Со книжевни настани во библиотеки, книжарници и културни институции во светски рамки деновиве се одбележуваат 125 години од раѓањето на големиoт американски писател – Ернест Хемингвеј. Книжевници, студенти и љубители на неговиот лик и дело, ќе учествуваат на обуки за творење, читање на помалку познати поетски творби, изложби на лични предмети и фотографии, но и на натпревари во пишување, риболов и избор на негов двојник.
Неповторливиот раскажувач, новинар, спортист и боем, добитник на Нобеловата и на Пулицеровата награда за литература е роден на 21 јули 1899 година во Оук Парк, предградие на Чикаго, САД, како второ од шесте деца на Кларенс Едмондс и Грејс Хол Хемингвеј. Својата писателска кариера ја почнува во „Канзас Сити стар“ во 1917 година. Во 1921 година, Хемингвеј се сели во Париз, каде што станува дел од кругот на иселениците на Гертруда Стајн, Ф. Скот Фицџералд, Езра Паунд и Форд Медокс Форд. Неговата прва книга „Три раскази и десет песни“ е објавена во Париз во 1923 година, а по неа следува збирката раскази „Во наше време“, што го одбележува и неговото американско деби во 1925 година. Со објавувањето на „Сонцето повторно изгрева“ во 1926 година, Хемингвеј станува не само гласот на „изгубената генерација“ туку и најистакнатиот писател на своето време. Потоа следува „Мажи без жени“ во 1927 година, кога Хемингвеј се враќа во САД и неговиот роман за италијанскиот фронт „Збогум на оружјето“ (1929).
Во триесеттите години на 20 век, Хемингвеј се сели во Ки Вест, а подоцна и во Куба, но патува многу – во Шпанија, Италија и Африка – и пишува за своите искуства во „Смрт во попладнето“ (1932), неговиот класичен трактат за борбите со бикови и „Зелените ридови на Африка“ (1935), приказна за лов на голем дивеч во Африка. Подоцна известува за Шпанската граѓанска војна, која станува основа за неговиот брилијантен воен роман „За кого бијат камбаните“ (1939), лови со бродови на Карибите и го покрива европскиот фронт за време на Втората светска војна.
Најпопуларното дело на Хемингвеј, „Старецот и морето“, е наградено со Пулицерова награда во 1953 година, а во 1954 година Хемингвеј ја добива Нобеловата награда за литература „за неговата моќна, стилообразувачка вештина на уметноста на раскажување“. Починал на 2 јули 1961 година.
Негови други дела се и „Брзаци на пролетта“ (1926), „Победникот не зема ништо“ (1933), „Да имаш и да немаш“ (1937), „Петтата колона и првите четириесет и девет раскази“ (1938), „Преку реката и во шумата“ (1950) и, постхумно, „Подвижна гозба“ (1964), „Острови во струјата“ (1970), „Опасно лето“ (1985) и „Рајската градина“ (1986).
Одбележуваме 125 години од неговото раѓање со безвременските „Снеговите на Килиманџаро“, „За кого бијат камбаните“, „Сонцето повторно изгрева“, „Подвижна гозба“, објавени во едицијата „Современи класици“, како и лектирното издание на „Старецот и морето“. Книгите, кои се издание на „Арс Ламина“ се достапни во сите поголеми книжарници. Во продолжение се потсетувањата на содржината на овие современи светски класици.
