Со попусти, подарок-картички за лојалност, добра музика и вкусно кафе, на 19 февруари (сабота), во 13 часот, ќе биде отворена книжарницата „Литература.мк“ во Струмица. Новата кафе-книжарница се наоѓа во центарот на градот, на ул. „Благој Јанков-Мучето“, бр. 4.
Станува збор за прва книжарница на „Литература.мк“ во Струмица, а вкупно осма, по „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“ и „Ист гејт мол“, како и добро познатите продажни места на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Веро центар“ и ТЦ „Буњаковец“ во Скопје и на Широк сокак во Битола.
На денот на отворањето во градот под Царевите кули, присутните ќе добијат подарок-картичка за попусти, а во првата недела од отворањето на книжарницата ќе има 30 % на сите изданија од „Арс Ламина“. Отворањето ќе биде збогатено со музичкиот настап на џез-гитаристите Горан Алиќ и Слободан Ѓошиќ-Боби.
Во „Литература.мк“ во Струмица ќе може да се најде голем избор од белетристиката, книжевноста за деца и стручната литература, од „Арс Ламина“ и други домашни издавачки куќи. Во продажниот простор ќе бидат застапени играчки, едукативни и друштвени игри, колекционерски производи, украси за домот, училишни материјали и богата гифт-програма.
Во рамките на книжарницата ќе има кафе-корнер на „Café Literatura“, каде што за носење ќе може да се нарача едно од најдобрите кафиња кај нас, „Кафе Италија“ (Café Italia).
Ве очекуваме!