Наградите се потврда за добро сработена работа, сатисфакција за оној што ја сработил. На крајот од еден изоден пат, секоја награда е вкусно освежување среде заслужен одмор. И покрај фактот што тоа е заеднички договор на едно жири (некое друго жири можеби ја доделиле наградата на друг учесник во истата категорија), според писателот Александар Русјаков, „доделената награда на авторот му носи не само емотивно задоволство туку и можност неговото дело, откако ќе биде прогласено за победничко, да го види повеќе публика, оти публиката сака да ги следи наградуваните“.
– За мене „Пегаз“ е посебно значајна, затоа што, реално, тоа е мојата прва книжевна награда. Оваа награда донесе позитивно влијание врз читателската публика. А врз моето книжевно творештво, идејата за награди нема никакво влијание, бидејќи не творам за да бидам наградуван, пишувам затоа што не можам да живеам без тоа, иако, на крајот, доколку се случи делото да биде наградено, уживам во резултатот – вели Русјаков, кој за ракописот „Хотел меѓу две војни“ ја доби наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2021 година. Во очекување на ракописите на новиот конкурс на „Пегаз“ за 2024 година, што го доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“, а кој ќе трае до први јули, разговаравме со Русјаков.
* Поминаа три години по твојот триумф на наградата „Пегаз“. Каква е досегашната рефлексија од читателите за победничкиот роман „Хотел меѓу две војни“?
– Изненаден сум, морам да признам, многу позитивно изненаден. Една од информациите што стигна до мене е дека во библиотека се чекало ред да се изнајми книгата што е вистинска реткост кај нас. И покрај фактот што на мошне чуден начин третирам една љубовна легенда, и тоа за ликови кои постоеле во историјата, а романот не е историски, туку магично реалистичен, реакциите се исклучиво позитивни. Излегоа и неколку критики. Сите позитивни. Можеби тоа треба малку и да ме загрижи, оти и по некоја негативна критика знае да биде корисна, но чувството за добро завршена работа, по толку позитивни критики, станува уште поизразена. А еден ден, кога романот ќе го прочитаат и надвор од границите на Македонија, ќе ја имам вистинската слика за неговиот квалитет.
* Дали има интерес за филмска, ТВ или театарска адаптација, со оглед на тоа што приказната е мошне податлива за „прераскажување“ на друга платформа?
– Јас веќе напишав сценарио според романот, затоа што, да, имаше и заинтересирани за филмска верзија. Но, тука нема да навлегувам во детали, бидејќи долг е патот до таква реализација. Многу долг. Филмот е неверојатно комплексна и скапа играчка.
* Книгата лани влезе во конкуренција за престижната награда Роман на годината, а го доби и „Рациновото признание“. Каков беше патот на „Хотел меѓу две војни“ од „Пегаз“ до добитник на „Рациновото признание“?
– Најважниот пат на едно уметничко дело е оној од срцето на авторот до срцето на читателот, а „Хотел меѓу две војни“, откако пропатува меѓу две книжевни награди, продолжи да го бара својот пат (и добро му оди) кон читателската публика.
* Дали имаш навика да ги препрочитуваш своите дела по објавувањето? Како сега ја доживуваш приказната и пораката од „Хотел меѓу две војни“? Од денеше аспект, дали нешто би променил или би додал?
– Она што е спремно за печатење го препрочитувам пред да почне тој процес. Последни проверки. По излегување од печат јас сум завршил со делото и тоа со мене.
* Интересно е што „Хотел меѓу две војни“ не е првиот ракопис со којшто имаш конкурирано за „Пегаз“ изминатите години. Твоите (веќе добро познати) книги „Албино трип“ и „Курвински хроники“ исто така беа испратени како ракописи и влегоа во најтесниот избор за наградата. Колку тој „чекор до наградата“ ти даваше нов поттик, со следното дело да отидеш во следно ниво? Дали си поставуваше нова, повисока авторска цел?
– Не знам. Можеби. Не сум размислувал за тоа. Кога пишувам, немам зацртана цел. Треба да се избега од приказната што ме напаѓа, да се напише таа приказна, оти втората, па и третата, веќе се тука. Убавината на наградата „Пегаз“ е токму во фактот што се доделува за необјавен ракопис. Тоа е одлична можност авторот да се испроба пред тројца членови на комисија кои ќе дадат свое мислење. Секако, не значи ако делото не влезе во најтесен избор или победи, авторот треба да се откаже од него, бидејќи, како што веќе споменав, тоа постои за публиката.
* Во тек е новиот конкурс за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман за 2024 година. Дали имаш совет за сите што размислуваат да конкурираат?
– Треба да конкурираат. Нема што да загубат. Можат само да добијат.
* Има ли „рецепт“ како се пишува „победнички роман“? Можеш ли да споделиш насоки или препораки, како од идеја, приказната да се преточи во роман?
– Има рецепт. Само треба да си Достоевски и можеби нема да победиш на некој конкурс, ама сигурно ќе ја победиш смртта и ќе продолжиш да живееш низ вечноста. Се шегувам. Не знам, не верувам дека постои „рецепт“ за „победнички роман“. А насоки, како од идеја, приказната да ја преточиш во роман, не знам дали сум вистинскиот човек кој би требало да советува. Мене ме напаѓаат толку многу приказни, што јас најчесто немам идеја како да се справам со времето и да ги раскажам сите.
* Како обично ги пишуваш своите дела? Имаш ли посебен ритуал?
– Сакам да почнам да пишувам рано наутро. Јас сум страстен пушач, ама не палам цигара додека пишувам. Затоа творам во кратки интервали, често станувам, правам нешто кратко, палам цигара, па се враќам над тастатурата. Ама, пишувам приближно осум часа дневно, честопати и повеќе од тоа. Никогаш не пишувам само една приказна. И најчесто, приказната не ја пишувам по ред, мислам од почеток кон крајот. Ако го споредиме пишувањето со градење куќа, знам прво да ги „напишам“ прозорците, па да се загледам низ нив во природата што полека ја создавам наоколу, потоа да се качам на покривот што го кревам над тие прозорци и така од високо да сфатам како најдобро да ги поставам темелите.
Романот „Хотел меќу две војни е достапен во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk/makedonska-knizevnost/29804-hotel-megu-dve-vojni
Шестиот конкурс за книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“ ќе биде отворен до 1 јули 2024 година. Можат да се конкурира со необјавени романи (ракописи), за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ.
Добитникот на наградата ќе биде објавен на 2 септември 2024 година. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.