На денешен ден (1 април), пред 95 години во Брно, (некогашна) Чехословачка, е роден еден од најпознатите современи светски писатели Милан Кундера. Чешкиот автор, кој почина минатата година, зад себе остави богато книжевно творештво, меѓу кои и култните книги: „Шега“, „Смешни љубови“, „Книгата за смеата и за заборавот“ и други.
Издавачката куќа „Арс Ламина“ во 2021 година на македонски јазик објави 16 најзначајни дела од Кундера. Станува збор за сите десет романи („Шега“, „Проштален валцер“, „Животот е на друго место“, „Книгата за смеата и за заборавот“, „Неподносливата леснотија на постоењето“, „Бесмртност“, „Бавност“, „Идентитет“, „Незнаење“ и „Празникот на безначајноста“) и, според него, најзначајните четири есеистички книги („Уметноста на романот“, „Изневерени тестаменти“, „Завеса“ и „Средба“), единствената збирка раскази „Смешни љубови“ и драмскиот текст „Жак и неговиот господар: Почест на Дени Дидро во три чина“. „Арс Ламина“ се зафати со овој значаен и обемен потфат сè со цел да ги ревидира постојните преводи на македонски јазик и да ги реиздаде најзначајните дела на Кундера – според многумина, еден од најзначајните романсиери и, воопшто, интелектуалци на денешницата.
Милан Кундера (1929 – 2023) живееше во егзил во Франција од 1975 година, каде што стана натурализиран државјанин во 1981 година. На почетокот пишува на чешки јазик. Од 1993 година, па натаму тој ги пишува своите романи на француски јазик. Помеѓу 1985 и 1987 година, Кундера извршува ревизија на француските преводи на неговите поранешни дела и, како резултат на ова, сите негови книги се објавени на француски јазик според оригиналниот извор. Како резултат на цензурата на Комунистичката влада во Чехословачка, неговите книги се забранети во неговата родна земја, а тоа трае сè до падот на оваа влада за време на Кадифената револуција од 1989 година. Неговите книги се преведени на многу светски јазици – меѓу кои и на македонски.
Во 1985 година Кундера ја доби наградата „Ерусалим“. Добитник е и на Австриската државна награда за европска литература во 1987 година. Во 2000 година му е доделена меѓународната награда „Хердер“, а во 2007 година државната чешка награда за литература. Во последните години често беше во потесниот избор за Нобеловата награда за литература.
„Под невината надворешност, делото на Милан Кундера е едно од најтешките што можат да се прочитаат денес и јас го употребувам овој збор во неговата најрадикална смисла, што значи дека ова дело претставува предизвик за умот и за срцето крајно тежок за откривање, што неотповикливо нè тера да се прашуваме. Да му се препуштиш, навистина да го прифатиш, е да ризикуваш да си одведен многу подалеку од тоа што отпрвин си го мислел, сè до некаков вид граница на свеста, сè до оној ’опустошен свет‘, каде што на крајот на раскажувањето се открива јунакот на ’Шега‘. Читањето тука навистина е опустошување“, вели Франсоа Рикар во поговорот во „Животот е на друго место“.
Книгите од Кундера се достапни во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку
https://www.literatura.mk/link/mZwycErpiI |