1. „Сонцето повторно изгрева“
„Да уживаш во животот значи да научиш да добиваш онолку колку што си платил и да знаеш кога си го постигнал тоа… Ова ми се чинеше како добра филозофија. За пет години, си мислев, ќе ми изгледа исто толку смешна како и сите други добри филозофии што ги имав.“
Џејк е силно вљубен во Брет Ешли, но во неа се вљубени и Роберт и Мајкл. Преку нивните доживувања, маки и пијанки, од кафулињата и булеварите на Париз, до борбите со бикови и фиестата во Памплона, Хемингвеј ни ја отсликува „изгубената генерација“ – генерацијата на млади и не толку млади луѓе, кои се обидувале да ја потиснат траумата од Првата светска војна преку забава, алкохол, љубов, секс и уметност. „Сонцето повторно изгрева“ е можеби првиот вистински писателски триумф на Хемингвеј. Првпат објавен во 1926 година, овој роман останува едно од највпечатливите модерни книжевни дела, а воедно и незаборавна апологија на една генерација која била принудена да ги отфрли сите илузии на своето време и како што знае и умее да продолжи да живее.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на https://www.literatura.mk/klasici-knjizevnosti/27184-sonceto-povtorno-izgreva
2. „Подвижна гозба“
„Ако сте имале среќа во младоста да живеете во Париз, подоцна, каде и да ве однесе животот, тој ќе остане во вас, бидејќи Париз е подвижна гозба.“
Во овие мемоари – објавени постхумно, во 1964 година − Хемингвеј се навраќа кон своето помладо јас, во времето кога бил непознат писател кој секојдневно талкал низ париските ателјеа, музеи и кафулиња, обидувајќи се да се пронајде како писател. Главните ликови што се провлекуваат низ овие дваесет приказни се денес култните имиња на уметноста и културата на раниот 20 век: Френсис Скот Фицџералд и неговата сопруга Зелда, Силвија Биџ и книжарницата „Шекспир енд компани“, незгодната Гертруда Стајн, благородниот Езра Паунд, вечно пијаниот Жил Паскин, Форд Медокс Форд, Џејмс Џојс и ред други. Книгата „Подвижна гозба“ е еден од најпознатите и најомилените прикази за Париз во дваесеттите години на минатиот век – темел за низа други дела, каков што е филмот „Полноќ во Париз“ од Вуди Ален.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на https://www.literatura.mk/klasici-knjizevnosti/27186-podvizna-gozba
3. „За кого бијат камбаните“
„Ако не си видел како почнува револуцијата во едно мало гратче каде што секој се познава со секого и каде што отсекогаш секој се познавал со секого, ништо не си видел.“
Високо во шпанските планини, скриени во боровите шуми, група герилци се подготвуваат да разнесат мост со важно стратешко значење. Младиот американски доброволец Роберт Џордан е бомбашот кој е испратен да ја изврши оваа задача. За само неколку дена – секој од нив, бескрајно долг – тој ќе искуси цел еден живот. Ќе открие дека дури и една мала, изолирана мисија, извршена од неколкумина, на своите плеќи ја носи судбината на целото човештво. Романот „За кого бијат камбаните“, објавен во 1940 година, веднаш по завршувањето на Шпанската граѓанска војна, е едно од најкарактеристичните дела на Хемингвеј. Втемелен на личните искуства на авторот и неговото длабоко познавање на шпанската култура, „За кого бијат камбаните“ е можеби најпознатиот воен роман на 20 век.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на https://www.literatura.mk/klasici-knjizevnosti/27183-za-kogo-bijat-kambanite
4. „Снеговите на Килиманџаро и други приказни“
„И токму во тој момент сфати дека ќе умре. Одеднаш го преплави мислата; не како наплив на вода или ветар, туку на ненадејна смрдлива празнина, а необично беше што хиената се прикрадуваше нечујно по работ.“
Во збирката „Снеговите на Килиманџаро и други приказни“ можете да ги прочитате едни од најпознатите и највлијателните раскази на Ернест Хемингвеј. Од „Убијците“, првиот зрел расказ на Хемингвеј, преку автобиографскиот „Татковци и синови“, минималистичкиот „Чисто, добро осветлено местo“, па сè до мајсторските долги раскази „Снеговите на Килиманџаро“ и „Краткиот среќен живот на Френсис Мекомбер“, авторот нè води низ Европа, Африка и Америка низ неговиот уникатен свет, полн со насилство, љубов и чест. Прекрасни во својата едноставност, оригиналност и писателско мајсторство, расказите во оваа збирка го претставуваат еден од најдобрите светски раскажувачи во неговото најдобро издание.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на https://www.literatura.mk/klasici-knjizevnosti/27185-snegovite-na-kilimandzaro-i-drugi-prikazni
5. „Старецот и морето“
Раскажана на јазик со неверојатна едноставност и книжевна моќ, приказната за кубанскиот рибар и неговата борба со староста и силите на природата ја плени читателската публика уште од своето издавање во 1952 година. Преку искушенијата на стариот рибар и во проза што ќе ја обележи една цела генерација на американски и светски писатели, Хемингвеј ни зборува за борба од најблагороден вид – борба во која и победата и поразот се еднакво чесни и возвишени – бидејќи она што ги поврзува противниците не е ниту презир, ниту омраза, ниту страв, туку почит и љубов и храброст.
Лектирното издание на „Старецот и морето“, објавено од „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапно во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на https://www.literatura.mk/lektiri-i-citanki-za-osnovno-obrazovanie/27187-starecot-i-moreto