Македонскиот претседател Стево Пендаровски им додели Орден за заслуги на седуммина истакнати уметници, значајни личности, творци од литературата, театарот, филмот и музиката.
Меѓу нив е и Оливера Николова, една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки, кои оставаат траен белег во македонската литература. Трипати ја има добиено наградата на РТВ Скопје и „Струшките вечери на поезијата, како и престижната Змаева наградаза постигнувања во современиот израз на литературата за деца. Николова е трикратна добитничка на наградата „Стале Попов“ за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија, двапати е наградена со Роман на годината, со „Рациновото признание и со наградата „ПрозАРТ 2022“ на фестивалот „Про-за Балканот“ за авторски придонес за развојот на книжевноста на Балканот.
Орденот за заслуги го доби пред својот скорашен 88-роденден, кој претседателот ѝ го однесе лично во нејзиниот дом. Орденот се дава на особено истакнати интелектуалци во различни области, а како што истакна претседателот на државата, таа одамна требало да го добие.
Оливера Николова, која многумина ја нарекуваат „мајка на сите македонски писателки“, ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право може да се смета за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската современа книжевност.
Николова низ разговор со претседателот навести дека можеби ќе има и ново дело по последното објавено во 2019 година.
„И во доцна возраст, да кажам, творите, не се предавате. Дали пишувате нешто поново сега?“, ја праша Пендаровски, а на тоа Николова одговори: „Многупати велам дека го затворам дуќанот, ама пак црвчето работи и така...“
Оливера Николова, која е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка, е родена во Скопје во 1936 година. Целиот работен век го минала во Македонската радио-телевизија како уредник и драматург. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Покрај романите и збирките раскази за возрасни, има објавено и 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и др. Книгата за деца „Зоки Поки“ стана задолжителна лектира во училиштата, преведена е на девет јазици, а според неа е снимена и детска телевизиска серија.
Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, во 2022 година го реобјави целокупното творештво за возрасни од Николова. Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Станува збор за книгите: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке...“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).
Реобјавените книги од Оливера Николова се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, на следниот линк: https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8519