Солев, „Боксерот од Ново Маало“ (добитник на наградата на ДПМ „Стале Попов“)  и „Динга стоп: скопски приказни од Ново Маало“ од Владимир Плавевски, како и монографијата-добитник на наградата „13 Ноември“ во 2019 година „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од фотографката Ерина Богоева, наградуваната книга за деца,  интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ.

 

1.„Зелениот дворец“ од Сибо

„Зелениот дворец“ е роман-временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век и во сегашноста. Во фонот на урбанистичките промени на градот поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење на паралелни универзуми. Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата-дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

2. „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ

Летото 1898 – во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни...

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

3. „Скопски есеи“ од Јелена Лужина

Книгата „Скопски есеи“ од Јелена Лужина е истовремено книга за минатото и за иднината. Во неа, со поглед наназад, авторката ги портретира големците што оставиле трага врз македонската култура, почнувајќи од веќе подзаборавените Јосиф Михајловиќ и Аница Савиќ-Ребац; преку карикатуристот и сценограф Василие Поповиќ-Цицо; драмските писатели Бранислав Нушиќ и Душан Јовановиќ; поетите Светлана Христова-Јоциќ и Матеја Матевски; класичарката Љубинка Басотова и писателката Јадранка Владова; актерката и режисерка Тодорка Кондова-Зафировска, суфлерката Нада Прличкова; големиот Предраг Матвеевиќ, македонистот Петар Кепески и критичарот Димитар Митрев; и конечно режисерот Љубиша Ѓеорѓиевски, веќе култниот Дејан Дуковски и, во последниот есеј, драматургот Коле Чашуле. Но, исто така, покрај тоа што ги спасува овие фигури од срамниот заборав, Лужина ни ги приложува нам, особено на помладите, како образец и идеал, за што сè можат да бидат Скопје и македонската култура. „Природно е и нормално градовите да ги У-својуваме, а не да ги О-својуваме! И обратно: тие да нè У-својуваат нас“, пишува авторката, бидејќи „градовите стануваат ’наши‘ исклучиво поради она ’метафизичко вибрато‘ што го имаат или – просто – го немаат. Тие што некогаш го имале, ама потоа го загубиле.“ Заради оваа книга тоа „метафизичко вибрато“ продолжува да трепери низ сите оние што се сеќаваат и, сеќавајќи се, продолжуваат да творат без разлика на медиумот.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

4.  „Џабе живиш у Скопје“ од Зоран Спасов Ѕоф

„Џабе живиш у Скопје: водич до сигурна смрт од смеење“ е збирка актуелни, изумрени и подзабораени поими, фрази, изрази, идиоми, апсурди, фазони, афоризми, синоними, топоними, акроними, криптоними и многу други „–ними“. Книгава е локализирана у покушај да се долови хајлевел шегобијноста на скопјаните, бидејќи авторот е чврсто убеден дека ние Македонците (заедно со Србите) имаме најбољи хумор у свет. Дел од изразите се користат поише од петсто години, дел стотина, дел од 1945 година, па навака, дел откако Тито го заболе ногата, дел откако Кљусев искочи на бина… Авторот ги реактуелизира со цел да се разбудат и расталасаат некои чувства што дугачко време дремат у латентна состојба. Оваа книга е вивисекција на скопските: (не)култура, историја, менталитет, хумор и јазик, но и одолжување на авторот на неговото Скопје.

Дизајнот на корицата е на стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

5. „Скопјани“ од Гане Тодоровски

„Оваа книга е мал колаж од песни и други стихозборја и тивкозборја, игрозборки и зборограпки, сонофатки и досеќавалки, слова, записи, документи, препеви паметења и уште други зборовни итроштини, врзани исклучиво за Скопје и за скопјани“, ќе напише Гане Тодоровски во белешката кон „Скопјани“, што можеби неслучајно се наоѓа среде срцето на оваа книшка. Низ овие стихувани страници со документаристичка вредност, поетот пее за конкретни теми, објекти и личности сместени во реалистична просторно-временска рамка, каде што опеаното се актуализира. Овде поетската слика е отворена и согледлива, што ја прави оваа поетска збирка комуникативна и читлива и надвор од својот контекст.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

6. „Зора зад аголот“ од Димитар Солев

„За разлика од некои, што се родени со среќа па фрлени на буниште, јас сум роден на буниште и фрлен на среќа. Буништето е меана, а среќата град…“ Вака ја почнува својата приказна безимениот наратор со презиме Колиштрк, кој од безбедната позиција на балконот, каде што се чувствува „ни на небо ни на земја“, низ самоделски перископ од огледалца, го набљудува животот на намерниците во меаната на неговиот татко – „Зора“. Преку симболот на перископот, овој роман – што е парадигматичен за модернистичките тенденции во современата македонска книжевност – автореферира на писателскиот занает. Тоа се потврдува и со последната реплика во романот: „…нема ништо поубаво од убивање на времето; макар и со ѕиркање во туѓи животи, додека не си го имаш својот“. Помеѓу почетната и крајната точка, пак, се простира современа хроника за градот Скопје од втората половина на 20 век, метонимиски претопена во историјата на славната „Зора“ зад аголот, која е и симболичкиот архив на предземјотресно Скопје. Наратор е младиот писател кој живее над градската кафеана во Дебар маало, „Зора“, и со својот перископ ги следи и ги бележи судбините на луѓето кои се гости. Од Славе Вардарец до локалниот лекар, кој е ексцентрик и вегетаријанец. Во секое поглавје, како што вели Читачот, фокусот е на нов лик, но приказните и на другите ликови вешто се испреплетуваат.

