Литература

Извадок од „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од Зоран Михајлов во чест на Олимписките игри

25.07.2024.
Извадок од „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од Зоран Михајлов во чест на Олимписките игри
Извадок од „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од Зоран Михајлов во чест на Олимписките игри

Во пресрет на почетокот на Летните олимписки игри, кои ќе се одржат од 26 јули до 11 август 2024 година во Париз, се потсетуваме на успесите на нашите спортисти на најпрестижното натпреварување на светот.

Неуморниот спортски новинар и хроничар Зоран Михајлов (р. 1945 г.) во својата 60-годишна кариера има присуствувано на 15 олимпијади (9 летни и 6 зимски). Во неговата книга: „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“, издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ ги документира ѕвездените моменти на нашите олимпијци, меѓу кои и Шабан Трстена, кој пред точно 40 години го освои златниот медал на Олимпијадата во Лос Анџелес.

Во продолжение ви споделуваме поглавје од „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ во кое Михајлов сведочи за овој историски момент.

 

ГОЛЕМОТО СЛАВЕЊЕ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС

Во прекрасниот калифорниски град, македонските спортисти освоија дури пет медали – Трстена злато и Сејдиу бронза во борење, Реџеповски сребро и Салиху бронза во бокс, Милко Ѓуровски бронза во фудбал.

 

Од борачката школа, а потоа и од клубот Лирија, кои функционираа во рамките на истоименото училиште во Скопје, како печурки изникнуваа и се појавуваа млади борачи на домашната и на меѓународната сцена, кои потоа заминуваа во другите клубови каде што во подобри услови продолжуваа со тренинг под водство на поискусните тренери Ристо Таков, Бојан Рангелов, Насе Насев, Томе Атанасов, Фоти Ѓатовски, Сократ Ефтимов.

Па, така, откако беше откриен Шабан Сејдиу, на експертите не можеше да им побегне од вид уште еден голем талент – Шабан Трстена. За разлика од Сејдиу, овој беше слабичок, но жилав и темпераментен. Во првиот момент сите се посомневавме дека ова момче кое тренираше во училиштето, а со поддршка од големиот ентузијаст Ајруш Синани, може да се развие во борач од највисока класа. Но, како што одминуваше времето сомневањата исчезнуваа.

 

Борачка генерација за паметење

Најпрвин, кон крајот на 70-тите години на минатиот век, Трстена почна да ги освојува првите места на турнирите, потоа на балканијадите, за да стигне до медитеранските игри, европските и светските првенства. На почетокот на 80-тите години Сејдиу и Трстена просто се натпреваруваа кој ќе биде поуспешен и кој ќе освои повеќе трофеи. Тоа беа блескави мигови на македонското борење, кои беа надополнети и со присуството и врвните резултати на штипјаните Киро Ристов и Зоран Шоров. Првиот секогаш беше на врвот, но никогаш не се врати со медал од светските и европските првенства, па така негов највисок дострел се смета бронзата од Универзијадата во Букурешт, додека вториот двапати се искачи на пиедесталот на европските првенства – втор во Велико Трново и трет во Штутгарт. Оваа четворка, кон која се приклучуваа Николовски, Димков, Димчевски, Стоилов, Ефремов, Јанев, Ејупи, Мемеди, беше базата на нашето борење што го афирмираше македонскиот спорт низ сите меридијани во светот.

Веќе не можеше да се замисли ниту една поголема спортска светска приредба без учество на борачите од Македонија. Што е многу побитно, тогаш тие играа значајна улога и беа централни спортски фигури, за разлика од денес кога се само епизодисти. Каде и да се појавеа беа во центарот на вниманието, секогаш меѓу фаворизираните кон кои сите противници гледаа со респект.

Шабан Трстена полека почна да се приближува до Сејдиу со постигнувањата, а имаше еден период кога двајцата освојуваа медали со ист блесок, каков што беше случајот со Европското првенство во Јенчепинг во Шведска, непосредно пред Олимпијадата во Лос Анџелес, кога двајцата се искачија на највисокото место на пиедесталот. Од тој момент почна брзиот подем на Трстена, кој полека ја добиваше истата слава како Сејдиу, за во олимписката 1984 година конечно да избие на водечкото место со освојувањето на златниот медал на Олимпијадата во Лос Анџелес, што беше прв и досега единствен ваков успех на еден македонски спортист на најголемиот светски собир. Тоа беа мигови што секогаш ќе им останат во сеќавањето на љубителите на спортот во нашата држава, а на нив посебно ќе се сеќава тандемот што беше на чело на репрезентацијата – селекторот Насе Насев и докторот Милош Вучидолов, чија помош во клучните моменти, кога борачите требаше да заздрават и да се подготват за потешките битки што следуваа, беше од драгоцено значење. Тој имаше специфичен начин преку кој успеваше да ги освежи спортистите и да им ја врати силата пред новите искушенија.

 

Парлов крева раце, Вучидолов не...

