Интервјуа

Маша Колановиќ: Како писател мислам дека секогаш почнувам одново

30.11.2024.
Маша Колановиќ: Како писател мислам дека секогаш почнувам одново
Маша Колановиќ: Како писател мислам дека секогаш почнувам одново

На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Барби од подрумот“ и збирката раскази „Почитувани бубачки и други морничави приказни“, која е дел од едицијата „Порта Европа“ и за која ја доби престижната Европска награда за литература за 2020 година. Стилот на Колановиќ е игрив и стегнат помеѓу обрачот на реализмот и надреализмот, таа пишува и со разумот и со срцето, полнејќи една фистула која не е лесно да се одвои на десно и лево, гнило и здраво ткиво во приказни што истовремено го вџашуваат и одушевуваат читателот. Во книжевниот инсектариум на Колановиќ, мравките и луѓето, барбиките и гранатите, создаваат урнебесен хаос на микрокосмосот на XXI век. Некаде на средината, помеѓу сите тие точки и запирки, се наоѓа обичниот човек, преплашен да премине преку улицата, затоа што светилките на семафорот не се рефлектори од подиумот на кој безгрижно игра, туку одбројување до неговата пропаст.

* За потребите на Вашата книга „Барби од подрумот“ создадовте невообичаен наратор - девојче опседнато со своите барбики, кое поминува низ воен период. Паметно сте ги споиле двете „највпечатливи“ нешта на деведесеттите: барби-манијата и грозоморноста на војната. Во романот детската наивност и барби-треската одлично се вкрстуваат со митот за војната виден преку невините очи. Од секоја барбика сте изградиле карактер, заживувајќи го здравиот начин за децата да ја изучат социјализацијата, играјќи со улоги/кукли. Дали сте имплементирале и автобиографски момент во неа или, можеби, сте прераскажале приказна за некој што го познавате? Или „Барби од подрумот“ е чиста фикција?

- „Барби од подрумот“ е инспирирана од вистински настани.  Впрочем, јас бев малото девојче кое играше со барбики во подрумот за време на војната во Загреб. Многу карактери личат на вистински луѓе, но тоа е точката кога сличностите и имагинацијата преземаат  понатаму. Поважно од прикажувањето вистински луѓе и настани од моето опкружување беше да го прикажам реалниот хорор и апсурдноста на војната кои постојано се навраќаат како бумеранг во гламурозниот, сјајно-розов свет на барбиките. Мешавината од овие две е одговорна за помалку шизоидната и волшебна атмосфера во книгата.

* Иако за некои ваквиот заплет не би изгледал премногу „длабок“ за врз него да се изгради книга, сепак тој е полнослоен и добро истражен. Дали ја истражувавте историјата на секоја барби-кукла (на пример, Tropical Barbie, Aerobic Skipper, Poolside Vacation Barbie, A Day to Night Barbie, United Colors of Benneton Shopping Theresa, Superstar Festival Barbie, Fashion Play Barbie, Crystal Barbie)? Дали постои клучна разлика помеѓу процесот на пишување од перспективата на дете и пишувањето од перспективата на возрасен? Што изгледа потешко, авторот да биде признаен од мини-читател или од зрелата публика?

- Кога бев студентка на Катедрата за компаративна литература, на едно посебно предавање ни беше дадена задача да одбереме наслов за есеј кој би спаднал под полето на културни студии. Јас ја одбрав Барби и се посветив целосно истражувајќи ги куклите како феномен на поп-културата. Тоа беше одлична можност да ја реминисцирам сопствената фасцинација со барбиките и да ја откопам преку студирање на мојата детска икона. Така што, да, ги истражував сите овие верзии на Барби од кои некои беа сѐ уште свежи во моето сеќавање. Исто така наидов на книгата од Ерика Ранд „Barbie’s Queer Accessories“ во која се испитува субверзивното користење на куклите чиј потенцијал е во рацете на потрошувачите - оние што ја користат куклата наместо производителите. Оваа книга беше клучна во градењето на концептот на мојот роман во врска со употребата на Барби. Би рекла дека сето тоа ми помогна да го изградам наративот, задржувајќи го гласот на детето, но и фокализацијата (перспективата), се разбира, се состои од воопштеното знаење.

* Вашите кратки раскази носат модерни идеи во сооднос со мрачно, дури и готско јадро. Тие го вметнуваат традиционалниот амблем, технологијата наспроти верувањата, заедно со суеверијата со кои сме растеле, особено тука, на Балканот. Колку долго трае пишувањето на еден краток расказ? Како приближно изгледа процесот на „книжевно оплодување“, од оформување идеја до реализација?

- Секоја приказна има свој посебен чин на настанување. Понекогаш сум поттикната од настани од реалниот живот кои се „преведуваат“ во приказни, но често имам силна идеја да пишувам за нешто, така што, ги пребарувам најефективните метафори кои ќе ми овозможат да се изразам и да го доловам суштинското.

* Рамнотежата помеѓу гордоста и каењето е слаба, речиси непостоечка. За што најмногу жалите во пишувањето? Кој литературен момент е пресудниот што Ви предизвикува гордост кога ќе го повторувате во умот, одново и одново?

- Претежно сум горда, или подобро да кажам задоволна, кога приказната ќе ме пронајде отколку да ја пишувам во брзање, иако пишувањето исто така е нагон, неопходност и чисто задоволство. Но, да се биде премногу фокусиран на нештата и други работи не овозможува тој глас да се издигне соодветно. Понекогаш тоа е грубата реалност, и во таа битка го наоѓам мојот пат до пишувањето.

* Ја добивте наградата од Европската Унија за литература, како и наградата „Владимир Назор“. Денес, читателите имаат различни мислења за наградите, во некои случаи дури се чувствуваат угнетено поради тоа прашање, без разлика што не се однесува лично на нив, барем тие така го сфаќаат. Сите книги немаат основа да бидат доволно добри за натпревар, а од друга страна има многу книги кои се исклучително солидни и никогаш не добиле награда. Дали наградата е репер за квалитет и долговечност на книжевната сцена? Дали лобирањето за награди за литература е присутно како и кај многу други културни и социјални сфери?

- Наградите се добри за книгата бидејќи привлекуваат внимание кон книгата во јавниот простор. Понекогаш вниманието и квалитетот не се судираат во совршено совпаѓање, но најчесто се судираат. Среќна сум и благодарна за сите награди, но не им дозволувам да ме понесат кон суета. Како писател мислам дека секогаш почнувам одново. Никој не гарантира дека следната книга ќе биде успешна. Не ми е познато лобирањето за награди, сигурно дека постојат и такви книжевни кругови, но верувам дека добрата литература (како и лошата) не може да помине под радарот.

* Во споредба со издавачката индустрија во Америка, кои сѐ клучни точки ни недостигаат во трката за да достигнеме свесност за читањето, како колективно општествено добро, овде „долу“, на Балканот?

- Од суштинско значење е да се промени перспективата во зборувањето за литературата во денешниот свет. Читањето ја губи трката со новите медиуми, но литературата не треба да ја води истата трка, на прво место. Читањето многу често не е само лесно, пријатно и забавно, предизвикува други поважни прашања, како што се напор во преземањето перспектива на другиот и правејќи нѐ почувствителни за сите запоставени и немоќни гласови на постоење, кое е потребно повеќе од што било во денешниот свет.

Разговараше: Јована Матевска-Атанасова

Книгите од Маша Колановиќ во издание на „Арс Ламина“ се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.97 MB