Првата официјална посета на Албанија, францускиот претседател Емануел Макрон ја почна со врачување на највисокото одликување на Република Франција – Големиот офицер на Легијата на честа на најзначајниот албански романсиер, есеист и драмски автор Исмаил Кадаре, со официјална церемонија во Палатата на бригадите. Церемонијата се одржа вчеравечер пред највисоките власти на албанската држава, академици и писатели.
Во својот емотивен говор претседателот Макрон направи хронологија на делата на истакнатиот писател, од забранетите и објавените во времето на комунизмот, до барањето азил во Франција, нарекувајќи го поетот на Балканот и рапсодот на Европа.
Националниот ред на Легијата на честа го воспоставил Наполеон Бонапарта во 1802 година. Ова одликување се доделува за заслуга на личности кои имале исклучителен придонес за промоцијата на Франција и на вредностите што таа ги застапува и ги претставува во светот.
Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, под својот импринт „Арс Либрис“ во едицијата „Современи класици“, по првпат на македонски јазик го објави краткиот роман „Куклата“ во 2019 година, а по него, во 2022 година, следуваа „Прогонетата: Реквием за Линда Б.“ и неговиот најпознат роман „Генералот на мртвата војска: единаесет кажувања“.
Трите романи се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку следниот линк:
https://www.literatura.mk/link/8l1xcZSpFk |
Во „Куклата“, Исмаил Кадаре се навраќа во родното Ѓирокастро, заостанато место со утврдени куќи и тесни, кривулести сокачиња во јужна Албанија, за да ни го раскаже неговиот личен однос со својата мајка, која никогаш докрај не успева да ја разбере. „Куклата“ е храбра и впечатлива приказна, што со забележлива доза иронија го опишува младиот човек, кој на извесен начин е стамен во еден променлив свет. Во неколку години тој ја чувствува трансформацијата на неиздржливо задушувачката традиционална средина што води кон заборав на старите вредности што го обележале неговото детство и животот на неговата мајка, Куклата.
Книгата „Прогонетата: Реквием за Линда Б.“ е првпат објавена на албански јазик во 2009 година, а дејството е сместено меѓу бирократската машинерија на долготрајната албанска диктатура. Овој роман е зачудувачки и потресен портрет за животот и за љубовта ставени под надзор, исполнет со мит, лут хумор и со апсурдноста на параноичниот режим. Додека чека да слушне дали неговиот најнов драмски текст ќе биде одобрен за работа, драматургот Рудијан Стефа е повикан на испрашување од комитетот на Партијата. Девојката Линда Б. е пронајдена мртва, а кај неа е откриен потпишан примерок од неговата последна книга. Тој наскоро дознава дека семејството на Линда, што е под истрага, е прогонето во мало место далеку од главниот град и дека таа извршила самоубиство. Под влијание на параноичниот режим, Рудијан се фаќа себеси во надреална потрага да открие што ѝ се случило навистина на Линда Б. Низ слоеви од интриги, нејзината приказна се развива постепено: таа била вљубена во Рудијан од далечина и била подготвена да преземе големи ризици за да му се доближи. Тој е обземен од нејзината приказна и вознемирен поради веројатноста дека е виновен за нејзината судбина.
Истакнатиот албански писател Исмаил Кадаре во светската книжевност се прославува со романот „Генералот на мртвата војска“. Приказната во романот се случува во раните шеесетти години на 20 век, речиси дваесет години по крајот на Втората светска војна. Еден италијански генерал, придружуван од еден свештеник, кој е, исто така, полковник на италијанската армија, е испратен во Албанија за да ги лоцира и да ги собира останките на неговите сонародници кои загинале за време на војната и да ги погребе во Италија. Како што ги организираат копањето и ексхумацијата, така сè повеќе им се наметнува прашањето и за опсегот и за вистинската вредност на нивната задача. Разговорите што се одвиваат меѓу генералот и свештеникот се како за залудноста на војната, така и за бесмисленоста на нивниот потфат. Како што навлегуваат подлабоко во албанската земја, откриваат дека ги следи друг генерал, кој, пак, ги бара телата на германските војници убиени во Втората светска војна. Исто како и неговиот италијански колега, и германскиот генерал е соочен со истите прашања околу неблагодарната работа што подразбира барање останки од мртви војници и организирање на нивното враќање за да бидат погребани дома, при што и тој ја доведува во прашање вредноста на ваквите гестови од наводна национална вредност.
„Генералот на мртвата војска“ првично е објавен во 1963 година, кога авторот имал 26 години. Врз основа на приказната од романот снимени се три филма во Италија, Албанија и во Франција, а има и неколку театарски адаптации. Книгата е вклучена во листата на францускиот весник „Монд“ со топ сто книги најзначајни наслови во 20 век.
Роден во 1936 година, Исмаил Кадаре е најпознатиот албански поет и романсиер. Во 2005 година ја добива првата (инаугурациска) меѓународна награда „Букер“ за творештво на автор кој има силно глобално влијание. Исто така, тој е добитник и на наградата „Принц од Астурија“ во 2009 година, во 2015 година на Ерусалимската награда за слобода на поединецот во општеството, а во 2020 стана добитник на „американскиот Нобел“. Го сметаат за еден од најголемите европски писатели и интелектуалци на 20 век и за универзален глас против тоталитаризмот.
Кадаре е поборник за интернационална демократија и во 1990 година оди во политички азил во Франција. Тој има напишано: „Се зближив со книжевноста пред да ја откријам слободата, па така, книжевноста е таа што ме одведе до ослободувањето, а не обратно. Вербата во книжевноста и во креативниот процес дава заштита. Таа создава антитела што те оспособуваат за борба против државниот терор“. Денес, Кадаре живее во Париз. Неговото име често се споменува во контекст на Нобеловата награда за книжевност.