Славниот британски актер и режисер Кенет Брана со три нови филмски остварувања, изминативе шест години ги оживеа најпознатите крими-романи на Агата Кристи. Станува збор за филмските адаптации на „Убиство во Ориент експрес“ во 2017 година, „Смрт на Нил“ (2022) и „Убиство во Венеција“ (2023). Покрај тоа што е режисер и продуцент на филмовите, тој се јавува во главната улога, како славниот детектив Херкул Поаро.
Овој викенд ја препорачуваме новата возбудлива екранизација на една од најинтересните приказни на Кристи – „Смрт на Нил“. И во овој филм (снимен според истоимената книга) на едно место е собрана ѕвездена актерска екипа. Главната улога, покрај Брана, ја толкува Гал Гадот (позната по суперхероските филмови за Вондер Воман), а во другите роли се појавуваат: Анет Бенинг, Арми Хамер, Расел Бренд, Али Фазал, Роуз Лесли, Ема Маки и други.
Во „Смрт на Нил“, на една вечера во Лондон, славниот детектив Херкул Поаро ја забележува убавата Жаклин де Болфор како танцува со својот свршеник Сајмон Дојл, а силен впечаток му остава нејзиниот вљубен поглед во него. Следниот ден Жаклин оди во посета кај блиската пријателка и богата наследничка Линет Риџвеј во надеж дека таа ќе му понуди работа на Сајмон. По само три месеци, Сајмон ја прекинува свршувачката со Жаклин и стапува во брак со Линет. Нововенчаната двојка заминува на меден месец во Египет, каде што истовремено се наоѓа и Поаро. Во хотелот каде што се сместени сите, тој посведочува една немила средба помеѓу двојката Дојл и Жаклин, по што му приоѓа Линет и му се доверува дека откако се венчале со Сајмон, Жаклин де Болфор постојано ги следи во чекор, нешто што станува неподносливо за нив. Иако свесен дека нема да постигне многу, Поаро се обидува да ја вразуми Жаклин да престане да ги прогонува, велејќи ѝ да не си го отвора срцето пред злото. Таа не го слуша, туку напротив, му вели дека постојано фантазира за тоа како ја убива Линет. Случајот добива трагичен тек кога за време на крстосувањето по реката Нил се случува убиство, но тука е Херкул Поаро за да го реши.
Романот „Смрт на Нил“ првпат е објавен од 1937 година. Се работи за приказна што ја обработува темата на љубовниот триаголник, како и љубомората и предавството, па така станува и еден од најомилените на публиката. Ова дело на Агата Кристи било адаптирано за театарската сцена, а исто така има и неколку филмувани верзии, адаптација за радиодрама на каналот „Би-би-си 4“, како и стрип ивидеоигра инспирирани од приказната на Кристи.
„Смрт на Нил“ е еден од најпознатите романи од Агата Кристи. Книгата беше реобјавена како дел од колекционерската едиција, што издавачката куќа „Арс Ламина“ ја публикува по повод стогодишнината од почетокот на творештво на Кристи. Во серијалот има 12 наслови, поделени во два сета. Во првиот се: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“, а во вториот: „По погребот“, „Завеса: последниот случај на Поаро“, „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, „И не остана ниту еден“ и „Златната топка и други раскази“.
Книгата е достапна за во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.