Литература

Харлан Кобен за тоа како настанал романот „Совпаѓање“

25.10.2023.
Харлан Кобен за тоа како настанал романот „Совпаѓање“
Харлан Кобен за тоа како настанал романот „Совпаѓање“

Харлан Кобен е еден од најуспешните писатели на денешницата. Неговите романи се продадени во над 75 милиони примероци ширум светот. Пред неколку години потпиша мултимилионски договор со „Нетфликс“ за адаптација на 14 негови книги во серии и филмови, а во 2022 година со „Амазон прајм“ склопи договор за снимање серија базирана на неговите романи за спортскиот агент и детектив Мајрон Болитар.

Пред три години Кобен го објави романот „Момчето од шумата“ – прва книга во која ги следиме авантурите на јунакот по име Вајлди. Вајлди како момче бил пронајден напуштен во националниот парк Рамапо во Њу Џерси и не знае ништо за своето потекло. Триесет години подоцна, тој по игра на случајот се впушта во комплицирана истрага во пронаоѓањето на две исчезнати тинејџерки. На крајот од книгата читателот сè уште не знае ништо за причините поради кои протагонистот еден дел од животот поминал во шумата.

Неговиот нов роман „Совпаѓање“ е продолжение на серијалот за Вајлди во кој конечно ќе добиеме одговор на сите прашања.

Кобен раскажува дека при пишувањето на „Момчето од шумата“ веќе размислувал за продолжение: „Идејата за двете книги ја добив за време на една прошетка низ шумата Рамапо во Њу Џерси. Искрено, умирав од здодевност. Не сум љубител на пешачењето низ шума. Не ми е јасна поентата. Наидувате на едно дрво, па на друго, па на следното... Прошетката низ град е сосем поинаква приказна. Сакам да се среќавам со луѓе, да ги анализирам нивните лица. Сакам кафулиња, книжарници... И додека така се досадував, шетајќи со семејството, на паралелната патека здогледав едно момче, на пет-шестгодишна возраст, како шета потполно само. Во главата почнаа да ми се вртат прашања: што ако тоа момче живее во шумата, што ако нема родители и провалува во шумски колиби во потрага по храна, што ако по 30 години сè уште не знае како стигнал дотука?

Во романот „Момчето од шумата“ тоа полудиво момче е возрасен човек кому му успева да реши злосторство, но читателот и понатаму не знае како изгледале првите години од неговиот живот. Во ’Совпаѓање‘ ќе ја дознаете вистината за неговото потекло. Но, тоа е само еден дел од приказната, бидејќи сакав да се позанимавам и со други теми. Во последно време гледав многу реални шоуа со моите ќерки и полека почнав да се запознавам со светот во кој учесниците во тие програми стекнуваат инстант-слава, стануваат влијателни, трпат напади на социјалните мрежи, ги малтретираат...

Размислувајќи за сето тоа, си го поставив прашањето: како приказната за дивото момче пронајдено пред 30 години во шумата да го поврзам со овие модерни општествени феномени и сето тоа да го вклопам во една книга? Така настана „Совпаѓање“.

„Совпаѓање“ е вистински кобеновски трилер. Има едно чудо заплети и подзаплети (па, и подзаплети со свои подзаплети) и токму тоа цврсто го држи вниманието на читателот. Кобен објаснува дека тоа е мошне битен дел од неговиот креативен процес. „Пред да почнам да пишувам, во главата ми се мотаат мноштво различни идеи. Обично се трудам да ги запишам сите и на крајот избирам една или две. Овој пат ги искористив сите.“

Меѓу темите што се обработуваат на страниците на овој роман се и предностите и недостатоците на ДНК-тестирањето. Вајлди сака да го пронајде своето семејство и затоа ја праќа својата ДНК во лабораторија. Резултатите покажуваат дека постојат неколку совпаѓања. Во тој момент во игра влегуваат неколку подзаплети. По првата средба со татко му, тој решава да се запознае со други личности со кои дели ДНК и на тој начин доаѓа во контакт со група киберодмаздници, со двојка која се прославила со учество во реално шоу и со еден сериски убиец.

Ништо не е едноставно и сè се одвива мошне брзо. Многу писатели се заплеткуваат кога пишуваат за модерните научни достигнувања, но Харлан Кобен не е еден од нив. Пишувајќи за новите технологии и нивната примена, се служи со едноставен речник и објаснувања: „Особено сум мрзлив кога станува збор за истражувањето. Освен тоа, не сакам да ги оптоварувам читателите со сложени толкувања. Технологијата веќе постои и кај многумина предизвикува страв. Зошто дополнително би ве плашел? Доволно е да знаете дека, кога ќе се пријавите на некоја генеаолошка интернет-страница, ја отворате Пандорината кутија. Можноста за тестирање веќе ја менува нашата перцепција за семејството. Се сеќавам дека во младоста некаде прочитав процена дека низ историјата меѓу пет и десет отсто од татковците не знаеле дека децата за коишто се грижеле не се нивни. Сега можете да го дознаете тоа. Напредокот на науката нè ослободи од недоумиците. Како тогаш од нешто такво да се направи интригантна и интересна приказна? Како да се искористи таа нова технологија за пишување книга што ќе го поттикне читателот да размислува и истовремено ќе предизвика силна емоционална реакција?

Од почетокот знаев како Вајлди заврши во шумата, но морав да го најдам вистинскиот начин тоа да им го откријам на читателите: ја знам својата дестинација, но не сум сигурен како да стигнам до неа, па затоа возам побавно, вртам по споредни улички, правам остри свртувања и сл. Морате да бидете трпеливи, морате да следите сè што се случува, но знајте дека на крајот сè ќе се исплати. Сакам да си поигрувам со очекувањата на публиката – а понекогаш и со своите. Најмногу уживам во моментите кога и самиот себеси ќе се изненадам“.

Книгите на Харлан Кобен: „Бегај“, „Момчето од шумата“ и неговото најново остварување – „Совпаѓање“ – се достапни во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/link/ThCIssMNNl

 

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
490 МКД
7,93 EUR
Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
430 МКД
6,96 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 9.93 MB