Арсен Лупен, главниот лик од крими-романите на францускиот писател Морис Лебланк, е инспирација за ТВ-серијата „Лупен“, која се емитува на стриминг-сервисот „Нетфликс“. Главната улога во телевизиската адаптација, која веќе има три сезони, ја игра харизматичниот актер Омар Сај. Тој го толкува ликот Асан Диоп, човек кој е голем фан на славниот џентлмен крадец Арсен Лупен и кој наоѓа инспирација во книгите на Лебланк. Овој мистериозен трилер, создаден од Џорџ Кеј и Франсоа Узан, премиерно беше прикажан на почетокот на 2021 година, по што следуваат уште две сезони. Првиот дел, кој се состои од пет епизоди, е со поднаслов Dans l’ombre d’Arsène („во сенката на Арсен“), што се однесува на инспирацијата на главниот лик. Серијата ја гледале 76 милиони домаќинства во текот на првиот месец, станувајќи најгледаната неанглиска серија на „Нетфликс“ во тоа време. Во другите улоги се јавуваат: Лудивин Сагнер, Антоан Гоу, Суфијан Гераб, Ширин Бутела, Итан Сајмон и други.
Во третата сезона, најбараниот џентлмен крадец во Франција е во бегство, но тој се враќа во Париз... Асан Диоп го планира својот најризичен и можеби најлуд грабеж досега, со кој сака да се одмазди на човекот кој го наместил неговиот татко, кој невин завршил во затвор... Но, додека се крие од полицијата, Асан не може да го поднесе страдањето на неговото семејство (синот Раул и поранешната партнерка Клер) и се враќа во Париз, давајќи им луд предлог: да ја напуштат Франција и да почнат нов живот на друго место. Но, духовите од минатото никогаш не се далеку, а неочекуваното враќање ќе ги преврти неговите планови наопаку.
Арсен Лупен е еден од најпознатите книжевни ликови. Тој е џентлмен, но и елегантен крадец, криминалец – пандан на генијалниот британски детектив Шерлок Холмс. Книгите на Морис Лебланк се објавени на почетокот на 20 век. Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, на англиски јазик објави серијал со девет книги за авантурите на принцот на крадците. Станува збор за насловите: „The extraordinary adventures of Arsène Lupin, gentleman-burglar“, „Arsène Lupin versus Herlok Sholmes“, „Further adventures of Arsène Lupin“, „The confessions of Arsène Lupin“, „Arsène Lupin: The secret of Sarek“, „Arsène Lupin: The eight strokes of the clock“, „Arsène Lupin: The secret tomb“, „Memoirs of Arsène Lupin: The Countess of Cagliostro“ и „Arsène Lupin: The Mélamare mystery“.
Писателот Морис Леблан (11 ноември 1864 – 6 ноември 1941) е роден во Руан, Нормандија, каде што го завршил своето основно образование. По студирањето во неколку земји и напуштање на Правниот факултет, се преселил во Париз, каде што почнал да пишува проза, криминални романи и раскази, кои во голема мера биле под влијание на писатели како Густав Флобер и Ги де Мопасан. Во својата кариера има објавено повеќе од 25 публикации, од кои најпознати се крими-романите со Арсен Лупен. Автор е на кратки раскази што ги објавувал во разни француски списанија, а исто така напишал два значајни научнофантастични романи: „Les Trois Yeux“ (1919) и „Le Formidable Evènement“ (1920). Првата приказна за Лупен ја објавил во списанието „Же се ту“ во јули 1905 година. Поради големиот интерес, Леблан продолжил со објавување на серијата од приказни.
Книгите од Морис Леблан во издание на „Арс Ламина“ се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.