Петтиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината, ќе биде отворен до 30 септември 2023 година. На конкурсот, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, можат да конкурираат сите необјавени романи наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма во „ворд“ или во ПДФ-формат на електронската адреса pegaz@arslamina.com.
Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.
Победникот ќе биде прогласен најдоцна до крајот на 2023 година.
Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
Наградата „Пегаз“ е востановена во 2019 година, како своевидно продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината. Целта на наградата „Пегаз“ е да прерасне во книжевен скаут во потрага по квалитетно романескно остварување и по нови писателски гласови што ќе го унапредат овој книжевен вид во рамките на македонската книжевна продукција.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021) и „Зелениот дворец“ од Сибо (2022).