Книгата „Зора зад аголот“ од Димитар Солев е реиздадена во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, на издавачката куќа „Арс Ламина“, чијашто цел е овие изданија да се приближат до новите генерации читатели. Корицата на новата верзија е мотив од слика на пријателот и соработник на Солев, уметникот Васко Ташковски.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

7. „Боксерот од Ново маало“ од Владимир Плавевски

Ангел Тотевски, меѓу своите маалци и пошироко попознат како Шуре Катиљ, е прочуен тепач од Ново маало. Прекарот го добива во кланицата каде што работи, оти најбрзо од сите шури јагниња, ама и затоа што е катиљ по душа. Поради проблемите што си ги навлекува со својот терсене карактер, еднаш завршува претепан од милицијата и прибран во затвор. Единствено решение да го скроти својот темперамент е да почне да тренира бокс. Тренирајќи напорно и посветено, Шуре прераснува во боксерска икона на боксерскиот клуб „Вардар“ и гордост на новомаалци. „Боксерот“ е уште едно емотивно четиво на Владимир Плавевски, во кое преку приказната за маалскиот кабадаија Шуре, ги преживуваме сите премрежиња низ кои поминале луѓето во кобните 1962 и 1963 година во Скопје. Романот ја доби престижната награда „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2020 година, што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

8. „Динга стоп: скопски приказни од Ново Маало“ од Владимир Плавевски

Книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново Маало“ од Владимир Плавевски, која содржи носталгични и емотивни реминисценции од старо Скопје, беше промовирана во 2019 година на годишнината од скопскиот земјотрес. Со неа старите скопјани ќе се потсетат на градот пред земјотресот, а новите генерации ќе дознаат каков бил некогашниот маалски живот. Скопската населба Ново маало, за жал или за среќа, сè уште постои и е речиси иста и непроменета како и пред седумдесет години – времето кога расказите содржани во оваа книга биле реалност. Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри. Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни реминисценции за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

9. „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева

Монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи осумдесетина фотографии со објекти изградени по скопскиот земјотрес. Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во овој циклус фотографии на Богоева. Во нејзиниот фокус се 30 објекти создадени во втората половина на дваесеттиот век, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други. Гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова. Во 2019 година, за оваа публикација ја доби престижната награда „13 Ноември“, што ја доделува Град Скопје.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

10. „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ

Интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од авторката Александра Тодоровиќ, со илустрации на Марко Јанев, е посветена на Скопје и неговата историја, поточно периодот под османлиска власт. Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. Првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот. „Дали сте подготвени за една суперавантура, стотици години наназад низ историјата во нашиот главен град, Скопје? Да истражуваш, да се бориш и да се криеш, да бидеш вистински јунак? Оваа книга нема да ја читаш по вообичаен редослед. Низ страниците ќе се соочиш со многу предизвици. Ќе се запознаеш со Скопје и со јунаците од неговото минато кои се споменуваат и до ден-денес, бидејќи со своите дела, храброста и јунаштвото оставиле печат зад себе. А сега, ти си на ред да станеш јунак. Додека се движиш низ страниците на оваа книга, мораш да бидеш многу храбар и мудар. Ако се случи да се изгубиш, не предавај се, обиди се повторно. Книгата секогаш ќе те врати на вистинскиот пат! Со помош на оваа авантура ќе научиш еден дел од историјата што е значаен за нашиот главен град. Тоа е периодот кога градот Скопје бил под османлиска власт. Ќе посетиш многу објекти значајни за тоа време и кои до ден-денес постојат за да нè потсетуваат дека Скопје е град со многувековна традиција.“

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

 

 

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
300 МКД
4,85 EUR
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
250 МКД
4,05 EUR
Sačuvano u omiljne
Есеи 046893
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
390 МКД
6,31 EUR
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
290 МКД
4,69 EUR
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
590 МКД
9,55 EUR
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
290 МКД
4,69 EUR
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
300 МКД
4,85 EUR
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
690 МКД
11,17 EUR
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
200 МКД
3,24 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

16.
Nov.
Рецензии
Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата ...
30.
Oct.
Рецензии
Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и све...
29.
Oct.
Рецензии
„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А по...
24.
Aug.
Литература
Со лежерноста и предвидливоста на филмските ликови од мјузиклот "Мама миа" кои доволно влијаат на изградената петорка во романот "Лето како во...
15.
Aug.
Литература
Ја нарекуваат современата Агата Кристи. Нејзините романи се напнати, интригантни, паметни и заплеткани, но напишани на читлив јазик. 
14.
Aug.
Литература
За сите деца кои сакаат предизвици и логички загатки, ги препорачуваме книгите од серијалот „Загадочни приказни“ од српскиот автор Урош Петровиќ,...
12.
Aug.
Литература
„Фау-2“ е брз трилер што ја спојува фикцијата со фактите од Втората светска војна. Заедно со добро познатата историска приказна за германската ра...
10.
Aug.
Литература
Дали сте помислиле на читањето книги како олимписка дисциплина? Колку време ви треба да прочитате една книга? Во трката со времето и секојдневните обврски, ...
09.
Aug.
Литература
Писателот Александар Русјаков е роден на 9 август 1977 година во Велес... Автор е на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм, к...
08.
Aug.
Литература
Со девет неверојатни приказни, од богатата издавачка понуда на „Арс Ламина“, го одбележуваме Меѓународниот ден на мачките. Станува збор за книги ...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 9.4 MB