Возбудливата историска приказна од интернационалниот бестселер „Минхен“ од Роберт Херис е подлошка за филмот „Минхен: Работ на војната“, кој е достапен на стриминг-сервисот „Нетфликс“. Режисер на филмот е Христијан Швохов, а главните улоги ги толкуваат Џорџ Мекеј, Јанис Нивонер и Џереми Ајронс.
Политичкиот трилер „Минхен“ на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, која го има објавено и „Фау-2“, чие дејствие исто така е сместено за време на Втората светска војна.
Главни протагонисти во „Минхен“ се младите пријатели Хју Легат и Паул фон Хартман, кои се во средината на случувањата на една предвоена дипломатска драма. Хју Легат, британски дипломат во подем на служба во улицата „Даунинг“ бр. 10, е личен секретар на претседателот на владата Невил Чембрлен. Паул фон Хартман работи во Министерството за надворешни работи на Германија – а тајно е припадник на антихитлеровското движење на отпорот. Тие двајца биле пријатели на Оксфорд во дваесеттите години, но оттогаш немаат никаков контакт. Сега, затоа што Хју стигнува со авион како придружба на Чембрлен, а Хартман патува во Хитлеровиот воз од Берлин, нивните животи повторно ќе се вкрстат во Минхен, со навидум катастрофални последици. Роберт Херис прикажува настани со голема историска важност. На сцена ги извадил Хитлер, Чембрлен, Мусолини и Даладје и ги поставил во срцето на напнат, динамичен шпионски трилер за предавството и совеста, лојалноста и измамата, што се случува во периодот на судбоносната минхенска конференција во септември 1938 година.
Романот „Минхен“ е достапен во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.