Се сеќавам дека човекот што најмногу придонесе боксерот Реџеп Реџеповски да стигне до олимписки медал во Лос Анџелес беше Вучидолов. Имено, поради вишокот килограми, малку недостигаше воопшто да не настапи на боксерскиот олимписки турнир. Покрај тоа што за боксерите беше задолжен тогашниот селектор – легендата во боксерскиот спорт – Мате Парлов и докторот Остоиќ, Вучидолов не можеше да остане индиферентен кон она што се случува и откако овие двајца кренаа раце и речиси се простија од учеството на Реџеповски на Олимпијадата, тој ја презеде целата работа под своја контрола. Знаеше дека доколку Реџеповски не настапи тоа многу негативно ќе се одрази не само врз него туку и врз македонскиот спорт воопшто. Затоа, веднаш го примени истиот рецепт како кај борачите. Сауната и специјалната лесна храна со многу витамини и жестокиот тренинг во следните два дена го сторија своето. Ангажирањето се исплатеше и на мерењето Реџеповски немаше ниту грам повеќе од дозволената тежина за бантам-категорија. Така, од губитник македонскиот боксер стана победник, најмногу по заслуга на Вучидолов, за потоа да биде славен и пречекан во родното Куманово како вистински херој со сребрениот медал на градите. За успехот на боксерите да биде докомплетиран се погрижи Азис Салиху, кој во најтешката категорија го освои третото место и бронзениот медал.

 

Незаборавното салто на Трстена!

Во исто време беше огромно славењето и во борачкиот дел од олимпискиот тим. Шабан Трстена, кој од млади години молскавично тргна по патот на успехот, нешто слично како Сејдиу, во Лос Анџелес стигна до златниот медал. Во решавачката борба го совлада Јапонецот Сато, за на крајот, по спектакуларната победа да го изведе она уште поспектакуларно салто наназад кое долги години се вртеше во шпиците на спортските емисии ширум светот. Трстена беше вистинско освежување во борачкиот спорт и голема сензација. Малкумина пред стартот во него гледаа фаворит број еден, но на крајот се поклонија пред македонскиот шампион и прв наш олимпиец во еден поединечен спорт, зашто да не го заборавиме и голманот Благое Видиниќ, кој со фудбалската репрезентација стигна до златото во Рим. Шабан Сејдиу и таму беше на ниво. Вторпат го освои бронзениот олимписки медал по оној првиот во Москва, но овој пласман некако падна во сенка на златото на Трстена. И третиот наш борач, Шоров, беше високо пласиран на шестата позиција. Ова претставуваше врвен дострел на македонскиот спорт, кој не верувам дека во блиска иднина ќе може да се повтори. Да се потсетиме дека и Милко Ѓуровски со фудбалската репрезентација стигна до бронзениот медал.

По Лос Анџелес, патот на Трстена му беше ширум отворен. Немаше дилеми, тој беше борач што му припаѓаше на светскиот крем. И натаму се редеа победи на турнирите, балканијадите, а беше прв и на Медитеранските игри во Латакија, во Сирија во 1987, една година пред Олимпијадата во Сеул на која, поради повреда на коленото, во финалето не можеше да се бори со сите сили, па така се задоволи со сребрениот медал. До крајот од кариерата имаше уште едно злато од европските првенства – она во Познањ во Полска. Иако се почувствува дека на почетокот од 90-тите години на минатиот век доаѓа крајот на неговата кариера, тој собра сили, па откако ја испушти Барселона, настапи на Олимпијадата во Атланта. Таму, во продолжение од драматичната борба со Канаѓанецот Сисаури, во една проблематична акција во која тој прв поентираше, за влакно беше поразен. Судиите како да се изгубија во жарот на борбата и го оштетија нашиот репрезентативец, па не помогна ниту жалбата на македонската делегација. На крајот, иако не освои медал, Шабан Трстена се пласира на одличното петто место. Така ја заокружи богатата кариера, пред сè олимписка, со едно злато, едно сребро и едно петто место.

 

Книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
420 МКД
6,80 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

16.
Nov.
Рецензии
Морничав трилер за семејната драма, за вечната имотна борба што има за задача да ја потврди моќта на генетиката. Во романот е отсликана и романса, романсата ...
30.
Oct.
Рецензии
Уште на самиот почеток заедно со Исидора влегувате во една траорна, мачна атмосфера со веста за смртта на нејзината мајка, авангардната, екстравагантна и све...
29.
Oct.
Рецензии
„Најстарото и најсилното човеково чувство е стравот, а најстариот вид на стравот е страв од непознатото“ напиша големиот Харолд П. Ловкрафт. А по...
24.
Aug.
Литература
Со лежерноста и предвидливоста на филмските ликови од мјузиклот "Мама миа" кои доволно влијаат на изградената петорка во романот "Лето како во...
15.
Aug.
Литература
Ја нарекуваат современата Агата Кристи. Нејзините романи се напнати, интригантни, паметни и заплеткани, но напишани на читлив јазик. 
14.
Aug.
Литература
За сите деца кои сакаат предизвици и логички загатки, ги препорачуваме книгите од серијалот „Загадочни приказни“ од српскиот автор Урош Петровиќ,...
12.
Aug.
Литература
„Фау-2“ е брз трилер што ја спојува фикцијата со фактите од Втората светска војна. Заедно со добро познатата историска приказна за германската ра...
10.
Aug.
Литература
Дали сте помислиле на читањето книги како олимписка дисциплина? Колку време ви треба да прочитате една книга? Во трката со времето и секојдневните обврски, ...
09.
Aug.
Литература
Писателот Александар Русјаков е роден на 9 август 1977 година во Велес... Автор е на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм, к...
08.
Aug.
Литература
Со девет неверојатни приказни, од богатата издавачка понуда на „Арс Ламина“, го одбележуваме Меѓународниот ден на мачките. Станува збор за книги ...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.68 MB